И покрај намалениот обем на работа Широк сокак ги држи цените по издаден квадрат деловен простор. Но, дуќаните со натпис „се издава“ не можат никого да излажат
Широк Сокак (познат и како „Битолско Корзо“) – најпрометна и најпозната улица во центарот на Битола, со бројни дуќани и локали. Денес таа е строго пешачка улица, а некогаш по неа се движеле и автомобили. На Широк Сокак се наоѓаат најголемите продавници, ресторани, театарот, галерии и многу кафулиња и клубови. Тука се сретнуваат најстарите архитектонски дела и градби на Балканот, коишто го красат градот уште од турско време.
Типично турски куќи, покрај прекрасните вили, не се реткост во овој дел на градот. А на самиот крај на Широк Сокак се наоѓа спортската сала Младост и се влегува во простран цветен парк полн со дрвореди, којшто води до стадионот Тумбе Кафе, зоолошката градина и античкото наоѓалиште Хераклеја Линкестис.
Во 1904 г. пионерите во киното браќата Милтон и Јанаки Манаки купуваат парцела на Широк Сокак, каде што во 1905 г. го наместиле фотографското ателје.
Официјалното име во времето на Османската Империја било „Султание“ или „Хамидие“. Со потпаѓањето на градот под Кралството Србија во текот на Балканската војна во 1913 година, името на улицата е променето во „Крал Петар“, а потоа во времето на комунизмот во Југославија, улицата била наречена „Маршал Тито“.
Но, без разлика како ќе ја наречете, таа е улицата која има видено многу приказни, многу љубовни средби и разделби, солзи кои застанале во грлото, искрени и изглумени насмевки, прегратки кои ја стоплуваат душата, но и прегратки кои ја замрзнуваат душата. На Широк Сокак, секоја плочка крие по една тајна, секоја канделабра била сведок на нечија љубовна бајка, секој балкон крие историја, пишува на пример порталот „…www.hybread.mk“.
Низ незапирливиот тек на времето, Широк Сокак се менувал, облекувал ново руво, дочекувал нови генерации на очиња, но душата му останала иста. Боемска, романтична, на моменти бурна, на моменти, бескрајно спокојна, особено во доцните вечерни и раните утрински часови…
Иако старата градска архитектура е зачувана сѐ до денес, Широк Сокак бил доста шаренолик низ годините кои како светлина минуваат покрај нас и менуваат.
На оној Широк Сокак од пред триесетина години, се присетува битолчанката во зрели години Лилјана која раскажува за Широк Сокак на нејзината младост…
„Целиот беше преполн со продавници. Тоа беа типични продавници за социјалистичкиот период каде се продаваа производи кои се правеа во Југославија и сите работеа до осум часот навечер. Битолските момчиња беа ,паркирани’ по тротоарите, а девојките беа тие кои парадираа по Корзото. Маршутата по која се движеа девојките беше од Епинал до Камениот Мост. Секое друштво си имаше свое место на Широк Сокак. Гимназијалците се собираа под една стара липа пред денешниот ресторан Корзо. Во тоа време, најголем престиж беше да се влези во градската кафеана на хотелот Епинал. Игранките се случуваа во Офицерскиот Дом, каде често настапуваше Мирослав Илиќ кој во тоа време го одслужуваше воениот рок во Битола. Но, за да бидеш присутен на овие игранки, мораше да се биде пристојно облечен, што подразбираше забрана за носење на фармерки на игранка. Се присетувам и на првото кафуле во Битола, тоа беше локалот Мадера, отворен во осумдесеттите, а во тоа време, Битолчани гледаа филмови во дури четири кино: Кино Македонија, Трудбеник, Партизан и Военото Кино.“
На приказната за Широк Сокак, се надоврзува нејзиниот син, Владимир, кој низ растењето го доживеа Широк Сокак во едни поинакви нијанси, но со истиот шарм…
„Широк Сокак, најнапред е радост за секое дете кое штотуку почнало да го осознава светот. Тука се уличните продавачи на големи балони и играчки, шарените излози кои мамат погледи… Од моето детство и часовите поминати на Широк Сокак, сѐ уште го чувствувам мирисот на штотуку испечените кифли од продавницата на Жито Битола. Вистинско доживување за дете од моето време беше и посетата на Стоковната Куќа каде сега има маркет, но и на Млечниот ресторан во Епинал каде служеа превкусни торти и колачи. За разлика од времето на мојата мајка, Широк Сокак сега е доста променет… Има модерни продавници и кафе – барови кои работат до доцна во ноќта, особено за викенд. Парадата на Широк Сокак сега не е привилегија само на девојките туку и на момците и повеќе би му дошла како ритуал во обид да се дојде до слободна маса за да се испие кафе на Широк Сокак. Дење, улицата мириса на кафе и сите локали се преполни, ноќе улицата е резервирана за забава и промовирање на новите модни трендови… На оваа улица, секој си го наоѓа своето место, најмалите кои се радуваат на прошетките, средношколците кои едвај го чекаат училишното ѕвонче за да заминат на Корзо, возрасните кои пијат кафе или пазарат, пензионерите кои испоседнати по клупите раскажуваат за старите времиња и дебатираат за политика и економија… “
