Југоисточно од центарот на Скопје се наоѓа споменикот на природата „Катлановски предел“, подрачје кое во 1991 година е заштитено со Одлука на Собранието на Град Скопје. Поради бројните нарушувања на природата ова подрачје повеќе не ги исполнува критериумите за заштитеност

ДАРКО АНДОНОВСКИ
Шумата од дива фоја, која го зафаќа најјужниот дел од подрачјето, има реликтен карактер, бидејќи, потекнува од шумски иглолисни заедници со терциерна старост, кои за време на глацијалниот период исчезнале од средниот дел на европскиот континент. Воедно, оваа шума го зафаќа и најсеверниот ареал на распространување на дивата фоја во Македонија и на Балканскиот Полуостров.
На околу 26 километри југоисточно од центарот на Скопје се наоѓа споменикот на природата „Катлановски предел“, подрачје кое во 1991 година е заштитено со Одлука на Собранието на Град Скопје. Поради бројните нарушувања на природата во изминативе три децении ова подрачје повеќе не ги исполнува критериумите за заштитеност, па во тек е процес за негово репрогласување, но на помала површина. За потребите на репрогласувањето изработена е соодветна студија за ревалоризација на вредностите, како и анекс на студијата, со кои се утврдуваат новите граници на подрачјето, кое гравитира главно околу долниот тек на реката Пчиња, па соодветно, ќе носи и нов назив – Споменик на природата „Долна Пчиња“.
Во рамки на зонирањето на заштитеното подрачје предвидени се два локалитети кои исполнуваат критериуми за строга заштита, со вкупна површина од 275 хектари, од кои најголемиот дел или околу 96 отсто, отпаѓа на шумата од дива фоја.
Шумата од дива фоја, која го зафаќа најјужниот дел од подрачјето, има реликтен карактер бидејќи потекнува од шумски иглолисни заедници со терциерна старост, кои за време на глацијалниот период исчезнале од средниот дел на европскиот континент. Воедно, оваа шума го зафаќа и најсеверниот ареал на распространување на дивата фоја во Македонија и на Балканскиот Полуостров. Вакви шуми во нашата земја има на мали и ограничени површини и се сметаат за ретки и значајни. Дополнително, шумата од дива фоја е препознаена како потенцијално Натура 2000 подрачје кое ги исполнува условите од Анекс 1 од Директивата за живеалишта, како клучно подрачје за заштита, а идентификацијата и заштитата на ваквите подрачја се задолжителен предуслов кој како држава треба да го исполниме при евроинтегративниот процес.
Иако се направени студии за ревалоризација, а Општината Петровец во 2023 година донесе одлука со која на Министерството за животна средина и просторно планирање му предлага репрогласување на подрачјето, тоа сѐ уште не е направено.
Дивата фоја (Juniperus excelsa) е зимзелено дрво кое припаѓа на семејството чемпреси (Cupressaceae) и родот смреки (Juniperus). Ширум светот е позната како Грчка смрека, а кај нас како дива фоја, лоша оја или оја. Од познатите помеѓу 60 и 70 видови смреки во светот, во Македонија, покрај дивата фоја, се застапени уште 5 видови, меѓу кои се модрата, црвената и планинската смрека, питомата фоја и смрделиката.
Ареалот на распространување на дивата фоја како автохтон вид ги зафаќа подрачјата на земјите од источниот Медитеран, Кавказ, Црно Море, Турција, како и јужниот дел од Балканскиот Полуостров. Во зависност од климата може да се сретне на надморска височина од 30 метри (на Крим), па до преку 2000 метри, во најјужните ареали на распространување.
Во Македонија ја има на ограничени површини и во предели каде има постојано присуство на зголемена релативна важност во воздухот, како на пример, покрај езерата или во клисурите на реките. Кај нас највпечатлива е шумата од дива фоја на островот Голем Град, а како најсеверен ареал на нејзино распространување се смета шумата во околината на селото Кожле, иако поединечни стебла и фрагментирани состоини може да се сретнат и на планината Жеден.

Во однос на надморската височина, во Македонија дивата фоја главно се простира во распон помеѓу 100 и 600 метри, на островот Голем Град до височина од 900 метри, а многу поретко може да се сретне на височини до околу 1.100 метри. Иако расте во предели со субмедитеранска клима, со високи температури и мала количина на врнежи, сепак тоа речиси секогаш е на места во кои се задржува висока релативна влажност на воздухот.
Дивата фоја е ксерофитен вид, што значи дека е прилагодена да егзистира на изразито сушни места. Најчесто вирее на каменити и варовнички предели со многу плитка почва, при што кореновиот систем во буквална смисла продира низ камењата, ги дроби и распукува и тука се зацврстува со своите жили.
Дрвата на дивата фоја се со широкопирамидален хабитус и растат до максимална височина од околу 25 метри, а во наши услови најчесто до околу 15 – 20 метри. Кај помладите растенија крошната се развива уште од самата основа на дрвото, а кај постарите примероци има јасно издиференцирано стебло со пирамидална крошна со хоризонтални и многу еластични гранки.
Обликот на дрвјата од дивата фоја варира и со местоположбата на растење, па така, примероците кои растат на карпести отсеци имаат карактеристична чадореста форма со која се издвојуваат од останатата вегетација и делуваат многу атрактивно.

Стеблото на фојата се одликува со многу мал годишен прираст, со тесни годови кои можат да се видат при напречен пресек. Ова го прави дрвото изразито цврсто, набиено, еластично и многу трајно. Кората му е карактеристична затоа што се лупи во вид на каиши, а се одликува и со изразена огноотпорност. Инаку, овој вид е многу долговечен и кај нас може да се сретнат стебла кои се стари и по 250, 300, па дури и 500 години.
Размножувањето на дивата фоја во природата се одвива речиси исклучиво по генеративен пат, односно со семе кое се наоѓа во плодовите од фојата кои се нарекуваат голбули. Карактеристично за семето на фојата е дека многу тешко ‘рти, односно има изразена дормантност, па за од него да се развие ново растение потребно е да помине низ дигестивниот тракт на птици или други животни, каде неговата лушпа омекнува и полесно може да из’рти.
Шумата од дива фоја во новопредложеното заштитено подрачје „Долна Пчиња“ се простира претежно на десниот брег на реката Пчиња, долж нејзиното течение низ Бадарската Клисура, почнувајќи некаде на околу 500 метри јужно од селото Бадар, па сѐ до вливот на Пчиња во Вардар. Вкупната површина на зоната на строга заштита со која е опфатена оваа шумска состоина изнесува 263,7 хектари.
За оваа шума се смета дека има реликтен карактер, бидејќи потекнува од шумски иглолисни заедници со терциерна старост, кои за време на глацијалниот период исчезнале од средниот дел на европскиот континент, а тука опстанале. Дополнително, таа претставува и важен хабитат за други значајни животински и растителни видови, поради што е препознаена како потенцијално Натура 2000 подрачје кое ги исполнува условите од Анекс 1 од Директивата за живеалишта, како клучно подрачје за заштита.

Законска рамка со која би се официјализирала заштитата на ова подрачје и би се одредил орган кој ќе управува со него, би придонела за подобра контрола и одржување на шумата, а со тоа и зачувување и одржување на природниот состав на видовите, нивна природна обнова, како и обезбедување и одржување на условите за поволна состојба на зачуваност на живеалиштето во целост. Ова е особено значајно бидејќи токму ова подрачје е едно од најсеверните точки на простирање на дивата фоја и во глобални рамки, што секако е од значење за науката и следењето на генезата и понатамошниот развој на шумските екосистеми.
(doma.edu.mk)