ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Кој е во коалиција со албанска партија, беше пропагандата на ВМРО -ДПМНЕ, тој е предавник. Од опозиција никој не мора со никого да е во коалиција, па може и да биде таква опасност од која се губат животи. И пак – потенцијално. Не се случи како власт да не коалицира со албанска партија иако врз основа на антиалбанската агресивна националистичка пропаганда доби многу гласови. Но, пак сега – лажна пропаганда ли им беше сѐ тоа, или реалност? Оти ако е реалност, нели тоа би значело дека по тие исти критериуми ВМРО-ДПМНЕ изврши „предавство” за ова прашање?
Зборот „предавство“ има редовно лоша репутација во академските или културните кругови – како непристоен и расипувач на дебата. Ако воопшто се спомене, тогаш тој е во облик на пренесување од некого друг или околу него се зборува, но со него не се изразува никој. Ако се изрази, тогаш, веројатно е тоа крај на разговорот, слично како што е примената на „Годвиновиот закон“ за губење на аргументот, најчесто за дискусии во однос на прифатливо/дозволено, какви што се и за политиките, правилата или начелата. Самиот „Годвинов закон“ е ваков: „Колку подолго трае дискусијата, веројатноста за споредби со нацисти или Хитлер – се зголемува“. Самиот Годвин не се согласува со договорот на разни форуми за дискусија да се заврши разговорот во моментот кога некој ќе ги спомене нацистите или Хитлер (значејќи дека тој што ги споменал нема веќе аргументи, изгубил, па јасно е дека другиот е победникот и дискусијата завршува). Тој смета дека во определени случаи споредбата има смисла и не би смеело да се цензурира дискусијата (така што ќе заврши) со оправдание дека секогаш е употребен фалш аргументот на reductio ad Hitlerum.
Се надевам, забележливо е дека со своето несогласување Годвин идентификува една двојна, вгнездена логичка фалшливост. Навистина, reductio ad Hitlerum се користи за ad hominem и притоа е грешка на (и)релевантност, како на пример за оцрнување на оние кои се против пушењето, затоа што и Хитлер бил против тоа. Но, како што Годвин смета – не е сѐ ирелевантно во врска со нацистите и Хитлер. Значи критичкото мислење не би смеело да се пушти на пасење, бидејќи колку и да е зготвен оброкот од оцрнети поими (како „нацист“), сепак има случаи кога работите се навистина споредливи со тие црнотии. На пример, на тема на Холокаустот не може Хитлер или нацистите да се нерелевантни. Завршување на дискусија на ваква тема затоа што се споменати Хитлер и нацистите, значи цензура во корист на нацистичките дејства!
Секако, и во однос на поимот за „предавство“ има историски документирани губитоци на животот, меѓутоа, сепак ми се чини дека во денешни услови нема место за употреба толку како во минатото. Затоа денес да се користи тој збор како изразување, а не раскажување на нешто од поробеното или военото минато – е фалшливо, редовно. Можеби зборот „изневера“ или „изневерување“ е посоодветен иако е малку отповеќе преупотребен за љубовџиски проблеми, а не за политиките, правилата или начелата за што би било прифатливо/дозволено. Што е тоа што би било критериум за проценката дали зборот „предавство“ како изразување, има релевантност и е заслужен, без оглед што за културните луѓе е прекинувач на разговорот? Оти, за разлика од „нацист“, на луѓето редовно им се чини 100% јасно дека за „предавство“ не би морало да има некаде изгубени животи на определената тема за да се оправда, т.е. може и со помалку да се оправда. Оттаму, веројатно и неговата некритички раширена употреба.
На пример, колку животи се изгубени заради додавката „Северна” на Македонија? Нула. Но, заради „Северна”, дури и на оние коишто не им е тоа некоја особена промена, многу агресивната пропаганда наметна стигма – на „предавство”. Обратно, заради недодавање на „Северна”, можеше да има изгубени животи. Можеби не заради НАТО, но можеби и да, сепак токму заради тоа што не се случи недодавање на „Северна”, не можеме да процениме фактички дека би било предавство доколку не се успееше да се додаде „Северна”. Врз основа на потенцијалното можно предавство ВМРО-ДПМНЕ всушност доби гласови преправајќи го истото во „гордост”.
Слично е и со антиалбанскиот национализам: Кој е во коалиција со албанска партија, беше пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ, тој е предавник. Од опозиција никој не мора со никого да е во коалиција, па може и да биде таква опасност од која се губат животи. И пак – потенцијално. Не се случи како власт да не коалицира со албанска партија, иако врз основа на антиалбанската агресивна националистичка пропаганда доби многу гласови. Но, пак сега – лажна пропаганда ли им беше сѐ тоа, или реалност? Оти ако е реалност, нели тоа би значело дека по тие исти критериуми ВМРО-ДПМНЕ изврши „предавство” за ова прашање?
Да забележиме дека критериумите им се сосем спротивно поставени во двата случаи: За „Северна”, додржаа на сопствената пропаганда и не кажаа „Северна”, а за коалиција со албанска партија, и тоа не една, не додржаа, туку напротив, презедоа еден либерален наратив за да се вратат на „не-предавство”, токму за истата ситуација за која претходната влада ја обвинија за предавство. По ова прашање, се надевам ја усвоија реалноста и би требало да им текне и на СДСМ дека не би смееле да трчаат по остатоците коски од бившата агресивна антиалбанска пропаганда. Ако сериозно се сметаат себеси за фактор кој влијае на општеството. Ако разбираат воопшто дека пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ знае да биде criss-cross со реалноста, а реалноста, имаа веќе моќ да ја креираат во претходната влада.
