Мислам дека сигурно треба да се види врската на оваа снимка и тоа што беше објавено од самиот новинар кој проблематично го прикажува целиот потфат
СЛАВИЦА ФИЛИПОВСКА
Обвинителството за организиран криминал и корупција мора што поскоро да ги разреши дилемите во јавноста, кои лица, освен двајцата осомничени досега се инволвирани во случајот „Рекет“. Ова е ставот на универзитетската професорка Беса Арифи која за „360 Степени“ ја коментираше видео и аудио снимката објавена во италијанскиот весник „Ла Верита“. За Арифи, спорно е од каде толкава информираност и на „гостите“ на Камчев, и како воопшто Јанева дозволила да се тргува со влијание преку неа.
„Останува прашањето доколку не е инволвирана, како Катица Јанева дозволила да биде дел од сето ова. Доколку пак е инволвирана, крајно време е Обвинителството за организиран криминал да ја повика на распит, но и во јавноста да ги расчисти дилемите – дали таа е вмешана и доколку има факти за тоа, да се сноси одговорност. Што повеќе ова прашање лебди во јавноста, толку е поризично за институцијата СЈО, но и за владеењето на правото. Не може да протекуваат снимки кои алудираат на тоа дека е вмешана, а да нема реакција“,
вели Арифи за „360 Степени“.
За Арифи зачудувачки е и начинот на кој Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милевски ( Зоки Кичеец) го спроведуваат „рекетот“.
„Најпрвин тоа што беше многу зачудувачки е леснотијата со која се оди до куќата на бизнисменот Орце Камчев, која е под видео надзор цело време. Дали тоа е некаков вид ароганција не знам, но невозможно е да се направи таков крупен чекор на земање на пари од таа куќа, од такво лице, во таков момент, со таква леснотија. Второ, мислам дека сигурно треба да се види врската на оваа снимка и тоа што беше објавено од самиот новинар кој проблематично го прикажува целиот потфат. Ако се погледне и статусот на новинарот, тој се обидува преку случајот Рекет да го прикаже како криминален опфат целиот процес на промена на власта, оформувањето на СЈО и воопшто и промените во државата со помош на ЕУ. Вакво прикажување на нештата е многу ризично. Не може да се зборува за некаков заговор на ЕУ против нашата држава. Затоа е најдобро Обвинителството брзо да реагира и да напредува во истрагата“
вели Арифи.
Aвторот на текстот кој денеска беше објавен во италијанскиот весник „Ла Верита“, Ларис Гајсер на својот Фејсбук профил најави дека ќе ја продолжи сторијата за случајот „Рекет“. Според него денешната објава е само првиот дел кој, како што вели „докажува колку Европската унија, по поддршката за смена на режимот во Македонија, преку ограничување на нејзиниот суверенитет, се залагаше за воспоставување на Специјален јавен обвинител (Катица Јанева), која не само што илегално се меша во политиката, туку и ги рекетира луѓето“.
„…Мафијашки систем, кој работи директно под контрола на високопоставени политичари! Оние политичари, посакувани од ЕУ и од Сорос“, коментира Гајсер на својот Фејсбук профил.
Обвинителството не споделува детали дали им е позната снимката објавена во италијанскиот весник, дали е дел од нивните докази и како протекла во јавноста.