Ако Апелација ја потврди пресудата за Груевски во „Тенк“ тој би моќел кај 20 септември да замине во Идризово. Смислата на инаитењето на Мицковски ќе се растопи во неговите раце како паре мраз во расипан фрижидер а поборниците на евроатланските интграции ќе добијат додатна инерција
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
На многубројните тв канали каде одат емисии со јавување на гледачи по телефон во живот зачестија –така да се рече – подметнувањата околу дилемата дали Груевски заслужил да оди во затвор. Зборот подметнувања доаѓа од таму што обично темата за која се разговара на малите екрани не е врзана за процесот наречен по предметот „Тенк“. Вообичаено, темата за која се отвора дебатата е врзана за референдумот во октомври, но многубројните јавувачи, секако видливо од нивниот интерес, ја „вртат водата“ накај темата за користењето на возилата во јавниот сектор (прва теза) а потоа се оди кон тоа да се прави споредба (Груевски не го однел возилото дома а еве други се возат со службени возила па не одговараат…), која сака да укаже дека други и актуелни се функционерите кои злоупотребуваат службени возила, ама тоа не е Груевски, кој ете треба да одговара, дури и да оди во затвор
Аферите кои се појавија во таа смисла во медиумите, по што уследи и отставка на првиот човек на јавната безбедност, очевидно се добродојдени за да се оди на оваа споредба од типот „Груевски и другите“, која отпрвин личеше дека е дел пд кампања на луѓето од Шампитата, со цел да го банализираат моментот пред други, поважни настани. Ама, диносаурусот лежи во друга грмушка: човекот кој си порача возило вредно 600 илјади евра, на начин кој се нарекува наместен тендер, се изедначува со одење на член на семејство со службено возило на одмор (таткото е сменет) или пак со случај за некој кој наводно заминал во Охрид со службено возило (демантирано дека е точно, се работи за класичен спин). И тоа се прави во мигот кога скопска Апелација објави дека определила два термини за судење, во деновите 30 и 31 август, на кои ќе расправа по жалбата на екс премиерот Никола Груевски, на пресудата за набавка на Мерцедесот односно за случајот „Тенк“.
Да се потсетиме – пресудата е „тешка“ 200 страници. Во случајот „Тенк“ за набавка на мерцедесот Никола Груевски беше осуден на две години затвор, а помошник министерот во МВР Ѓоко Поповски на 6,5 години.
Предметот ќе го реферира судијката Тања Милева, која е судија известител во случајов.
И тука доаѓаме до она што во еден од минатите броеви го нарековме тактика на ВМРО ДПМНЕ – „aut аmnestia, aut nihil“. Објавата на Апелација, која беше за очекување, сега го става Мицковски на врвот на жилетот на Фамилијата. Тој треба веќе да делува поубедливо во своите уцени, особено што крајот на август веќе се гледа! Ако Груевски замине во затвор пред луѓето да заминат на биралиштата за да се изјаснат за референдумското прашање, би се добил додатен стимул да се прифати Преспанскиот договор: дел од твродкорните вмроовски гласачи би ги спуштиле штитовите на земја!
Партискиот врв на ВМРО ДПМНЕ не успеал да донесе конечна одлука на седницата на која се дебатирало за референдумот, која е одржана во четвртокот навечер, на 16 август, што говори за атмосферата во партискиот врв. На седницата на Извршниот комитет која траела 4 часа, дел од членовите ја застапувале тезата дека референдумот треба да се бојкотира затоа што тоа било волјата на мнозинството граѓани, а други настапиле со поумерени позиции – дека ВМРО ДПМНЕ не треба да остане настрана од овој процес и дека треба да повика на гласање.
Член на Извршниот комитет, според медоумите, рекол наводно дека не „преовладал ниту еден став и сите опции останале отворени – бојкот на референдумот, да се повика да се гласа против Договорот со Грција или партијата да не дефинира официјален партиски став, туку да остави гласачите сами да одлучат дали ќе гласаат или бојкотираат. Само опцијата – да се повика на рефрендум и да се гласа „за“ е исклучена.
Деновиве порталот „Сведок“ пишува, повикувајќи се на судиски и владини извори дека во стратегијата која се подготвува за видливост на ефектите на почетокот на скринингот од ЕУ на поглавјето 23 и кампањата за референдумот, предметот „Тенк“ добил значајно место, па на големо се тврди дека казната ќе биде потврдена, а Груевски ќе добие и упатен акт за во затвор во деновите по 20 септември, во финишот пред референдумот за промена на името закажан за 30 септември.
Според истите информации, „Сведик“ се повикува и на позната процедура: Апелациониот суд во Скопје, во Совет составен од 5 судии ќе ја потврди првостепената пресуда на судијката Добрила Кацарска, , поради правилно и целосно утврдена фактичка состојба.Наводно можно било да се интервенира само во висината на казната, па така, неофицијално, казната на Груевски би се намалила до 1,5 година а на Поповски на 5,5 години.
Ова решение за потврдување, со делумно прифаќање на жалбите и интервенирање само во висината на казната било неопходно, зашто секое друго решение ќе значи ослободување од кривично гонење на Груевски: ако се врати прдметот назад на повторно судење, би настапила застареност на делото.
Вака, пресудата би станала правосилна и истата до 15 септември би се доставила до првостепениот суд, кој ќе му ја врачи на Никола Груевски на едно од судењата кои се во тек, а по 20-ти септември, судијата за извршување на санкции ќе издаде и упатен акт за издржување на казната во затвор.
На упатниот акт адвокатот на Груевски има право на барање за одлагање, но сите овие дејствија би се случувале во финишот на планираниот референдум за промена на името, закажан за 30 септември, смета „Сведок“.
Просто човек да не посака да е во кожата на судиите од Апелација кои секако се маркирани одамна како цел на притисок. Фамилијата веројатно не мирува и кон нив. За Мицковски, кој си ја прифати играта да биде „уценувачот“, во ситуација кога е уцената практично упатена кон целата нација, исто така му се стеснува просторот за дејствување. И тој погледнува кон календарот каде се одбележени со црвено деновите од крајот на август. Неговите сопартијци одлуката практично му ја оставаат – нему!