НИКИЦА КОРУБИН
Света Софија не може да биде ниту повеќе христијанска, ниту муслиманска, отколку што е уметничка. Таа е сведоштво за врвот на нашата креативност и интелигенција, таа е наша, колку што е и нивна, таа е универзалноста на духот на космополитизмот. Таа не постои за да произведе вера по одредени норми, таа постои за ние да веруваме во слободата на духот, на ист начин како што нејзините архитекти, верувале дека можат да го постигнат невозможното
Светската убавица. Таа, спојот на иновативноста, совршената техника и апсолутната мистика. Поставена токму таму, каде што е најприродно. Во центарот на светот. Во центарот на Константинопол, Цариград, Визант, Истанбул. Во Градот. Тогаш и сега. Секогаш. Како мерило, репер, што е цивилизација, а што може да биде варварство. И колку е тенка нишката помеѓу. За да знаеме да ја негуваме таа цивилзација, како наша иманентност, како наш показател, зошто велиме дека вредноста е најбитното нешто. И зошто се бориме секогаш за подобро. Затоа што се претпоставува дека знаеме од каде сме тргнале. Но, дали е навистина така? И дали ја познаваме нашата историја? Како оваа сегашност е последица на некоја причина? И кој е тој генијален ум што ја замислил и изградил Света Софија, за таа потоа да биде фактичката моќ со векови наназад, каде се креирала историјата, а која денес може да стане фактички предмет на класична злоупотреба? Како потсетник, дека незнаењето е секогаш во име на другите, бидејќи знаењето нема употребна вредност за површниот популизам и приграбена реалност. Тоа е Аја Софија денес, алатка за пресметка, наместо симболот создаден од неа, Византија.
Има еден момент во историјата кој е оставен сам на себе. Да се изгуби полека во заборавот или да се идентификува со еден аспект, повторно религиозноста. Тоа е момент кој трае речиси 10 века, тоа е нишката на континуитетот и тоа е отстапката од правилото. Тоа е Исток, ама не е муслимански. Тоа е допирот на Истокот со Истокот на единствено можниот начин, како комуникација и интеракција, како размена на цивилизација, како борба за истата, со сите мрачни, но пред се светли моменти. Тоа е Византија. Но, не е тоа исклучиво христијанската Византија, иако Западот и тој примат го презеде. Тоа е Византија логичниот след на Антиката. Тоа е Византија вечниот потсетник за варваризмот на Западот, тогаш кога тоа беше реалност. Тоа е Византија трансферот на се што е вредно од достигнувањата на античкиот свет, заедно со истиот ислам кој имаше доблест да зачува иако не се согласува. Тоа е Византија една од базичните цивилизации на светската историја. Таа Византија не беше уништена од моќните муслимани од Багдад, Сирија или Египет на 10-от век, таа беше уништена од гневните, исфрустрираните и немоќните западни крстоносци, беше уништена од ,,браќата христијани,, беше уништена во име на христијанството, децениски разорни и ѕверски варварства, во фаталниот судир на цивилизации. Да се знае дека кога денес варварството се покажува во својот примордијален и радикален облик, проблемот е онолку сложен колку што е внимателно негуван сите овие години. Бидејки зло, може да произведе уште поголемо зло. Бидејки жртвата никогаш не заборава. И да се знае дека патот до варварството е пократок отколку што може да се претпостави со незнаењето. Ние цивилизираните ги негуваме варварите во своите редови. Со негирање, присвојување и уништување. А, злото има име. Глумење на нормалност.
