ИВИЦА ЧЕЛИКОВИЌ
Поимот Балкан кој го следат низа предрасуди ќе се празни од својата пежоративна содржина зависно од брзината со која ќе се одвиваат натамошните евроинтегративни процеси
Исходот на изборите во Црна Гора, претходно и на изборите во Македонија, во добар дел покажаа дека балканизацијата како тренд и понатаму ги карактеризира состојбите во регионот. И тоа посебно кога станува збор за состојби на расцепканост, поделеност и заостреност на судирите на интереси внатре во државниот, но и во поширок регионален контекст, со компликувани изгледи да дојде до спогодбено решение. Тешкиот процес на нормализација на односите меѓу Србија и Косово и меѓунационалните односи и политичката парализа во Босна и Херцеговина, јасно зборуваат во прилог на пошироката слика за таквите состојби.
За разлика од Европа, европеизмот, кој се дефинира себеси како „не-Балкан“, поимот балканизација, како синоним за руинирање, дојде особено до израз по крвавиот распад на поранешна Југославија. Очекувањата беа големи дека ЕУ ќе создаде мир на Балканот преку прием на поранешните југословенски републики во европската заедница. Но, наместо тоа, денес сè почесто се зборува дека всушност и самата ЕУ се „балканизира“.
Меѓу ЕУ и Балкан во многу нешта и понатаму постои асиметрична корелација. Целиот Западен Балкан цврсто се држи до својата стратегиска определба за зачленување во ЕУ. Присутен е стремеж и од двете страни најпосле да дојде до меѓусебна интеграција, но кога тоа би можело да се случи е сè уште недифинирано како временска рамка. Или, како што тоа Брисел обично го означува, Западен Балкан има јасна „европска перспектива“. Преговори за членство се во тек во регионот, но, како што тоа се покажува во случаjот на Македонија, со чести одложувања и дополнителни рестрикции.
Еден аспект во контекстот на историскиот развој на ова прашање се чини е од посебна важност. Интеграцијата и проширувањето на Унијата кон Исток подразбира и утврдување на еден нов идентитет, не само во регионалчна смисла, туку пред сè кога станува збор за еден нов европски идентитет. Балканскиот идентитет најчесто се истакнува и користи пежоративно за да се означи во контраст со европскиот, од каде што и се повлекува линијата на разлика кога Западна Европа се идентификува себеси. Затоа и не може да се заобиколи прашањето во колкава мера интегрирањето на Балканот во ЕУ ќе може да придонесе кон јакнење на хомогеноста во Европа, без која Унијата би стоела на климави нозе.
Факт е дека поимот балканизација често се користи така што поттикнува негативни претстави. Во пресрет на реферндумот за независност на Шкотска, поранешниот шведски премиер и министер за надворешни работи, Карл Билд, кој беше и специјален пратеник на ОН за Балканот, тврдеше дека плебисцитарното изјаснување на Шкотланѓаните би можело да води кон балканизација на британските острови. Многумина изјавата на Билд ја протолкуваа како застрашувачко потсетување на воените судири и страдања по дисолуцијата на југословенската федерација.
Таа изјава на Билд предизвика и низа критики. Беше поставено прашање дали Билд би изразил жалење затоа што Ирска се отцепила од Обединетото кралство во 1921 година и со тој чин ја започнала „балканизацијата“ на британските острови? Или можеби жали поради распадот на Шведско-норевшката унија во 1905 година, како и осамостојувањето на Исланд од Данска во 1944 година. Дали нордискиот регион со тоа станал тешко „балканизирано“ подрачје со 25 милиони жители, поделени во пет суверени држави? И дали некој би можел да верува дека една таква „балканизација“ во нордискиот регион всушност влијале на зголемување на ризиците од продлабочување на конфликти и избувнување воени судири?
Дали и Брегзит, или, пак, стремежот на Каталонија за осамостојување од Шпанија би требало да се третираат како разграноци на процесите на „балканизација“ на Стариот континент, или нивното толкување ќе продолжи да зависи од диоптријата низ која во даден момент ќе се прекршат перспективите на гледање на нештата од страна на политичкиот врв на ЕУ?
Балканизацијата, значи, не треба секогаш да се смета за отворање на патот кон конфликти и војни, особено во големите држави, сојузи и унии, во чии рамки постојат историски спротивставени интереси и тешко решливи тензични односи. Сегашната политика на поттикнување стравови и на национално самообезбедување ги разорува вредностите кои Европа сака да ги зачува. Затоа многумина предупредуваат дека Европа во затворени национални држави е најлошо решение. Само ако државите на Европа имаат смелост да станат повеќенационални, европската идеја ќе има иднина. Тогаш и „балканизацијата на Европа“ помалку се сфаќа како сценарио за пропаст, туку добива и демократски предзнак.
Поимот Балкан кој го следат низа предрасуди ќе се празни од својата пежоративна содржина зависно од брзината со која ќе се одвиваат натамошните евроинтегративни процеси. Тоа што со право се очекува е дека во Македонија преговорите за ЕУ-членство ќе го интензивираат процесот на прифаќање и имплементирање на норми и правила, на европските вредности, со кои значајно ќе биде потисната сегашната целосно деструктивна дебата на поттикнување поделби и нетрпеливост врз база на партиска или етничка припадност, при што смислата на самата дебата околу најважните развојни прашања во државата добива смисла исклучиво преку чувствителните рамки на идентитска припадност кон групно спротивставени интереси. Оној што ќе се осмели да застане на „погрешна страна“ ризикува да биде ексклудиран.
Но посакуваниот европеизам во таква атмосфера останува придушен од балканизацијата, сфатена токму преку нејзиниот деструктивен и – понижувачки имиџ.