ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ
Должност на новинар(к)ите е да прашуваат, а на надлежните функционери и институции да одговараат!
Кога се случуваат трагични настани со голем број жртви и повредени, интересот на јавноста за информации е очекувано многу голем. За да ги задоволат потребите на публиката и јавниот интерес, новинар(к)ите треба да имаат можност слободно да им поставуваат прашања на надлежните функционери.
И, не само можност, туку новинар(к)ите имаат должност да им поставуваат релевантни прашања на надлежните функционери, за да можат да известуваат за точни и сеопфатни информации, врз основа на кои граѓаните ќе формираат мислење и ќе носат идни одлуки. Ваквата должност произлегува од улогата на новинар(к)ите како вршители на јавна контрола на носителите на јавни функции. Накусо, за да му служат на јавниот интерес, новинар(к)ите се должни да ги покренат сите клучни прашања во врска со одреден настан, кој е во фокусот на јавниот интерес.
За да им служат на граѓаните како носители на суверенитетот, надлежните функционери се должни да дадат релевантни одговори на прашањата од јавен интерес. Исто како што новинар(к)ите се одговорни и отчетни пред публиката, така и избраните и именуваните функционери се одговорни и отчетни пред граѓаните како носители на суверенитетот.
За жал, исто како и многу пати порано, и сега сме сведоци на обиди да се ограничи правото на новинар(к)ите не само да поставуваат прашања, туку и да добијат одговори за прашања од јавен интерес – како што е пожарот во Кочани, каде што има голем број жртви и повредени.
Токму затоа, во неколку анализи, ќе наведеме конкретни комуникациски случаи во кои на новинар(к)и им беше ограничено правото да поставуваат прашања или да добијат релевантни одговори. Во првата анализа ќе видиме како од страна на градоначалникот и Општина Кочани на новинар(к)ите им беше ускратено правото да пренесуваат информации коишто се од јавен интерес, а на јавноста правото да ги добие тие информации.
Случај 1: Нетранспарентноста на градоначалникот на Општина Кочани
Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов на неговата Фејсбук страница има само две комуникации по пожарот во овој град.
Во првата комуникација од 16.03.2025, Папазов изразува сочувство „за загубата на животите во страшната трагедија која го потресе Кочани утринава“ и информира:
„Од рано утринава сите релевантни служби се во постојана координација за пружање на неопходната помош и расветлување на сите околности кои доведоа до трагедијата. Надлежните институции продолжуваат со официјалните изјави за сите детали поврзани со случајот.“
Меѓутоа, самиот градоначалник, иако е надлежен, не даде директна изјава за јавноста и медиумите, па новинар(к)ите немаа ни можност да му поставуваат прашања од јавен интерес.
Во втората Фејсбук комуникација од 17.03.2025, каде што соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата градоначалник, Папазов пишува:
„Иако според закон немав директни надлежности во овој случај, подготвен сум да одговорам на сите прашања за се’, како и за моите лични постапки.“
Но, на новинар(к)ите повторно им беше ускратена можноста директно да му постават прашања на градоначалникот на Кочани. Во истата комуникација, Папазов признава дека не се појавил во јавност во клучниот ден по настанот во кој имаше бројни жртви и повредени: „Многумина, со право, забележаа зошто вчера не излегов во јавност цел ден. Но, тие што ме познаваат знаат колку сум скршен и како го доживувам ова што се случи“.
За недостапноста на градоначалникот Папазов за јавноста извести и ТВ Алсат во насловот „По 30 часа молк, градоначалникот на Кочани Папзов, поднесе оставка“: „Најавата за оставка беше прва и последна јавна изјава на Папазов по пожарот во ноќниот клуб „Пулс“ во кој загинаа 59 лица, а над 150 беа повредени. Првиот човек на Кочани вчера не се појави на местото на инцидентот, не даде никакви изјави и беше недостапен за медиумите.“
Институтот за медиуми и аналитика ИМА стапи во контакт со градоначалникот на Општина Кочани и побара коментар во врска со медиумските тврдења дека не дава никакви изјави и не е достапен за јавноста. Во телефонската комуникација, Папазов укажа дека се појавил на местото на настанот уште во раните утрински часови, но дека не сака да дава изјави за јавноста додека не заврши истрагата:
„Додека не заврши истрагата не сакам официјални работи да соопштувам… Нека заврши истрагата, нека заврши целиот процес. Тука сум, не бегам никаде. И бев на местото на настанот“, изјави Папазов за ИМА.
