ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
Француско – грчкиот великан, еден од најзначајните европски директори на фотографија на сите времиња, Јоргос Арванитис, е добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300“ на 40-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
По Едвард Ед Лакнам, кој е добитник на Златната камера 300 за животен опус, на претстојното 40 јубилејно издание на Фестивалот „Браќа Манаки“, кое од 14 до 21 септември ќе се одржи во Битола, ќе биде чествуван уште еден великан.
Јоргос Арванитис, еден од најзначајните европски директори на фотографија на сите времиња и уметникот чија дејност ги обликувала филмските визии на генерации синеасти од целиот свет, е добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300“.
Активен и како снимател и како кинематографер уште од 1960-те, лауреатот остварил комерцијален успех во грчката филмска продуцентска куќа „Финос филмс“, уште пред да го започне своето легендарно партнерство со големиот Тео Ангелопулос, одлучно преминувајќи на територијата на уметничкиот филм и конечно преселувајќи се од родната Грција во Франција, неговата втора професионална татковина.
За него ќе биде забележано дека во текот на речиси шесте децении плоден творечки живот „осветлил и обликувал слики со исклучителна убавина во повеќе од стотина играни филмови насекаде низ Европа и во земјите од Медитеранот“.
„Оваа година и двајцата добитници на наградата за животно дело ќе бидат во Битола и Златната камера ќе им биде доделена на отворањето и на затворањето на Фестивалот во градот под Пелистер. На тој начин ќе го означиме почетокот и крајот на 40-тото издание на најстариот филмски фестивал во Република Северна Македонија“, истакнува Евгенија Теодосиевска, директорка на „Браќа Манаки“.
Константинос Прокакис, советник за медиуми и комуникации во Амбасадата на Република Грција, од своја страна не го крие задоволството од изборот на лауреатот, дополнувајќи дека во последно време многу е сторено во односите на двете земји, посебно на полето на културната соработка.
„Во односите помеѓу Република Грција и Република Северна Македонија, во последниот период е постигнато повисоко ниво на наше меѓусебно разбирање и мислам дека филмот и филмската индустрија е многу добра стартна точка. Исто така, многу сме почестени што Фестивалот, како многу позната и со голема историја институција, одлучи да го награди грчкиот кинематографер Јоргос Арванитис, а тоа ја удвојува почеста и за Грција и за добитникот“, вели Прокакис, едновремено најавувајќи нови облици на соработка.
Но, да му се вратиме на лауреатот.
Роден е 1941 година во Дилофо, мало селце во Централна Грција, откако го изгубил татка си, инаку член на Отпорот против германско-италијанската окупација, Јоргос Арванитис со браќата и сестрите многу рано се нашол на улиците на грчката метропола Атина. Најнапред завршил средно образование и работел како електричар, потем и во градежништвото, за наскоро да пројави интерес за филмот и практично започне да го изучува занаетот.
Како кинематографер почнал професионално да работи за славната грчка продукција „Финос филмс“ и таму останал се до 1972 година. Во тој период ја почнува соработката со режисерот, сценарист и филмски продуцент Тео Ангелопулос, формирајќи го убедливо највлијателното партнерство во историјата на грчкиот филм. Започнале со „Емисијата“, сатиричниот филм кој ја добил наградата на Грчкото здружение на филмските критичари на Филмскиот фестивал во Солун 1968 година, по што следувал „Реконституција“ во 1970, дело снимено во црно-бела техника во едно зафрлено село во Епир и творба која им носи прв меѓународен успех (Арванитис ја добива првата од осумте награди за најдобра камера освоени во Солун). Следат 10 играни филмови меѓу кои се наградуваните „Деновите од 36та“, „Патувачки играчи“, „Ловците“, „Александар Велики“, „Патувањето до Китира“ и добитникот на Златната палма на фестивалот во Кан – „Вечност и еден ден“.
За нивната соработка личниот биограф на кинематограферот, италијанскиот филмски критичар Масимо Леки ќе забележи дека „ во Арванитис, меланхоличниот филмски свет на Ангелопулос наоѓа кинематографер кој е способен не само да ги осветли сцените со ненадмината елеганција, туку исто така и да отвори простори преку движењето на камерата и нијансите на боите, да даде текстура и длабочина на сенишните и лаконски ликови кои секогаш се фатени во клинч одејќи по речиси невидливите граници што го одделуваат минатото од сегашноста, реалноста и сеќавањата“.
Подоцна Арванитис соработувал и со автори како Михаел Какојанис и Џулс Дасин, со што комплетно му се предал на уметничкиот филм, за да по падот на грчката кинематографија и под притисок неговата работа да не се претвори во клише и од добиените признанија на манифестациите во Чикаго и Венеција, во 1989 година Авранитис се сели со семејството во Париз, Франција.
Како член на Француското друштво на кинематографери од 1991 година, тој таму ги проширува своите уметнички хоризонти и го става својот визуелен талент во служба на некои од најинтересните филмаџии на европската сцена. Во текот на следните три децении се поврзува со импресивен број на светски познати режисери како Ранда Шахал Сабаг („Екрани од песок“, 1991), Волкер Шлондорф („Патник“, 1991), Жан-Пјер и Лук Дарден („Мислам на вас“, 1992), Марко Белокио („Сонот на пеперутката“, 1994), Агњешка Холанд („Целосна еклипса“, 1995), Горан Паскаљевиќ („Нечија туѓа Америка“, 1995), Марко Ферери („Азотна база“, 1996), Шон Матијас („Свиткан“, 1997), Раду Михалеану („Воз на животот“, 1998), Џонатан Нозитер („Знаци и чуда“, 2000), Амос Гитаи (Кедма, 2002), Фредерок Вајзман („Последното писмо“, 2002), Пантелис Вулгарис („Мостови“, 2004) и Мехди Шареф („Грациела“, 2015). Особено се истакнува и неговата работа со Катрин Бреја: четири филмови за осум години, од контроверзниот „Романса“ (1999) до „Последната љубовница“ (2007).
Конечно, неговата неодамнешна соработка од висок профил, по годините поминати поддржувајќи ги младите таленти како Јасмин Касари („Заспаното дете“, 2004), Томас Клеј („Големата екстаза на Роберт Кармајкл“, 2005) и Џојс а. Нашавати („Слепо сонце“, 2015 година), е со неговиот сонародник, големиот Костас Гаврас. Нивниот нов филм, „Возрасни во просторијата“, работен врз мемоарите на прочуениот Јанис Варуфакис, моментално е во постпродукција.
И, уште нешто. Како претседател на Филмскиот фестивал во Солун во 2015 година, и на Грчкото друштво на кинематографери во 2019, Јоргос Арванитис не престанува со работа. Педесет и три години откако го потпишал својот прв филм како директор на фотографија, продолжува да биде џиновска фигура во европскиот филм.