БИЛЈАНА СЕКУЛОВСКА
На Албанците никогаш ништо не им припаѓа со раѓање. Како и на жените во оваа земја.
Една изјава на Арбен Таравари, градоначалникот на Гостивар ми пролета- како сите награди на манифестацијата Златна бубамара биле дадени на Македонци. Да имаше барем една за Албанец, за маја, напишал тој на Фејсбук.
За маја. За маја да има барем еден Албанец. Веројатно има еден во оваа држава. Секогаш за таа оптоварена маја се бараат Албанци. Тие мора да бараат, за Македонците нешто да им даваат. Којзнае, можеби и посакувањето мора да се запише во некакви закони и правила. Да се посака да се биде еднаков, за маја. Мајата е ужасна работа, но, понижувачкиот дел е токму вкусот на сласта.
На Албанците никогаш ништо не им припаѓа со раѓање. Како и на жените во оваа земја.
За маја не се доволни само Албанци. Таравари претпоставувам дека знае дека вкусот на мајата подразбира и уште една смешна категорија- за маја секогаш се бараат и жени. Понекаде и би можело да се најдат такви ретки видови.
А како додаток да се побара и награда и за жена- Албанка? Тоа сепак би било премногу маја за оние на кои им се гади од товарот кој го носи таа смрдлива маја низ вековите.
За маја да има нешто поинакво, нешто различно. За маја да не се приближуваат премногу различните. Да не бараат она што не им припаѓа. Кога ќе размислиме, и ништо баш и не им припаѓа. Не во оваа земја.
Во мајата се бара и еден Турчин. Можеби и една Турчинка премногу би дошла. Жените се особен товар, непотребен.
Во таа маја, што подразбира навистина само една обична и лоша, евтина глума, може добро да дојде и еден Ром. Претерување би било да се посака и жена- Ромка. За зрнце маја не би поминал лошо ниту Влав. На прв поглед, би заинтригирал и еден Евреин. Влаинка, Еврејка- би сакала ли мајата и на такви да им се приближи?
Ниедна маја не може да ги свари сите овие барања, да ги соџвака, да ги голтне, да ги измеша убаво, да се лизгаат низ цревата. Да не им се слоши на останатите, на кои им се превртуваат цревата од оние кои не се како нив. За маја велите и би преживеале да направат преседан, можеби, да се согласат да одберат некој што не е како нив. Некому што не му треба маја. Бел, маж, расен Македонец. Кому му е важно, се додека е маја, кому му е важно Таравари, што понатаму со таа нивна бедна и јадна маја.