Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

АЈДЕ ДА ЗБОРУВАМЕ ЗА „УБАВИ“ РАБОТИ?

December 16, 2025 Filed Under: Колумни

ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ

Во понеделник се затвора трезорот за буџетски плаќања, кој зел плата зел, кој не – ќе чека.
Може ли поубаво, повесело и попразнично да ни биде?

Нема што тука да се отвора дебатата за евентуалниот увоз на лица од Велика Британија.

Како тоа, ви се молам?!

Темата има да се поедноставува и заматува.

И така натаму…

Секоја критика се лепи со етикетата „против мигранти“, иако суштината воопшто не е таму.

Проблемот не е во луѓето, туку во моделот што се турка тивко, без сериозна јавна расправа, без јасни одговори, за тоа што се договарало и за евентуалните последици.

Што беше муабетот што запали коментари на кои се испозалепија саморегрутирачки врескачи што не дочитуваат:

„Проблемот со „мигрантите“ што Велика Британија би ги испраќала во Македонија не е во тоа дека се мигранти, туку во фактот дека станува збор за лица кои британските институции веќе ги оцениле како неподобни за азил – од различни причини. Британските медиуми јасно пишуваат дека дел од тие случаи се поврзани со нерешен правен статус, сомнежи, безбедносни процени или претходни прекршоци, што ја става Британија во ситуација да не смее да ги прифати кај себе, а од друга страна не може да ги депортира во земјите од кои избегале. Причината е што тие земји се сметаат за небезбедни, па присилната депортација би носела правни последици за Лондон…“

Уште во време на Блогерај не сум практикувал да дополнувам, да дообјаснувам што сум напишал или да влегувам во бесконечни коментари и реплики, оти сум многу внимателен кога пишувам за сериозни теми и гледам максимално да ги скратам текстовите за да може секој да ги прочита.

Другото е – или ме читаш и знаеш кого читаш или не ме знаеш, па бадијала ти е.

Исто како што е бадијала да кажувам дека сум борец за човекови права и активист за глобализам откако знам за себе.

Што пишав и за што зборувам.

Зборувам против моделот на увоз на луѓе кои веќе се одбиени во други демократски држава поради безбедносни, криминални или проценети ризици, а не дали треба општо да примаме мигранти или не.

Го пишав тоа врз база на дебати во неколку британски медиуми кои ја отворија темата за праќање на мигранти од Британија во Македонија.

И си кажав став врзан за тоа.

Тоа е краток мој политички став, а не како што некој се обиде да ми извртува дека сум бил против мигранти.

Во политички дискурс многумина (намерно или не) ја мешаат: легалната миграција, азилантското право, ресетлмент програмите и депортациите на лица со висок ризик, за да ја претстават секоја критика како „омраза“. Тоа е евтин реторички трик. И верувајте дека не помага на каузата на глобализмот туку напротив. Се иссилуваат непотребно работите и стануваат недостапни, несварливи, да не речам одбивни за луѓето што не сакаат толку да навлегуваат во проблематиката. Ама нејсе, тоа се разлики во пристапот, ама не смеат да бидат разлики во суштината.

Инаку, лесно е да се извади дел од контекст и да се манипулира со тоа. Наместо да се цитира целата теза, ја превртија приказната наопаку.

Јас зборувам за системот, а не за луѓето, но луѓето со слаба медиумска култура го извртеа тоа, се надевам не намерно, ами од недочитување или од непочитување.

Иако јас сум центар па лево, овој мој став не е ни десно, ни лево.

Ова е стандард на безбедносната политика во ЕУ.

Ајде уште еднаш:

Македонија треба да прима мигранти, како и секоја современа држава, но да не прифаќа лица што други демократски држави ги оцениле како ризични,

И за последен пат:

Македонија треба да има хумана и современа миграциска политика и да ги почитува човековите права. Но не смееме да се согласиме за увоз на лица кои се одбиени за азил во други демократски држави поради безбедносни, криминални или сериозни ризици. Тоа не е став против мигрантите, туку став за безбедност, правна држава и фер третман.

Кога зборував со моите блиски пријатели за тоа, дали сум бил јасен во постот, ми потврдија, но и ми рекоа дека токму од тие причини (да не ги разберат погрешно) избегнуваат да зборуваат на темата.

Еве јас не избегнувам теми за да не им оставам бришан простор на екстремистите (и левите и десните).

Па нека пукаат нема да ми е прв пат.

Во меѓувреме, Премиерот ни, нè укорува дека сме му реметеле празнична атмосфера.

„Ајде да зборуваме за убави работи, празници се ближат“, рече пред некој ден Премиерот на прес-конференција, укорувајќи новинари за поставени прашања за мигрантите од Британија и за начинот на кој медиумите во Македонија известуваат.

Јас навистина не знам како се осмелуваат новинари да му упатуваат незгодни прашања на Премиерот?

Стварно!

Како си дозволувате тоа?

Кога сме кај „убавите работи“, што секојдневно ни се случуваат – ден после тоа напаѓач упадна во просториите на редакцијата на Инфомакс, со јасна намера физички да се пресмета со новинари. Не метафорички, не преку говор на омраза на социјални мрежи – туку директно се засилил скотот да тепа новинари, во редакција, лице в лице.

Еј, супер, Премиере.

Додека повикувате на празничен дух и убави теми, во реалноста ни се упаѓа во редакции и се обидуваат да се тепаат новинари.

Ако ова не е „убава работа“, не знам што е.

И најпресно – во понеделник се затвора трезорот за буџетски плаќања, кој зел плата зел, кој не – ќе чека.

Може ли поубаво, повесело и попразнично да ни биде?

 

Filed Under: Колумни

КOЛКУ ВРЕДИ ЗБОРОТ НА МИЦКОВСКИ?
СПАСОВСКИ ЗА МИГРАНТИТЕ: ОПРАВДАНИ СЕ СТРАВУВАЊАТА, ПОСТОИ СОМНЕЖ ЗА ТАЕН ДОГОВОР
ДАЛИ ИСТРАГАТА ПРОТИВ ПОРАНЕШНATA ЕВРОПСКA КОМЕСАРKA ЌЕ ГО  ВКЛУЧИ СРПСКИ ТЕЛЕКОМ
СЕРИОЗНИ ПОТРЕСИ ЗА ОРГАНИЗАТОРОТ НА СЛЕДНАТА ЕВРОВИЗИЈА
МАРК РУТЕ: НИЕ СМЕ СЛЕДНАТА ЦЕЛ НА РУСИЈА

Најново

  • КOЛКУ ВРЕДИ ЗБОРОТ НА МИЦКОВСКИ?
  • СПАСОВСКИ ЗА МИГРАНТИТЕ: ОПРАВДАНИ СЕ СТРАВУВАЊАТА, ПОСТОИ СОМНЕЖ ЗА ТАЕН ДОГОВОР
  • ДАЛИ ИСТРАГАТА ПРОТИВ ПОРАНЕШНATA ЕВРОПСКA КОМЕСАРKA ЌЕ ГО ВКЛУЧИ СРПСКИ ТЕЛЕКОМ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet