И зошто Македонија ја нема во „периметарот“ на САД? Особено ако се има предвид јавно демонстрираната политичка блискост што премиерот Христијан Мицкоски и дел од владините претставници ја имаат со Доналд Трамп и неговата администрација

ЈАНЕ ЃЕОРГИОСКИ
Иницијативата „Одбор за мир“ (Board of Peace), промовирана од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, за неколку дена се претвори во еден од најконтроверзните дипломатски потези на новиот трансатлантски циклус. Иако формално беше претставена како механизам за стабилизација на состојбата во Газа, брзо стана јасно дека иницијативата има поширок политички и геополитички опфат, што отвори сериозни дилеми во Европската унија и пошироко.
Реакциите од Балканот се особено индикативни. Дел од државите брзо ја прифатија поканата и се приклучија, други влегоа во фаза на правна и политичка проценка, трети експлицитно одбија, а за некои – меѓу кои и Македонија – досега нема добиено покана. Токму затоа, балканските одговори нудат јасна слика за тоа како регионот се позиционира меѓу лојалноста кон САД, усогласеноста со ЕУ и чувствителноста кон улогата на Обединетите нации.
Кои земји од Балканот се поканети – и како реагираа?
Бугарија е меѓу првите земји што ја прифатија иницијативата и официјално се приклучија. Според извештаи на Ројтерс и регионални медиуми, Бугарија, заедно со Унгарија, беше меѓу ретките членки на ЕУ што веднаш потпишаа, со што испрати јасен политички сигнал за подготвеност да учествува во новата структура. Во истиот пакет се споменува и Косово, кое, иако не е членка на ЕУ, се приклучи со силна проамериканска реторика и јавно истакна дека го гледа учеството како стратешка можност.
Албанското собрание со 110 гласови „за“, еден воздржан и без гласови „против“ го ратификуваше пристапниот договор на Република Албанија, претставувана од премиерот Еди Рама, во Одборот за мир, инициран од американскиот претседател Доналд Трамп.
Хрватска доби покана, но зазеде претпазлив став. Премиерот Андреј Пленковиќ јавно потврди дека Владата ја разгледува иницијативата, нагласувајќи дека се анализираат сите правни и политички аспекти. Пораката од Загреб беше јасна: поддршката за мирот е неспорна, но не по цена на правна неодреденост или судир со меѓународните обврски.
Словенија, напротив, експлицитно ја одби поканата. Премиерот Роберт Голоб соопшти дека неговата влада не сака да учествува во иницијатива што би можела да ја поткопа улогата на Обединетите нации и во која не е јасно вградена поддршката за решението со две држави. Ова ја направи Словенија една од ретките земји што јавно и недвосмислено кажа „не“.
Грција, исто така, засега останува воздржана кон иницијативата „Одбор за мир“. Министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, во интервју за грчката телевизија Action 24 изјави дека во овој момент се чини оти ставот на Европската унија е речиси едногласен – Унијата, во оваа фаза, да не се приклучи кон Одборот за мир. Доколку ваквиот заеднички европски став се потврди, нагласи Герапетритис, Грција ќе постапи соодветно. Тој посочи дека Атина изразува резервираност кон предлогот и поканата од американскиот претседател, истакнувајќи дека Одборот има „одредени особености и специфични правни карактеристики кои бараат подлабока анализа“. Дополнително, грчкиот шеф на дипломатијата потсети дека постои конкретна резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации, која Грција ја поддржа, а која јасно предвидува дека ваквиот механизам треба да се однесува на Газа и да има привремен карактер во рамки на решавањето на прашањата на Блискиот Исток.
Романија, според достапните информации, добила покана, но одлуката ја префрли во институционална процедура, со вклучување на советите за национална безбедност. Ова укажува на сличен пристап како хрватскиот – задржување на дипломатската отвореност кон Вашингтон, но без брзи потписи.
Црна Гора, пак, официјално соопшти дека досега воопшто нема добиено покана за приклучување, што ја става во групата земји кои или не се дел од првиот круг или не се приоритет во актуелната фаза на иницијативата.
За Србија и Босна и Херцеговина заклучно со 23 јануари, нема јавно потврдени информации дека добиле покана, ниту дека одбиле.
Зошто „Одборот за мир“ ја дели Европа и регионот?
Клучната причина за европската резервираност лежи во мандатот и легитимитетот на иницијативата. Дел од владите стравуваат дека „Одборот за мир“ создава паралелен дипломатски канал што може да ја поткопа улогата на Обединетите нации, особено бидејќи неговата повелба не ја споменува експлицитно Газа, ниту пак решението со две држави. Дополнителен проблем е и широката политичка улога што му се доделува на Трамп, што отвора прашања за долгорочната структура и контрола врз одлуките.
