БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Толку ли е тешко да се разбере рационалноста на тој пристап кој вели дека модерната нација мора да се конституира и покрај или дури контра сопствената историја, а не со помош на неа, уште помалку плачејки наоколу дека без еден или друг јунак или пола јунак од пред сто години, не сме ништо
Мака ме фаќа од ова вика по Бугарите.
Тоа е знак дека не сме ја разбрале реалноста на нашата историска и актуелна позиција и реалноста на бугарската историска и актуелна позиција. Тие си бркаат нешто што го викаат национални интереси и во таа смисла го користат фактот дека тие се во Европската унија, а ние сакаме таму да влеземе. Па поставуваат услови. Сите кандидати минувале низ слични дрилови. Нема тука место за никакви морализирања од македонска страна. Односно има, ако решиме неутешно да цмиздриме над тоа што нам ни се чини неправда и агресија што ни ја прават соседите.
Јас мислам дека нашата позиција треба да се темели на неколку елементи: Прво, ние сме Македонци и зборуваме на македонски јазик (Димитров). Тој факт никој со ништо не може да го смени. Особено ако компромисите на другите теми не водат во контекст во кој тоа идентитетско одредување дополнително ќе биде обезбедено.
Второ, ние треба да се стремиме кон издигнување над сопствената историја, а особено над онаа што сме ја позајмиле во рамките на нашето национално и државно конституирање. Толку ли е тешко да се разбере рационалноста на тој пристап кој вели дека модерната нација мора да се конституира и покрај или дури контра сопствената историја, а не со помош на неа, уште помалку плачејки наоколу дека без еден или друг јунак или пола јунак од пред сто години, не сме ништо. Не треба да се заборави мислењето на Срѓа Поповиќ дека малите нации, всушност, немаат своја историја.
Трето, не можеме нашите денешни национални и државни кондиции да ги проектираме во минатото и врз основа на нив да ја интерпретираме историјата.
Не гледам ниту еден услов од тие што ги поставија Бугарите, што македонската страна не би требала да го прифати дури и на романтична вечера со Захариева, не ли пак како услов за влез во Европската унија. Фактите да им ги признаеме некои факти и чудоредност и перспективите да си ги задржиме. Спротивно може да постапува само нација која во меѓувреме дозволила некоја историска чавка да и го испие мозокот.
Јас разбирам дека на политичко ниво не е така едноставно да се заземаат модерни позиции, но Македонија просто нема други шанси од тие што се наоѓаат над нивото на кое инсистира Бугарија.