Јуни целата меѓународна заедница го брка како датум за деблокада на преговорите, па изгледа дека двете држави го подржуваат тој тајминг – вели аналитичарот
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски во гостувањето во „Утрински брифинг“ го коментираше најновиот развој на македонско-бугарските односи и обидите да се дојде до сеопфатен документ со кој ќе се затворат сите политички прашања со Бугарија.
-Ако ги следиме динамиката на односите и тоа што се помеѓу Скопје и Софија, и ако го имаме предвид овој рок јуни, кој како целата меѓународна заедница да го етаблира како конечен, изгледа дека двете држави се во трка да го стигнат јуни. Повеќе имаме средби во последните два месеци, отколку што сме имале во последните две години. Имаме заеднички коминикеа, усогласени ставови, па еден документ…Мислам дека работата се движи накај реална политичка волја за некаво решение, изјави за Утрински брифинг политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Преговорите кои се во тек не се гаранција за успех, но барем постои надеж.
-Тоа се разбира дека не гарантира успех, не гарантира дека навистина ќе се договорат, бидејќи тешките теми се’ уште не се начнати и не се затворени, но разводнувањето на прашањето дава некоја надеж. На тоа се надополнува целата геостратешка ситуација на Балканот па и на целата оска помеѓу поранешниот Варшавски пакт. Веќе не зборува за Балканот како единствено жариште туку за Полска, Украина, Унгарија, Бугарија, Балканот и Турција. Се работи за цела една оска и мислам дека тоа ќе ја електризира меѓународната заедница на поцврст притисок за брзо решение. Тие не можат да си дозволат големи конфликти во светот и таква студена војна како што сега изгледа ова, а притоа на Балканот се уште да не е завршено прашањето за размена на територии со Косово, дали Босна ќе се распадне итн, рече Арсовски.
Тој го коментираше заедничкото писмо кое Северна Македонија и Бугарија ќе го испратат до Брисел:
-Колку што ги разбрав двајцата премиери се работи само за внесувањето на Бугарите во Уставот и дека само за тоа двете држави се договориле да дадат заеднички писмо до Брисел и тоа има логика која е во следното: бидејќи ниту една од овие влади во двете држави не го контрола собранието кое е неопходно за внесувањето во Уставот, Бугарија бара некакви гаранции дека тоа што е договорено ќе биде услов за било која наредна влада. И само во таа смисла има логика. Дали е добро расцепкувањето на прашањата или не, има различни ставови, но реговорите одат во насока на компромис од кој нема да бидат задоволни ниту една од државите меѓутоа натака одат. Мислам дека писмото до Брисел е да се вовлече ЕУ во оваа неопходна промена на Уставот, смета Арсовски.