Широк Сокак е магија која мора да ја почувствувате за да ја прераскажете. Таа е улица на кафето, на модата, на високите потпетици, на насмевките и заводливите погледи… Таа е улица на фестивали, летни рок – свирки, модни ревии, улица која освојува со архитектурата, цветните тераси, блескавите излози и шармот на битолчанките. Улица која колку и да се менува низ годините, секогаш ќе остане со иста душа… Душа која освојува и која ве тера да се насмевнете…
Традиционално, кон крајот на август и почетокот на септември, градот доживува уште една магија – филмската. Очите на јавноста се вперени кон најголемото филмско случување во земјава, Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Овој фестивал е првиот и најстар светски филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографери. Започна во 1979 година по иницијатива на еден од главните основачи – Друштвото на филмските професионалци на Македонија во соработка со градот домаќин Битола и Кинотеката на Македонија. Годинава, фестивалот ќе се одржува по 37. пат од 10. до 17. септември. Градот полека се подготвува за најголемото случување и ќе ги дочека филмаџиите, актерите и новинарите од целиот свет!
На „Биди виден штрасе“, како што народски се нарекува Широк Сокак во Битола, дури ни катанците кои сѐ почесто се ставаат на дуќаните не ги намалија астрономските кирии. Нема месечна наемнина за дуќан под 2.000 евра, а највисоката се движи до 5.000 евра, како да се работи за локали на познатите улици во Минхен или на париската Шанзелизе.
На годишно ниво тоа би значело 24.000 до 60.000 евра за дуќан на оваа амбиентална битолска улица каде има најголема фрекфенција на движење. Во последниве два месеци на Широк Сокак се затворија десетина дуќани, но тоа ни за евро не го намали месечниот закуп за дуќаните кои се плаќаат во странска валута. Цената на кириите е 11 пати повисока од просечната и 26 пати од најниската во градот. Спротивно на затворањето на дел од дуќаните на Широк Сокак, секоја година имаме ново изненадување со наемнината. Цените растат и немаат никаква економска опраданост. Тие не се во согласност со заработувачката. Ако имаше побарувачка, ќе опстоеја отворени сите дуќани на Широк Сокак“, вели за медиумите Сребре Нечовски, сопственик на локалот „Конект“.
Во изминатиот период на Широк Сокак се затворени одреден број на локали за продажба на брендирана облека, продавници за брза храна и други прозиводи. Наспроти ова ќе се отвори уште едно казино, со што ќе бидат три на оваа улица.
На други дуќани кои се испразниле пишува дека се реновираат, но многумина се сомневаат дека се работи за камуфлажа. За да не пишува дека бараат нов сопственик и со тоа да паѓа цената, се ставаат натписи дека дуќаните се реновираат.
Дел од сопствениците на објекти на Широк Сокак одамна се иселиле во Белград, Софија и во други метрополи. Но, дуќаните ги зачувале како златни кокошки. Дел од кираџиите се жалат дека потрошувачката е намалена поради сиромаштијата на битолчани, а улицата се празни и со иселувањето. Нема официјална статистика колку граѓани заминаа во странство, но неофицијално се споменува дека од 74.000 жители во градот останаа под 60.000.
„Сепак, и во вакви услови наеманините се високи. На пример, еден локал плаќа наем од 3.500 евра, 4.100 евра продавница за чевли, 4.500 евра плаќаше голем бутик со гардероба на два ката кој го затвори бизнисот. Наспроти овие цени, дуќаните кои се сизовски (државни) се издаваат од 5 до 7 евра за квадратен метар или 550 евра месечно“, вели Томе Трампевски, сопственик на локал.
Широк Сокак како да е башка држава во споредба со битолската чаршија. Иако двете локации се оддалечени стотина метри, сепак таму наемнината за дуќаните е десет пати пониска. Во битолската чаршија за сто квадарти дуќан наемнината изнесува од 300 до 500 евра или во просек по пет евра од квадрат.