Некој овде ќе рече „А од каде па ти сега знаеш која е реалноста, можеби она што го викаш агресивна пропаганда на ВМРО ДПМНЕ е реалноста?”. Дури и така да гледаме, тогаш пак постои едно предавство и едно не-предавство во таквата реалност, само обратно. Но, зошто другата ситуација, во која со некористењето на „Северна” потенцијално се врши предавство, а со коалицирањето со албанскаи партии – не се врши предавство е реалноста, а не е обратно? Мислам дека тука е од помош механизмот на анксиозноста од невронаучникот Џефри Греј, под влијание на кибернетската теорија за управување на Норберт Винер.
Очигледно имаме работа со проблем на усвојување информација, слично на проблемот во кој двајца известувачи кои даваат спротивни информации – на пример за два подредени објекта, едниот вели дека гледа бел па црн објект, а другиот вели дека гледа црн па бел објект. На кого да се верува, штом не можеме за конкретниот проблем сами да се увериме што е вистината? Во недостиг на други податоци, многу зависи колку биле контрадикторни самите известувачи во минатото. Нам само ни цртаат од кого не би купиле автомобил, за во случајот на антиалбанството тоа да биде дволичноста број еден. Веројатно слично ќе излезе и за уставните измени, ако забележуваме како од воздухот испари она „бугарски диктат”, т.е. уште една дволичност, потенцијално. Односно ВМРО ДПМНЕ се „бусташе” на работи против добробитта, мирот и благосостојбата на сопствената држава и – доби гласови, затоа што спротивставувањето има посилен мотивациски моментум отколку залагањето за нешто. Но, да се разбереме, ВМРО ДПМНЕ редовно, секогаш ја ризикувал добросостојбата на Македонија и тоа ним некако „им стои”. Ако СДСМ, со нивната историја и бедна пропаганда, со залагањето за добри социјални политики и меѓународна добра позиција на Македонија почнат со дпмнеовските поткревачи на анксиозности (нпр. со антиалбанството) – не им стои, личи на глупаво преправање.
Во ситуација кога власт е некој што не ја сфаќа или ја извртувал досега реалноста со силна пропаганда што влегува во секоја пора на општеството, сѐ што не е власт, особено најнепретставеното – граѓанството кое не ги мириса оние што се колнат дека го претставуваат во Собранието, мора секоја постапка што од власта се прави во негово име – детално критички да ја провери. Знаејќи од каков дволичен илузионист доаѓа. Да си ги препровери системите за анксиозност според Џефри Греј, оти човекот вака вели: Во главата имате очекувања кои ви даваат модел на очекувана стварност, но од другата страна ја имате стварноста за да споредувате. Секој „мисмеч” значи анксиозност. Џордан Питерсон смета дека немате ни стварност, туку само модел на тековна стварност според како што ја разбирате, според каков ви е системот на норми, вредности, уверувања итн. Значи споредувате модел со модел! Никогаш не ја знаете вистинската стварност, но живеете така што постојаната споредба на двата модели ви служи да ги направите што послични. Само со слични модели на тековна и очекувана стварност доаѓа отсуството на анксиозност, дури и малкуцка и среќа! Но, за кој систем како ќе го прилагодувате, индикатор е како го користите зборот „предавство” колку што забележувам.
Имено, оние кои разгалено се разметнуваат со тој збор во реалноста, во која нема жртви благодарение на туѓи залагања, се типови кои двата системи ги местат така што една точка да им е на исто место во двата системи: Кутлешите! Сѐ друго може да се распаѓа, погрешни запци се удираат со погрешни запци во тековниот и очекуваниот модел на стварност. Како може лесно да се пожнее тој немир за мотивација против добри, правилни и корисни работи за сите, како што го пожнеа токму ВМРО-ДПМНЕ и очигледно има намера уште да сее и жнее така со контрадикторното однесување благодарение на едно изневерување и едно одржано ветување, малку вака, малку така, сами на себе во конфликт со реалноста.
Ние другите, кои не ја сметаме анксиозноста за животен сок кој го црпиме од други, кога ќе видиме изневерување ги преуредуваме или очекувањата, или тековните уверувања. Но не со центар токму во уверувањата на изневерувачот! Колкава кукавица човек може да биде ако не се обиде да го смени начинот на кој го гледа изневерувачот, а со тоа да го смени и начинот на кој се гледа себеси! Во свет во кој светот е поединечен модел на светот, како може човек да сака да се приклони кон нешто што произведува конфликтна информација, изневерува од било која страна да се погледне, произведува контрадикции и си игра со опасности кои животи може да одземат?
Но, имам оптимизам. Ако имало едно изневерување кое е сѐ спротивно од предавство, тогаш може и уште едно, и уште едно… Додека ВМРО-ДПМНЕ не станат „предавници” на својата пропаганда и претставници на сѐ граѓанско во Република Северна Македонија.
(racin.mk)