Зачудувачки е како „коиндицираат“ непостапувањата на толкав број на наивни институции и одговорни поединци кај нас, кога е во прашање бегството на Груевски од земјава. Тоа важи и за меѓународниот фактор, кој се вади на факторот „лична карта“, небаре осудата на Груевски не е ноторен факт, барем во регионот! Понатаму, комплетната операција е во режија на Орбановата влада со користење (злоупотреба) на дипломатскиот имунитет …
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
После промената на режимот ка нас минатата година и почетокот на судењата иницирани од СЈО однесувањето на некои регионални политики беа јасно залепени за потребата Груевски и неговите роднини и идеолошки пријатели најпрвин да се вратат бргу на власт. Потоа, ако тоа не е можно, да се одолговлекува транзицијата на власта а на крајот, но дури кон самиот крај на тие надежи, кога дојдоа првите пресуди и се виде „предавничката улога“ на правосудниот систем, барем некои сегменти, да се спасуваат клучните поединци на претходната политичка гарнитура. Унгарската политика беше најхрабра во подржувањето на таа стратегија, секако изразено и преку честото присуство на Орбан во земјава (да сетиме на неодамнешната викенд посета со приватен авион во Охрид), потоа со купување на дузина медиуми кои беа пред гаснење во Македонија (една телевизија, неколку дневни портали и еден неделник) а кои требааа да ја јакнат позицијата на актуелната опозиција а еве сега со комплетна оперативна поддршка во преносот на телото на Груевски од точката А (станот на Бихаќка) до точката Б, наводната вила на Орбан во Будимпешта.
ЧИИ СЛУЖБЕНИЦИ СЕ БОДИГАРДИТЕ НА ГРУЈО? Во досегашната реконструкција на тој фамозен пат на експремиерот јасни се неколку факти.
Груевски се простил со засега последните сведоци на неговиот престој во земјава – бодигардите, околу 23 часот во четвртокот на 8 ноември пред неговиот стан на Бихаќка. Тука има две варијанти – според првата телохранителите, добиле „отпуст“ за петокот, 9 ноември, како наводно непотребни (!) од самиот Груевски а по втората варијанта тие во петокот наутро дошле пред неговиот дом, како придружба на неговата вообичаена раноутринска прошетка по кејот на Вардар, во Градскиот парк, но тој не се симнал од дома … Уште на стартот немаме јасна слика, што го зголемува сомнението кон целата приказна на полициските службеници.
Засега нема никакви сознанија како Груевски стигнал во својата прва дестинација – унгарската амбасада во Тирана. Дали некој домашен јатак го пренел до границата? Дали таму влегол пеш или со нечие возило? Дали барем после на границата го чекало возило со дипломатски таблици, што е многу веројатно!
Унгарскиот фактор никако не сака да се инволвира од стартот во „транспортните услуги“ бидејќи тоа на аферата и дава една сосема друга слика и прашањето на азилот го обесмислува до крај, бидејќи е сосема јасно дека се е планирано долго и прецизно и тоа во Будимпешта. Со можност секако во тоа да учествуваат и најмалку уште еден фактор (Белград) или дури и три (плус Подгорица и Тирана).
ИМА КОНДИЦИЈА Според албанската полиција, поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој со цел да ја избегне затворската казна побара азил во Унгарија, „во Албанија несомнено влегол нелегално и пеш“, пренесува БТА. Според изјавата на портпаролот на албанската полиција Гентиан Мулаи, дадена за АФП, Груевски во Албанија несомнено влегол нелегално пеш, посочувајќи дека неговиот влез не е регистриран на ниту еден граничен контролен премин меѓу Македонија и Албанија.
Мулаи посочува дека „за да не привлече внимание, Груевски границата меѓу двете земји требалo да ја премине пешки, дали кај Преспа – југоисточна Албанија, дали преку Дебар – североисточна Албанија“ (џабе не вежбаше толку на кејот). Како што јави МИА, Албанија официјално не спори дека дека Груевски за Унгарија заминал преку Албанија. Секторот за граница и миграција при албанската државна полиција наведе дека Груевски Албанија ја напуштил преку преминот Хан Хоти-Муриќан, на албанско-црногорската граница. Албанската полиција соопшти дека тој ја напуштил Албанија во 19.11 часот, како патник во автомобил со регистарски ознаки на автомобил што е сопственост на амбасадата на Унгарија во Тирана.
Српските и црногорските медиуми, оние кои не го премолчуваат овој настан (!), повикувајќи се на дипломатски извори, информираат дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски во Унгарија влегол преку Србија.
