КИЦА КОЛБЕ
Во таа ноќ, преполна со ѕвезди, и тие, ѕвездите, трепереа и се движеа. И небото и земјата бучат и татнат, си мислев. Подоцна, возрасните рекоа дека ѕвездите што се движат на ноќното небо се светлата на авионите
Колку и да е Македонија мала, колку и да е сиромашна, таа, особено Скопјани, паметат дека најголемото богатство е кога ќе се отворат срцата во сочувство и поддршка за настраданите. Сега е мигот Македонија да покаже дека е велика во љубовта и милосрдието за тие што страдаат. Таа може да помогне на многу начини, како што тогаш на Скопје му помогнаа многу земји. Најмногу Македонија би помогнала тогаш, кога Македонците би ги отвориле срцата за настраданите во Атина. Кога би ги отвориле домовите, дури за неколку дена, за тие што повеќе немаат дом. Еден малечок знак на чиста љубов и милосрдност има сила да ја победи сета омраза што во изминатите недели како виор ги опфати многу луѓе – и во Македонија и во Грција.
Таквите знаци на солидарност се особено значајни за децата при вакви катастрофи. Паметам дека тогаш, по скопскиот земјотрес, многу градови им понудија престој на преплашените деца од Скопје. Лето е и сега. Време на безгрижниот летен распуст. Лето беше и тогаш, кога земјотресот речиси го уништи Скопје. И кога сиот свет се обедини во солидарноста со главниот град на Македонија.
Македонија би можела да ги отвори портите барем на едно детско одморалиште во Струга, во Охрид или во Преспа за настраданите атински деца. Тие деца тоа ќе го паметат како скапоцен дар. Како што таквата помош бездруго ја паметат и сите скопски деца од летото 63-тата.
Јас бев тогаш дете на 12 години. Ја паметам првата ноќ, онаа на 26 јули.Таа ноќ на стравот, бескраен како море. Тогаш прв пат го почувствував тој длабок, исконски, архаичен страв, што ми го одземаше здивот. Во првата ноќ сите ние, Скопјаните, спиевме надвор. Ние спиевме на голата земја, во дворот. Не знаев што повеќе ме застрашуваше, небото или земјата. Прв пат во животот се плашев од земјата. Се плашев сиот ден да седнам на земја. А ни велеа да седиме, да не стоиме, оти никој не знаеше дали нема пак да има силен земјотрес. Тој ден имаше преку 80 потреси. Јас повеќе клечев, одошто седев на земјата. Татнежот, баботењето под мене ме ужаснуваше. Тој страв, дека повеќе немам цврсто тло под нозете, тој е уште длабоко во мене. Никогаш не го заборавив. Се плашев и од небото додека лежев на земјата во ноќта. Во таа ноќ, преполна со ѕвезди, и тие, ѕвездите, трепереа и се движеа. И небото и земјата бучат и татнат, си мислев. Подоцна, возрасните рекоа дека ѕвездите што се движат на ноќното небо се светлата на авионите. Тие носеа помош за настраданите.
Го паметам тој јули пред 55 години, кога во мугрите зататне стихијата од длабините на земјата. Го паметам блесокот на утрото пред да настапи катастрофата. Никогаш летното утро не блескаше со толку чуден, волшебен блесок. Се‘ беше стишано. Како сета природа да наслушуваше нешто. Немаше птици, немаше звуци. Сиот свет уште спиеше. И токму тогаш зататне нешто стравотно во длабините на земјата. Стихијата го прекина животот на градот така, како што таа сега го стори и во еден дел од Атина. Скопје знае што е солидарност. Верувам дека ќе и‘ помогне на Атина.
(Liibertas.mk)