Резултатите од гласањето во вториот круг го наметнуваат заклучокот дека во Скопје функционирала не само предизборната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ/АА/А, туку и постизборната коалиција со партијата „Левица“.
ЖAРKO ТРАЈАНОВСКИ
Честитки до новата градоначалничка на Скопје и да ги исполни сите ветувања. На Скопје му ја честитам новата градоначалничка – независната кандидатка Данела Арсовска, избрана на фер и демократски избори.
Му посакувам на Скопје да има градоначалничка која ќе се придржува на принципите за кои вети дека ќе се придржува: отвореност и инклузивност, професионалност и непартизираност, емпатија, грижа и солидарност, одговорност, економичност и правичност. Му ги посакувам на Скопје и брзите, модерни и трајни решенија за брзо справување со проблемите „кои ќе овозможат пристоен и квалитетен живот за сите скопјани“.
Ѝ посакувам на новата градоначалничка да го реши проблемот со сообраќајниот хаос („Сообраќајниот хаос во Скопје ќе биде минато доколку имаме лесно достапен и современ јавен превоз“).
Ѝ посакувам да го оствари ветувањето за Целосно бесплатен јавен автобуски превоз со 250 нови еколошки автобуси – токму како тие 18-метарските електрични автобуси што ги рекламираше.
Ѝ посакувам да стави крај на урбаниот хаос и да изгради 5 нови мегапаркови во Скопје (не мали, туку мегапаркови – токму такви какви што вети – „по примерот на Градскиот парк“).
Во првите 82 дена го очекуваме ветеното чистење на сите диви депонии, потоа нивно претворање во паркови и претворање на „Вардариште“ во зелена зона со спортско-рекреативни терени.
До крајот на мандатот (пардон, до половина на мандатот, оти Скопје нема време за чекање) очекуваме: гасификација за сите домаќинства, нов објект за скопски саем, најдобар луна парк на Балканот, жичница од Скопје до Средно Водно, изградба на пречистителна станица, изградба на сите ветени коридори и улици, изградба на нова гимназија во Аеродром и два нови објекта за средни училишта, нова градска библиотека, нова Универзална сала, Центар за алтернативна уметност и 100.000 нови засадени „дрва“ годишно.
И сите овие работи, како и стотиците други нешта во програмата, да ги исполни брзо и сигурно, токму како што вети!
Во вториот круг на локалните избори за градоначалник на Скопје на 31.10.2021 имаше 209.447 важечки гласови, неколку илјади помалку отколку во првиот круг на 17.10.2021 кога се гласаше вкупно за 12 кандидати.
Што покажува споредбата на резултатите од локалните избори за градоначалник на град Скопје 2021 од првиот и вториот круг на гласање, по општини?
Како прво, дека независната кандидатка Данела Арсовска значително ја зголемила својата предност во општините каде што ВМРО-ДПМНЕ освои градоначалник во првиот круг на изборите: во Гази Баба (води со разлика од речиси 11 илјади гласа, наспроти 6,4 илјади во прв круг), во Аеродром (води со разлика од точно 10 илјади гласови, наспроти 6.597 во прв круг), во Кисела Вода (води со разлика од 9.440 гласови, наспроти 5.895 во прв круг), во Ѓорче Петров (води со разлика од 5.292 гласа, наспроти 2.694 во прв круг), во Бутел (води со разлика од 2.577, наспроти 378 гласови во првиот круг). Во општина Сарај, каде што во прв круг победи кандидатот на ДУИ Блерим Беџети со 73,10% од гласовите, Шилегов има предност од 5.087 гласа (наспроти 5.681 во прв круг).
Во оние општини каде што се гласаше и за градоначалник на општината во втор круг, Петре Шилегов води со 506 гласа во Центар (водеше со 663 гласови во прв круг) и 7.701 глас во Чаир (каде што водеше со 7.513 гласа во прв круг), додека Арсовска води во Карпош со 2.723 гласа (наспроти 1.867 во прв круг) и во Шуто Оризари со 359 гласови (каде во прв круг водеше Шилегов со 2.086 гласа).
Резултатите од гласањето во вториот круг го наметнуваат заклучокот дека во Скопје функционирала не само предизборната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ/АА/А, туку и постизборната коалиција со партијата „Левица“.
По првиот круг од локалните избори за градоначалник на град Скопје, одржани на 17.10.2021, во вториот круг се пласираа Данела Арсовска со освоени 86.698 гласови (37,68%) и Петре Шилегов со освоени 78.783 гласови (34.24%), а трет беше кандидатот на Левица Перо Георгиевски кој освои 20.610 (8.96%) гласови во првиот круг.
Во вториот круг разликата помеѓу Арсовска и Шилегов е 28.083 гласови, што е зголемување за 20.168 гласа, приближно колку гласовите на кандидатот на Левица, Перо Георгиевски. Шилегов освои 11.9 илјади гласови повеќе од првиот круг, но Арсовска освои 32.067 гласа повеќе, што значи дека покрај гласовите на Левица, Арсовска освоила дополнителни 11.7 илјади гласови од првиот круг.
Ако се споредат гласовите што ги освои градоначалничката Данела Арсовска, со гласовите од претходните локални избори се доаѓа до следниве заклучоци: Данела Арсовска во вториот круг (118.765 гласови) има освоено помалку гласови од Петре Шилегов, кој победи во 2017 во прв круг со 141.164 гласови, има освоено повеќе гласови од Коце Трајановски во 2013 (124.455) и 2009 (112.331) и повеќе гласови од Трифун Костовски во 2005 (96.180).
По вториот круг гласање нови градоначалници во Скопје добија општините Карпош (Стевчо Георгиевски од ГРОМ кој победи со 49,61% од освоените гласови), Чаир (Висар Ганиу од ДУИ, кој победи со 55,24% од гласовите), Центар (Горан Герасимовски од СДСМ, кој победи со 51,88% од гласовите) и Курто Дудуш од ЛДП/ДОМ, кој победи со 51,26 проценти од гласовите. Во 10-те скопски општини ВМРО-ДПМНЕ има градоначалници во 5 (Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Бутел и Ѓорче Петров) ДУИ има во две (Чаир и Сарај), ГРОМ има во една – Карпош, СДСМ има во една – Центар, и коалицијата ДОМ/ЛДП има во една – Шуто Оризари.
Данела Арсовска не е прва градоначалничка на град Скопје, на официјалната страница на Град Скопје се среќава податокот дека „Вера Ацева ја извршува должноста градоначалник на Град Скопје во 1948“.
(civilmedia.mk – опремата е на Глобус)