Во еден момент, појасни титларниот потпретседател на ВМРО ДПМНЕ Николовски, материјалистите, оние што тргнеле по умот, уката и науката на алчното, незаситно и триклето „благоутробиле“ (Чашуле), ги потиснале „преките аскети“ (Конески)-идеалисти во ВМРО-ДПМНЕ, фанатично верни на светата кауза
АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Единствениот човек од ВМРО-ДПМНЕ кој досега, прв и последен пат го изговорил зборот криминалeц во врска паднати, црни ангели на некогашната елита на таа партија беше никој друг туку титуларниот потпретседателот на Мицковски Александар Николовски. Еден, по сè изгледа, човек мошне брз на јазик и бавен на мисла. Зборот му го закачи на архиангелот Сашо Михајлов. Веројатно како прв и најважен во не толку многубројното јато црни ангели на ВМРО-ДПМНЕ.
Не само што некогашниот УБК-архиангел Мијалков е, засега, единствениот криминалец туку, строго земено, криминалци не се ни оние одметнати осуммина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои (до кога?) се влечкаат по судови и одговараат за „теророристичко загрозување на уставниот поредок“, а во цивилниот живот кротко гувеат во тврди парламентарни клупи и гласаат за уставните промени на Заев. Мистериозно освестени и просветлени, тие сега упорно, тивко и стрпливо белат и обелуваа ѕифт-црни ангелски крилца преку процесот бегство од „изолационизам“ на јатотото ВМРО-ДПМНЕ и скок во јадрото-зародиш на идното, модерно ВМРО-ДПМНЕ кое, веќе, на свој начин, го одобри и евро-комесарот Хан.
Дента кога Мицковски со лезет им потпиша отпусна листа на Мијалков како и на осумтемина кои кренаа востание против неговиот „изолационизам“, титуларниот потпретседател А. Николовски даде кратко образложение за јавноста во кое рече дека архиангелот Мијалков станал еден од/во тврдото криминално јадро на Вице Заев, бизнисмен од формат и брат на актуелниот премиер Зоран Заев кого обично ВМРО-ДПМНЕ го опишува како „единствен аболициран криминалец.“
Не сум многу сигурен дали тогаш титуларот А. Николовски го употреби изразот „Панорама-2.“ Еден израз кој, во тековната политичка реторика, означува трансфер на крупни политички ликови со дебели криминални опашки од редовите на ВМРО-ДПМНЕ под водство на пастир Груевски, во редовите на тогаш почесниот претседател Љубчо Георгиевски. Но затоа пак сум наполно сигурен дека токму тоа го кажа. Иако не го кажа во јасна, експлицитна форма. За тоа зборуваат зборовите „очистување“ и „прочистување“ со кои се послужи потпретседателот Николовски за да и објасни на јавноста што била, по суштина, таа чистка на Мицковски. Имено, таа спасувачка чиста како солза кауза на ВМРО-ДПМНЕ од заразата предавство под формата „капитулантски“ договор со Грција.
Не многу потоа уследи една брза и мека корекција на зборот криминалец со кој, титуларниот потпретседател Николовски го оквалификува некогашниот шеф на УБК Сашо Мијалков.
Таа не само брза и мека, туку и добро дозирана двосмислена корекција, елегантно избегна да го спомне и името на Мијалков кој, најверојатно, болно журнат по душа од брзиот и отровен јазик на Николовски, не се лиши од задоволството, во долга епистола упатена лично до Мицковски, да се позанимава со некои опашки на актуелниот вожд на ВМРО -ДПМНЕ. Тој, меѓу другото, го опиша како вешт и единствен универзитетски професор во РМ кој дошол до приватни хидроцентрали, а во време кога ВМРО-ДПМНЕ било на власт.
Двосмислената, брза и мека корекција на титуларот Николовски се состои во блиц-замената на зборот криминалец со зборот материјалист кој е, по значење, спротивен на зборот – идеалист. И тој збор е, во најмала рака двосмислен (ако не и – многусмислен!) со оглед на скриената цел што сакаше да ја постигне титуларот Николовски. Тој збор е многусмислен затоа што идеализам-материјализам едно значи во филозофијата: Хегеловата филозофија е, на пр., идеалистичка, додека онаа на Карл Маркс која го постави „на нозе“ Хегел е материјалистичка; друго во иделогијата на Гоцевото ВМРО-ДПМНЕ: идеалист е, на пр., оној што жртвува живот за кауза; и трето во јазикот на простиот, неграмотен свет: идеалисти се славните комити со пушка в рака, реалисти-материјалисти се оние што му даваат предност на ралото на штета на пушката берданка, „леворвер“ или кама.
Кога потпретседателот Николовски посегна по тој контраст како замена за зборот криминалец за Мијалков, тој не сакаше, за да не си скокне в уста, да се откаже од веќе катапултираната квалификација за паднатиот архиангел Мијалков. Во обичната, тековна реторика, зборот материјалист се врзува за човек кој им дава предност на материјалните погодности на сметка на иделаите. Во еден момент, појасни Николовски, материјалистите, оние што тргнеле по умот, уката и науката на алчното, незаситно и триклето „благоутробиле“ (Чашуле), ги потиснале „преките аскети“ (Конески)-идеалисти во ВМРО-ДПМНЕ, фанатично верни на светата кауза. Од нив, сегашната политичка елита, во која секако спаѓаат тој и неговиот вожд Христијан Мицковски, успеала да се – ослободи.
Таа мизерна понизност која начекала момент да покаже отровен заб, па потоа гласот на болно журната душа како и еден куп други побуди и подбуди го поттикнаа паднатиот, црн архиангел Мијалков да ја активира својата филозофија „каменот доаѓа одблизу“ и да му врати на Мицко со негов камен по негова глава. Уследи една прва, долга епистола на Мијалков. Уследи и втора која, како што сега стојат работите, ништо не отплеткува туку плете и заплеткува како антички Гордиев јазол кој чека – меч. Има, во сето тоа и некои дискретни намигнување до власта на Заев, а со оглед на не многу извесната и светла судска судбина на архиангелот Мијалков. Ама, тоа си е посебна тема која бара други детали.