И покрај неволноста на градоначалникот да дава изјави за медиумите, ИМА смета дека неговата изјава дадена во телефонска комуникација е од јавен интерес, и затоа ја објавува.
Воопшто не е јасно зошто градоначалникот на Кочани дава директни изјави само пред обвинителите, а не и пред новинар(к)ите, со оглед на тоа што неговата оставка сè уште не е прифатена, и како избран функционер сè уште има должност да ја информира јавноста за прашања од јавен интерес.
Иако пред поднесување на оставката, порталот САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека на нивното прашање „кој ја даде дозволата за работа на дискотеката, тој кажа да се стрпиме, ќе каже сè на прес-конференција“, градоначалникот Папазов сè уште не одржа таква прес конференција.
Недостапноста на Папазов за јавноста и медиумите, и отсуството на директна комуникација со јавноста, ја ограничи слободата на медиумите и правото на информирање на граѓаните, затоа што на новинар(к)ите им беше ускратена можноста непосредно да поставуваат прашања од јавен интерес во врска со пожарот во „дискотеката“ во Кочани, каде што имаше голем број жртви и повредени.
Отсуство на директни јавни комуникации на Општина Кочани
На 18.03.2025 година, не функционираше ни општинската веб-страница https://kocani.gov.mk/, па ниту новинарите, ниту граѓаните не беа во можност да се информираат во врска со трагичниот настан во Кочани, кој беше во фокусот на интерес не само на македонската, туку и на светската јавност.
ИМА стапи во контакт со советничка за односи со јавност во Општина Кочани, која нѝ потврди дека општинската веб-страница не функционира, но дека информации за комуникациите во врска со пожарот во „Пулс“ можат да се најдат на Фејсбук страницата на општината.
На Фејсбук страницата на Општина Кочани има неколку штури информации, но нема никаква информација за одржана прес-конференција или директна комуникација со јавноста од страна на градоначалникот или претставници од општината по пожарот во „дискотеката“.
На прашање на ИМА, дали претставници на Општината оствариле директна комуникација со медиуми преку прес-конференција или преку директни изјави за медиуми, советничката од Општина Кочани нѝ потврди дека нема остварено директна јавна комуникација, но дека новинар(к)ите можат да добијат информации од општинските служби преку телефон или електронска пошта.
Пребарувањето по име и презиме на претседателот на Советот на општината, дава само неколку резултати од медиуми за вонредната седница, на која Советот на Општина Кочани прогласи седумдневна жалост. Нема директна јавна комуникација за трагичниот настан во Кочани ниту од претседателот на Советот на општината, ниту пак од секретарот на општината.
Отсуството на директни комуникации со јавноста на претставници на Општина Кочани е показател дека општината не ја исполнува виталната функција на информирање на граѓаните, токму кога на јавноста најмногу ѝ се потребни релевантни информации.
Отсуството на релевантни и проверени информации од Општина Кочани, создава плодна почва за ширење на непроверени информации и шпекулации.
Нетранспарентноста на градоначалникот на Кочани и отсуството на директни јавни комуникации на Општината, ја загрозуваат слободата на медиумите. Од една страна, загрозена е слободата на медиумите да добиваат информации од релевантни извори, за врвни прашања од јавен интерес во врска со жртвите од пожарот во „дискотеката“ во Кочани; од друга страна, ускратено е и правото на граѓаните да имаат пристап до официјални информации од релевантни извори.