Заради повлекувањето на езерските води, површините кои остануваат на суво се претвораат во мочуриште обраснато со трска, а крајбрежјето станува непроодна џунгла. И додека за Охридското Езеро секој ден се ,,дига прашина”, а Преспанското Езеро, од кое доаѓа главниот доток на води во соседното езеро, никој не го спомнува
МЕТОДИЈА ЈОНОВСКИ
Се поизразитото опаѓање на нивото на Преспанското Езеро во последниве неколку децении, предизвика огромна промена на езерското крајбрежје, која посебно е забележлива ова лето. По целата должина на источниот и северниот брег на Езерото, израсна густа трска, која до пред дваесетина години воопшто ја немаше. Заради нискиот водостој целиот брег е со тиња, а просторот на кој што порано беше езерската вода, сега се претвори во вистинска џунгла од разни грмушки, трње, врби, шевар, трска и тополи.
Доколу повлекувањето на езерото продолжи со ова темпо, а не се преземат превентивни мерки, тоа во догледно време ќе се претвори во една голема бара обрасната со трска и со непроодно крајбрежје налик на амазонската џунгла. Ова дотолку повеќе што водите од Преспанското Езеро понираат под планината Галичица и се главен извор на вода за Охридското Езеро.
Очигледно е неопходно воспоставување посебен режим на водите на Преспанското Езеро. Се чини дека единствено решение е да се намали одливот на водата во Охридското Езеро преку стеснување на понорниците под планината Галичица во еден неопходен временски период, со истовремено намалување на истекувањето на водите од Охридското Езеро во реката Црни Дрим. Да се остави само биолошки минум на вода во Црни Дрим. Со оглед на тоа што дел од Преспанското Езеро и припаѓа на Албанија, таа би требало да има разбирање за намалувањето на водите во Црни Дрим.
Пред повеќе од две децении прашањето на осцилациите на нивото на Преспанското Езеро го актуелизира покојниот Кирил Јоновски, тогашен новинар, публицист, а и екологист од Претор, во својот документарен телевизиски филм на оваа тема.
Ова прашање е подеднакво актуелно и сега, па, покрај другото, е неопходно:
- Трилатерална средба на министрите на надлежните министерства од Македонија, Грција Албанија, како и на градоначалниците на општините Ресен, Герман и Пустец, за актуелизирање на прашањето на Преспанското Езеро, со барање посебни средства за спас на Езерото во рамките на прекуграничниот проект „Преспа парк“.
- Што поскоро организирање меѓународен симпозиум со најпознати стручњаци за хидрологија и хидротехника во напорите за изнаоѓање техничко решение за опаѓањето на нивото на Преспанското Езеро.
- Актуелизирање на ова прашање пред УНЕСКО со оглед на директната поврзаност на Охридското со Преспанското Езеро со барање за вклучување и на Преспаснкото Езеро под заштита на оваа институција на Обединетите нации
- Воведување посебен режим за заштита на водите на Езерото, бидејќи од водата на Преспанското зависи квалитетот на водата и одржување на биодиверзитетот во Охридското Езеро. Ова дотолку повеќе што во внатрешноста на планината Галичица е откриено огромно езеро со вода за пиење, која веќе „злато“ вреди.
Во овој контекст треба да се воведат најстроги мерки за неконтролираното користење на и фрлање амбалажа од пестициди и хербициди кои сега беѕ контрола и мера се користат од преспанските овоштари и стигнуваат до езерските води. Се чини дека фосфатите веќе ги загрозуваат рибите во Преспанското Езеро.
Исто така, неопходно е во туристичката населба Претор, каде што има повеќе ресторани на самата плажа, како и голем број други комерцијални и станбени објекти во населбата, во најскоро време да се изгради колекторски систем, кој станува уште поголема насушна потреба, бидејќи, никнуваат се повеќе нови градби. Исто така, треба да се реши снабдувањето со вода во летниот период, кога водата од водоводот во Претор не се користи за пиење, бидејќи е техничка вода која се црпи од Езерото, а заради неговиот низок водостој, отежнато е и само испумпување на водата.
Почитувани пријатели, да го активираме алармот за спас на нашето Преспанско Езеро. Примерот со Дојранското Езеро зборува дека може да се стори нешто и за Езерото на кое се наоѓаше првата престолнина на Самопиловото царство.