Судот времено ја забрани продажбата на книгата на Андов за атентатот врз Глигоров
Основниот суд Скопје 2 донесе решение за привремена мерка со кое забрани продажба и располагање на книгата на Стојан Андов „До атентатот и по него“, во која тој имплицира вмешаност на Љубомир Фрчкоски во атентатот на претседателот Киро Глигоров. Решението е донесено по тужба за повреда на личните права Љубомир Фрчкоски, изјави за порталот Либертас, адвокатката која го застапува Фрчкоски, Ирена Фрчкоска.
– Книгата содржи шокантно клеветничка содржина, од најексплицитен вид досега напишана, со која е извршена тешка повреда на личните права на тужителот, повреда на неговиот чест и углед како граѓанин. Сметаме дека штетата е веќе направена со самото објавување на книгата, нејзино пренесување и промовирање во јавноста, но на овој начин тужителот ќе добие морална сатисфакција, за делумно да се намали нанесената штета. Ова е прва одлука кај нас со која се забранува понатамошна продажба и користење на книгата и само ваква одлука во конкретниот случај е правилна и сосема основана и има за цел да ги намали последиците кои настанаа од нејзиното објавување, вели адвокатката Фрчкоска за Либертас.
Решението на судот се однeсува на сите кои вршат продажба на книгата, располагаат со неа и ја нудат на користење како библиотеки, книжарници, издавачки куќи.
Андов во изјава за Фокус вели дека е затекнат од судската одлука.
-Ова е неверојатна работа, од новинарите слушнав дека книгата по наредба на судот е забранета за продажба. Ова прв пат се случува кај нас, апсурдно е. Кај нас се продаваат секакви книги, а мојата ја забрануваат. Не знам што друго да кажам освен дека е голем преседан и бесмислица, изјави Андов за „Фокус“.
– Не ме интересира, јас не продавам книги, издавач е „Матица македонска“ а за сѐ друго со Фрчкоски ќе се разбереме на суд – реагираше исто така Стојан Андов, во изјава за порталот Плусинфо, по решението на Основниот суд Скопје 2 за привремена мерка со која се забрани продажба и располагање на книгата на Андов со наслов „До атентатот и по него“ во која тој имплицира вмешаност во атентатот на Глигоров на Фрчкоски (па и Црвенковски) донесена поради повреда на личните права на тужителот Љубомир Фрчкоски.
Ивон Величковски, претседател на Либералната партија, чиј основач е Андов и кој долги години ја водеше, на својата Фејсбук страница напиша дека одлуката е погрешна и легалистички и политички.
– Без да навлегувам во конечната пресуда по тужбата: Легалистички? До завршување на судскиот спор – погрешно. Политички? Сосем погрешно. Сега ви е јасно зошто не ги поддржувам политиките на оваа влада. Можеби ќе им стане јасно и на оние што се надеваат дека “наведната глава сабјата не ја сече”, напиша Величковски.