И во времето на најголемиот вознес и прогрес, имало драматични настани. Почетокот на Византија го обележува тој, го викаат последниот римски император, Јустунијан. Градител, воин, владетел. Кодификаторот на римското право, до ден денес основа на она што го нарекуваме правен систем, ,,владеење на правото,, и декларативно жестоко се бориме за него. Всушност, токму организираниот систем на живот, подразбира цивилизација. А, тоа е урбанизацијата, писменоста и уметноста, односно културата. Сето тоа Јустинијан го создал на едно место. И покажал што значи зборот цивилизација. Ја пренесувал антиката, со секој свој потег, иако мислел дека создава во името на новата религија. И создал непријатели. Побуната ,,Ника,, е еден од најдраматичните настани во историјата на Византија. И токму тогаш се раѓа новата Света Софија, онаа која во видоизменета форма низ годините, но суштински иста, се уште е белегот на тој магичен град. Изградена е на местото на стариот храм, посветен на божјата мудрост, нов, но со манирите на современост која секогаш одново ги изненадува, скпетиците и софистите. Бидејќи локацијата и била во урбано подрачје, власта најпрво морала да даде огромни средства за да го откупи земјиштето од приватните сопственици. Дефиниција за организиран, урбан живот, налик на сегашниот, во 6-от век од нашата ера. Авторите, архитекти се Исидор од Милет и Антемиј од Трал, кои во следните четири години до 537 година од нашата ера, ќе го изградат архитектонското чудо, четвороаголен храм со монументална централна купола со дијаметар од 31 метар, над средниот брод, кој до ден денес претставува вистинска генијалност и ремек дело, на архитектурата, градежништвото и урбанизмот, без преседан. И имало тајни се разбира, но тие биле дело на архитекти со искуство, знаење и брилијантност: куполата лежела на четири носечки масивни камени столба, залиени со цемент и споени со железо, за да ја држат таа грандиозна конструкција. А, таа куполата била изградена од посебен материјал, бел порозен цреп од Родос, за ,,на висина од 55 метри, да делува чудесно и застрашувачки, како да не почива на камена градба, туку како да виси на златен ланец, кој се спушта од небото,, ќе рече Прокопиј во својот опис. Ентериерот е посебна приказна, приказна од бајките, осум пурпурни столбови од Рим, осум столбови од зелен мермер од Ефес, неверојатни украси до Кизик, Троја, Атина. Сето споено на едно место, во храмот, во центарот, на светот, на светската култура, на светското културно наследство. И оттогаш па се до денес, сите со огромна почит и восхит влегувале во неа, црпејќи го највредното нешто, уметноста на создаденото, цивилизацијата која не прави тоа што сме. Била доградувана со текот на времето, до 1453 година, била центар на источното христијанство, кога била пренаменета во џамија, а во 1931 година, е прогласена за споменик на културата. Денес, таа е токму тоа, светско културно наследство, неверојатен сведок на брилијантната цивилизација на Мала Азија, таа лулка на толку светски цивилизации.
И токму тука е проблемот. Неможноста за нејзино присвојување, за нејзино радикализирање и враќање таму каде што никако не може денес да биде нејзиниот дом, практикувањето на религијата. Тоа всушност е главниот и еклатантен пример, на тоа што е всушност тоа „културно наследство“ и каков е нашиот однос кон него. Што значи тоа заштита и негово пренесување во времето, во автентичен облик, кој дошол до нас, а наша единствена обврска е како таков да го зачуваме и пренесеме. Тоа флагрантно непознавање, придонесува за нашиот примитивен однос кон културното наследство, каде го гледаме нашето застрашувачко ниско ниво. Обични варвари, кои неписменоста ги става на другата страна на историјата, на рушители, а не градители. И, не, не е светоста на овие храмови во нивната религиозност, туку во нивната фасцинантна уметност, култура која ја имала таа ,,религиозна,, основа во духот на тоа време, да го покаже најдоброто и најхумано нешто, на тие градители и уметници. Да покаже дека светот е спој на нашата умешност, умешност да создаваме и истражуваме. И затоа секогаш јавното е пред приватното, а верската определба е приватна определба. И затоа и Света Софија не може да биде ниту повеќе христијанска, ниту муслиманска, отколку што е уметничка. Таа е сведоштво за врвот на нашата креативност и интелигенција, таа е наша, колку што е и нивна, таа е универзалноста на духот на космополитизмот. Таа не постои за да произведе вера по одредени норми, таа постои за ние да веруваме во слободата на духот, на ист начин како што нејзините архитекти, верувале дека можат да го постигнат невозможното. Дали нашето ,,невозможно,, денес, стана зачувувањето на културното наследствто, кое некој пред нас го создал? Дали нашиот најголем градителски подвиг ќе биде да зачуваме, заштитиме, научиме? Да ја прочитаме историјата, да ја разбереме културата, и да се обидеме да бидеме на правата страна. На цивилизацијата. Примитивизмот секако го пробавме, а и секогаш може да му се навратиме, бидејки искуството лаконски брутално вели, се создава долго, а се руши за миг. Мигот е речиси пред нас, ова е последната шанса да го спасиме нашето културно наследство. Со знаење, со мудрост, мудроста на Аја Софија.