НИКИЦА КОРУБИН
Не е лошо, следниот пат, медиумите да ги повикаат директорите на други институции да дадат одговор за нивната работа или да го кажат нивниот став за проблемот
Зошто вниманието на целата јавност, во однос на загрозениот статус на Охрид и охридскиот регион во УНЕСКО, се насочува речиси целосно, кон градоначалникот на Охрид? Чиниш, тој е единствениот виновник. Дали токму поради тоа, дека има потреба од „еден виновник” кој ќе биде параван за нечинењето на цела хиерархија на институции?
Да видиме што вели Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион (2010), според кој формално се врши управувањето, иако заштитата на културното и природното наследство е обврска на надлежни инситуции и според други, системски закони во дадени области.
Член 10
Со цел за координирање на работите од членот 9 на овој закон се формира Комисија за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиотрегион како координативно и советодавно тело (во натамошниот текст: Комисијата).
(2) Комисијата е составена од претседател, заменик-претседател и 21 член кои ги именува Владата на Република Македонија …”
Значи, прва во хиерархијата е Владата.
Не е лошо, следниот пат, медиумите да го повикаат и претседателот на Комисијата за управување или било кој нејзин член, да дадат одговор за нивната работа или да го кажат нивниот став за проблемот.
Член 13
(1) За управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион Владата на Република Македонија на предлог на министерот кој раководи со органот на
државната управа надлежен за вршење на работите од областа на заштита на природата и министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите
од областа на културата, а по претходно мислење на Националната комисија на УНЕСКО, донесува план за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион со акционен план.
Значи, втори во хиерархија се Министерството за животна средина и Министерството за култура.
Не е лошо, следниот пат, медиумите да ги повикаат Министерот за животна средина и Министерот за култура, да дадат одговор за нивната работа или да го кажат нивниот став за проблемот. Министерот за култура, треба да даде одговор и како претседател на Националната комисија за УНЕСКО.
Член 14
(1) Планот го изработуваат Управата за животна средина и Управата за заштита на
културното наследство.
Значи, трети во хиерархија се Управата за животна средина и Управата за заштита на културното наследство.
Не е лошо, следниот пат, медиумите да ги повикаат директорите на овие две инситуции да дадат одговор за нивната работа или да го кажат нивниот став за проблемот.
Тие, според член 37 од истиот закон, се задолжени и за надзорот на спроведување на законот.
“Член 29
Спроведување на мерки и активности за заштита
(1) Општините Охрид, Струга и Дебарца …
(2) Имателите на светско природно и културно наследство …
(3) Националните установи – Национален конзерваторски центар – Скопје и Заводот за
заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид …
(4) Музејот „Никола Незлобински“ – Струга …
(5) Јавната научна установа – Хидробиолошки завод – Охрид …
(6) Јавната установа – Национален парк Галичица … ”
И сите кои се надлежни за грижа и заштита на природното и културното наследство.
Затоа, никој не е амнестиран од одговорност, а за почеток од одговори. Што се случува со заштитата на природното и културното наследство, зошто институциите не функционираат, зошто законите не се почитуваат и кој ќе ја понесе одговорноста, сега и изминатите децении?
Зарем, навистина некој мисли, дека глумењето дека нешто се прави е замена за правењето? Штетата е само одраз на нашата свест и совест. Важно, “идентитетот ” го одбранивме, а со Охрид и охридскиот регион, сликовито покажуваме колку ни е тој суштински битен.