ЛИЧНА КАРТА Давајќи ја информацијата дека македонските државјани можат непречено да влезат во Албанија, Црна Гора и Србија со лична карта и дека до 13 ноември за Груевски не била распишана меѓународна потерница, според пишувањето на подгоричкиот весник Вијести, Груевски влегол во Црна Гора на 11 ноември во 19.19 часот преку граничниот премин Божај, а во 22.16 часот истиот ден ја напуштил земјата на граничниот премин Добраково со Србија (Гостун).
Според Побједа, кога Груевски влегол во Црна Гора, со него биле носителите на унгарски дипломатски пасоши Кулсар Антал и Варсалваи Шаба, а додека влегувале во Србија, со него биле Часар Јозеф Золтан и Фелеѓази Шаба, исто така носители на дипломатскиот пасоши на Унгарија.
Овие инфрмации се совпаѓаат со веста на ДВ на српски јазик, дека Груевски од Албанија со „возилото марка Folksvagen Jetta бил префрлен во Подгорица, каде што го чекал унгарскиот заменик-амбасадор, кој заедно со уште едно лице влегле во друго возило, и со автомобилот Груевски го префрлиле до црногорскиот граничен премин Добраково со Србија (граничен премин Гостин).
ДА Е БАРЕМ НЕКОЈ МОТЕЛ На тој премин пристигнале околу 22 часот, влегле во Србија и таму Груевски го предале на други унгарски дипломати кои поради ова дошле од Белград. Средбата со дипломатите од белградската амбасада и примопредавањето на бегалецот се случила во мотелот „Лукс” во Гостин, во близина на Пријепоље. Тоа е еден од ретките објекти каде може да се добие некаква услуга, па дури и како објект без некаков сјај може да биде дел од сторија за некаква „балканска Казабланка“. Инаку е добар колку за кафе и тоалет.
Во Србија од почетокот на случајот со Груевски молчат и не излегуваат со информации, со исклучок на опозицијата која побара одговори за логистиката на Србија во случајот со Груевски.
Сето ова вртење низ Полуостровот е секако објасниво со фактот дека македонски граѓанин може во трите споменати држави да влезе со лична карта, без патна исправа. Но, како влегол во Унгарија? Веројатно така што веројатно му е дадена виза уште во Тирана! Ама малку е веројатно дека Груевски можел да ја напушти Србија со лична карта, бидејќи таа е документ за премин на македонско – српската граница а се чини дека е спорно за премин на граница кон трета земја.
ЈАВУВАЊЕ ОД БЕЛГРАД? Оттаму, доаѓа логична приказната дека Груевски малку подолго одмарал во Белград, од каде се јавил по Интернет дека се наоѓа во Будимпешта и „да не го бараат повеќе“, заедно со пораката до нас, која е копија на онаа која одбегнатиот крал Петар ја објавил од аеродромот во Атина, во април 1941 година, каде побегнал со југословенското злато и испуштал патриотски воздишки. Практично, Груевски лажел за својот завршен бегалски статус во главниот град на Унгарија, бидејќи таму веројатно стигнал после македонските новинарски експедиции, кои се залетаа кон дунавските мостови на Пешта!
Имено, приватниот авион на Виктор Орбан, кој половина месец бил паркиран во Виена, одлетал во Будимпешта, а потоа во Белград и назад, ден откако Груевски објави дека бара азил во Унгарија – објавува унгарскиот портал „Атлацо“.
Оваа груевистичка вест по социјалните мрежи имаше за цел да ја заштити Србија, како негов сојузник во бегството од затворската казна, што додатно е засилена со фактот што белградска „Политика“ веќе објави дека Груевски побегнал преку Албанија и веќе добил виза во Тирана. Во ова никој не веруваше. Се мислеше дека српската влада само си ја „ишка“ вината од себе. Потоа, веројатно по желба на идниот домаќин Орбан, Груевски уживал во нарачани „муќкалици“ за да се одмери првата реакција на македонските власти за бегството, како и одекот во меѓународната јавност. Откако е увидена тежината на веста за бегството за Груевски, по олеснителната воздишка на Орбан во однос на целиот случај, бегалецот веројатно со споменатиот авион е пренесен во Будимпешта, со многу мал ризик на гранични недоразбирања. Не му требала ниту лична карта.
Значи, се на се, патувањето има непозната стартна линија и нејасна претпоследна етапа (Србија). Очекувано, сега се исфрлуваат многубројни петарди за биде збунета јавноста – те бегалецот се уште бил во Албанија, па дека побегнал за Русија или Турција а некои велат дека и Белорусија не е за потценување како место за егзил. Овие стории секако мора да се земат со голема резерва.
Да се вратиме на стартната линија.