Оттука и поделбата: дел од државите гледаат можност за зајакнување на односите со САД, други се плашат од институционален преседан, а трети се обидуваат да одржат рамнотежа меѓу двете позиции.
Македонија надвор од периметарот на Трамп – каде заврши „блискоста“ на Мицкоски?
Од македонската влада, како што пренесува Дојче Веле, информирале дека до овој момент не е пристигната официјална покана до земјата. И покрај тоа што актуелната власт во неколку наврати истакнуваше дека има пристап и комуникација со администрацијата на Доналд Трамп, Македонија засега не се најде меѓу земјите повикани во Одборот за мир.
Зошто не е поканета Северна Македонија?
Ако проценките се дека поканите се испраќаат фазно, со приоритет на земји што имаат симболичка тежина во дебатата внатре во ЕУ или носат јасен политички сигнал, тогаш се поставува прашањето – зошто на пример е покането Косово, а ја нема Македонија?
Уште поиндикативно е отсуството на Северна Македонија ако се има предвид јавно демонстрираната политичка блискост што премиерот Христијан Мицкоски и дел од владините претставници ја имаат со Доналд Трамп и неговата администрација. Во изминатиот период, од Скопје во континуитет се испраќаат пораки со отворено афирмативен тон кон Трамп, неговата надворешна политика и неговиот пристап кон глобалните прашања – реторика што вообичаено се користи како сигнал за политичка усогласеност и подготвеност за поблиска соработка.
Во тој контекст, фактот што Северна Македонија не се појавува меѓу јавно поканетите земји за „Одборот за мир“ отвора непријатно прашање: дали оваа наводна блискост има реална тежина во Вашингтон или станува збор за внатрешнополитичка поза без конкретен дипломатски ефект. Ако иницијативата навистина се темели на партнерства и политичка доверба, тогаш изостанувањето на Македонија сугерира дека симпатиите изразени од Владата не се препознаени како релевантна валута во американската надворешна политика.
Покани испратени на 60 држави
Трамп лично ќе го претседава Советот, кој го претставува како нова организација чија цел е иницирање и водење мировни процеси во кризни региони. Државите што ќе придонесат со една милијарда долари ќе добијат постојано членство, додека сите други ќе имаат мандат од три години. Целосниот список на членки сè уште не е објавен.
Според администрацијата на Трамп, покани биле испратени до околу 60 држави, но досега мал број западни сојузници на Вашингтон јавно ја прифатија иницијативата.
Според прегледот на Асошиетед прес, земјите што досега ја прифатиле поканата за приклучување кон „Одборот за мир“ се: Аргентина, Албанија, Ерменија, Азербејџан, Бахреин, Белорусија, Бугарија, Египет, Унгарија, Индонезија, Јордан, Казахстан, Косово, Мароко, Пакистан, Катар, Саудиска Арабија, Турција, Обединетите Арапски Емирати, Узбекистан и Виетнам.
Од друга страна, Франција, Норвешка, Словенија и Шведска јавно соопштија дека, барем во оваа фаза, нема да се приклучат кон иницијативата. Во меѓувреме, низа држави и институции добиле покана, но сè уште немаат донесено конечна одлука, меѓу кои се Обединетото Кралство, Камбоџа, Кина, Хрватска, Германија, Индија, Италија, Европската комисија како извршно тело на Европската Унија, Парагвај, Русија, Сингапур, Тајланд и Украина.
Русија и Кина, двата најголеми геополитички ривали на САД, исто така добиле покана, но засега немаат дадено конечен одговор.
Токму поканата за Русија и Белорусија предизвика најостри реакции, бидејќи за многу западни влади нивното присуство е неспоиво со идејата за мировен форум во момент кога Москва веќе речиси четири години води целосна воена инвазија врз Украина – факт што ја доведува во прашање и политичката логика, и кредибилитетот на самата иницијатива.
Во оваа фаза, „Одборот за мир“ не е само иницијатива за Блискиот Исток, туку тест за кохезијата на Европа и позиционирањето на Балканот во новата трансатлантска реалност. Регионот повторно се дели на оние што брзаат да застанат до САД, оние што инсистираат на меѓународното право и улогата на ОН, и оние што засега остануваат надвор од процесот.
Македонија ја нема во ничиј геополитички периметар.
(firstline.mk)




