ДЕНКО МАЛЕСКИ
Не знам како ќе дојдеме до ситуација кога демократскиот систем ќе го контролира поведението на партиите во Македонија оти тоа не е можна промена без нивна согласност. Примерите од западните демократии говорат дека се работи за грд и мачен процес на зреење на едно општество – од „бандите на Њујорк“ до правната држава
Патрик Мојнихан професорот и долгогодишен американски сенатор ќе каже дека неговата земја е единствена во светот во која уставот поаѓа од претпоставка дека секој на позиција на власт е потенцијален крадец. Да се пишува уставот според поведението на чесните, вели тој,е рецепт за корупција на системот, кој мора да е дизајниран според узурпаторите на политичката моќ – крадците.
Гледајќи го интервјуто на Васко Ефтов со сопственикот на „Зегин“, Благоја Механџиски, добив шокантна потврда од праксата на тезата од теоријата која ја повторувам со години дека не се СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ тие кои ја спасуваат правната држава и демократијата, туку дека демократскиот систем на контрола и отчетност е тој кој не спасува од самоволието и корупцијата.
Но, еве веќе над триесет години независност, како политика и како општество, не можеме да се искачиме на тоа ниво на свест. Не можеме затоа што сме „заробени“ како од нашиот наивен менталитет така и од узурпаторите.
Во 1991 година, соочен со изненадувачкиот факт дека МНР, преку својот економски сектор, издава дозволи за увоз, го прашав одговорниот како мисли да се одбрани од обидите да бидеме корумпирани. Тој, како чесен човек, тоа го прими како лична навреда и во услови на тотално безвластие и отсуство на хиерархија, скокна во протест и ја тресна вратата зад себе.Без поддршка од луѓето околу мене, ми остана само да побарам од владата да се дислоцира економскиот сектор во некое министерство кое се занимава со увоз-извоз.
Од друга страна, узурпаторите на моќта, немаа и немаат ниту една причина да ја променат состојбата зашто им носи лична ќар. Тоа, накратко е приказната за едно општество кое, откога пропадна партијата на власт во која беше сета, па и контролната власт, остана со шупливите државни институции.
Пред триесет години, без контролни механизми во системот и без морален кодекс во луѓето институциите почнаа забрзано да се корумпираат. Потоа, логиката на институции ставени во служба на личните интереси на управувачката структура широко ги отвори вратите на корупцијата на сите нивоа.
Каква, инаку, би била врската помеѓу болните од рак и МАНУ?
Не знам како ќе дојдеме до ситуација кога демократскиот систем ќе го контролира поведението на партиите во Македонија оти тоа не е можна промена без нивна согласност. Примерите од западните демократии говорат дека се работи за грд и мачен процес на зреење на едно општество – од „бандите на Њујорк“ до правната држава.
Знаејќи за ова, немаме право да престанеме да се трудиме да ја смениме ситуацијата и да им се предадеме на вољата на узурпаторите на моќта. Тука и народот ќе го каже својот збор, иако нема да биде лесно гласачите да се мобилизираат за борба за отчетна држава.
На наредните избори, нема да имаме некаков чист или идеален избор зашто нашето минато покажува дека сите партии профитирале од одсуството на демократски систем на отчетни институции и поединци. Ни треба сериозна помош од надвор, токму како на Италија во шеесеттите, длабоко корумпирана држава која својот спас го најде во европските правила. И за Македонија, спас е членство во ЕУ со чија помош или ако сакате, под чиј диктат, ќе создадеме едно поинакво поведение на политичарите со Европска бандерола залепена на нивното чело на која пишува: „Внимавај, потенцијален крадец!“.
Но, возот за ЕУ замина пред некиј ден.
Можеме самите, велат во глас политичари, интелектуалци и новинари. Можеби можеме. Ама процесот нема да биде преку реформи туку преку „државни удари“. Имено, секоја наредна власт ќе настојува да ја пикне во затвор претходната за да ги завземе нивните места во ситемот за кој зборуваа Механџиски и Ефтов.
До кога? Додека, фрлајќи се меѓусебно во затвор, не им дојде памет во главата. Ама власта има магична моќ. А тоа значи – многу долго. Стара е таа приказна.
Своевремено бев зачуден како, по насилната смрт на владетелот, настанувала тепачка и серија убиства за престолот. Победникот знаел каков ќе му биде крајот ама желбата за моќ и привилегии била посилна и од се.