БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
Зијадин Села: секогаш е тоа така на Балканот- тепањето, особено на жените, тоа е најдобриот знак за покажување љубов, макар ве изнеле на носилка и ви го светнале ковчегот за да имате зошто да се расплакате од таа преголема љубов неискажана и непреболена.
Конечно се спасивме. Добивме вистинска влада, која ќе знае каде ќе не однесе и што со нас сака може да прави, доколку посака, а ќе посакува и сака доволно силно, што ќе не загуши од таа прегратка во која завршивме. Зарем тоа не го посакувавме?
Тоа е влада во која славната и борбена Левица ќе го руши Преспанскиот договор, додека во исто време историски револуционерната ВМРО-ДПМНЕ ќе изјавува дека тој проклет Преспански е жална реалност, од која нема бегање, а во исто време ќе прави се, за да дојде провалијата најбрзо што може, за да нема дополнителни измачувања.
Тоа е влада која е одлична појдовна точка за циркуски жонглирања, во која жената со пет глави залудно ќе ги избегнува ножевите додека не ја масакрираат до последен здив. Добивме влада на долгите ножеви, какво олеснување.
Тоа е исто така влада, во која Зијадин Села, иако се уште ги носи раните и завоите од 27 април, ќе изјавува дека е конечно горд што може да биде уште повеќе тепан, додека не премали, додека не испушти докрај душа и крене раце од саmиот себе. Но, видете, секогаш е тоа така на Балканот- тепањето, особено на жените, тоа е најдобриот знак за покажување љубов, макар ве изнеле на носилка и ви го светнале ковчегот за да имате зошто да се расплакате од таа преголема љубов неискажана и непреболена.
Тоа е влада во која албанските партии Беса, Алтернатива и Алијанса ќе изјавуваат дека единствениот пат на оваа земја се ЕУ и НАТО, додека македонскиот блок Левица и ВМРО-ДПМНЕ ќе прават се за да ги избришат од колективната меморија токму европската иднина и евро-атланските интеграции.
Оваа идна влада е најдобрата опција за предвремени избори, која дополнително ќе ја покаже својата мудрост, зрелост и стабилност, и затоа праведно е да победи и да владее засекогаш.
Веројатно велите- со што заслуживме токму ние ваква влада? Следниот пат, за промена, отворајте им ги очите на лидерите, не онака како што тоа го правевте со Заев, кој се уште живее во убедување дека народот го сака Мицковски и затоа и го заслужува.
Но, кој да му каже на Заев- дека Мицковски на локалните избори не доби навистина повеќе гласови, напротив, тие се дури и помалку, туку Заев ги изгуби гласовите преку распарчување во други партии и независни движења, како и во неизлегување и шкртнати, неважечки ливчиња.
Следниот пат, отворајте им ги очите на лидерите- наместо да го обвинуваат народот, нека разгледаат околу себе кои им биле најважните луѓе, нивните десни раце, кои им ги врзувале и превиткувале нивните сопствени . Оние кои им ги затворале очите, им ги затнувале ушите и им граделе потемкини села од картони и пластични брда и планини, за да им прикажат раскош, сјај и љубов со која се опкружени, за да не видат ништо и никогаш. Дотогаш, можеме само да уживаме во оваа нова влада, која самата се самоуништи, пред и да седне на тронот.