ШЕСТА УПРАВА ТЕШКО СЕ БУДИ Каде е грешката на МВР? Има една голема и непобитна.
Најнапред се отвора дилемата дали шестмината бодигарди ги бирал Груевски самиот или тие му се сменети после промената на власта, што би се очекувало? Потоа, во тој контекст, дали тие се под команда на лидерот на ВМРО ДПМНЕ или на Шестата управа? Значи, ако важи верзијата дека Груевски им рекол на своите чувари дека не му се потребни повеќе во четвртокот вечерта, тие морале веднаш да и јават за тоа на оперативната команда а тие да го пренесат сознанието и нагоре, ако процениле дека тоа е важна вест. А била важна, секако. Треба ли на Шестата управа да и се објаснува дека тие не го штитат Груевски „од нас“, туку и „нас“ од Груевски! Да замислиме само дека додека тој шопингувал, како што ги објаснил своите намери за „слободниот“ петок, нешто му се случело на идниот бегалец. Да го удрел некој на Зелено пазарче, на пример. Како тоа ќе се толкуваше кај неговите приврзеници, кај домашната јавност и секако од меѓународната публика?
Петокот беше впрочем важен ден – тој ден беше за очекување дека последниот правен лек за одложувањето на одењето во затвор на Груевски, ќе биде и негов последен ден на слобода. Како тоа да се погоди токму тогаш да нема придружба? Па тој не може да бира дали сака во таков ден да биде без надзор?! Уште повеќе што МВР непосредно пред овој настан тврдеше дека во секое време знае каде е Груевски, мислејќи на своите (или негови) чувари… Фактот што и после толку денови не може да се реконструира патот на движење на бегалецот во Македонија е само доказ дека Службата нема доволно развиена разузнавачка мрежа!
Каде е проблемот со СЈО? Најнапред што тоа не го следело патот на парите. И на мало дете му е јасно дека ако некој си ги испразнил сметките и нема „банка“ на нив уште во септември едноставно се готви за бегство! Или дека, во побанална ситуација тој ја одбегнува можноста имотот да му се блокира. Не залудно еден адвокат во дискусиите деновиве велеше дека посигурна мерка за спречување бегство од притворот е токму благовременето одземањето (замрзнувањето) на парите.
ФАУЛИ ВРЗ ЗДРАВИОТ РАЗУМ Потоа, во однос на вината на СЈО, следува замерката дека ако немало притвор за еден случај, требало да има, како барање за другите четири. Или барем за оној правосилен предмет да се бара притвор се до „последниот свиреж“ на судиите кои решаваат по правни лекови. Ако се прифати последниот лек, тогаш Груевски би излегол од притвор, ама ако не, што беше за очекување, тој едноставно притворот би го заменил со отслужување на затворскиот „рок“.
Што има да им се замери на судиите? Многу работи. Јасно е дека тие немаат капацитет (што би рекол народот немаат „три чисти“) за да одредат притвор токму за најголемите криминалци. Како што е сега случајот со Мијалков. Потоа, со еден исклучок наречен Добрила Кацарска во нивните редови, тие лесно ги дозволуваат одолговлекувања, ги прифаќаат трикчиња на адвокатите и слично. Да се сетиме колку е недофатлив Латас за судската палата, на пример? Или тој не доаѓа во судот или кога ќе дојде го нема судијата. Се разболел. Тоа се ситуации на купување на времето на обвинетите, кое тие секако во одделни случаи ќе ја користат и за подготовка за бегство.
Она со заборавањето дека одземањето на пасошот не е мерка на претпазливост ако околу нас имаме толку земји чија граница се минува со лична карта е „капитално“ сознание за судиите дури сега, ама и за обвинителите. Кому му текна дека Груевски не треба според правилата да се јавува секој петок во судот, туку му ја олесни обврската со тоа што тоа треба да го прави само првиот петок во месецот а 9 ноември 2018 година беше токму вториот петок! На крај треба ли да потсетиме на лежерноста околу јавувањето на Груевски во затворот за што се чекаше цел викенд, таман толку колку тој, така да се каже и пеш да го обиколи светот… Па прво се отиде на интерна потерница а потоа на меѓународна
Во случајот со бегството на Груевски не може да се утврди вината, бидејќи виновници има толку многу!
Со толку фаули врз простата логика, да не не чуди тогаш што јавноста едноставно сето ова погоре го толкува како изрежиран случај, најпрвин од страна на надворешниот фактор, кој евентуално проценил дека долгорочно тоа е добро за стабилноста на Македонија. Помалку е веројатно дека тоа е некаква самостојна „домашна кујна“, бидејќи во таков случај одново би се прашувало надвор за користење на таков „рецепт“.