„Незаборавна пролет во заборавеното село“ е насловен долгометражниот игран филм на сценаристот и режисер Куштрим Бектеши, чија премиера се случи на 29 март, во скопското кино „Синеплекс“. Филмот ќе биде прикажан и во официјалната селекција на Московскиот филмски фестивал
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
„Станува збор за фиктивна приказна инспирирана од мојата љубопитност како дете за настаните што се случуваа во една кафеана блиску до селото кај што растев. Таму од време на време носеа пејачки.. и на нашата фантазија и немаше крај што сè може да се случува во објектот“.
Вака режисерот Куштрим Бектеши го објаснува воведот во случувањата на својот долгометражен игран филм „Незаборавна пролет во заборавеното село“, чија премиера се случи на 29 март, во скопското кино „Синеплекс“.
„Цело време сакам да раскажам една сторија за тоа што сè би се случило во едно село ако сите мажи почнат да одат во кафеана и какви би биле односите во семејствата. Како би реагирале жените. Имено вообичаениот живот и спокојството на едно „заборавено село“ драстично се менува по пристигнувањето на три проститутки во локалната меана. Мажите, и покрај обидите на нивните жени да ги спречат, целото време го поминуваат во кафеаната, притоа трошејќи ги сите пари на алхохол и на секс. Хаотичната состојба најнапред ќе ескалира во основното училиште. Потем оџата го губи авторитетот и џамијата останува без верници. Само едно момче и девојка се добитници во целата таква ситуација – тие успеваат да ја реализираат својата љубовна врска која претходно им била забранета од родителите. Конечно сите жени од селото креваат бунт и ја палат кафеаната, што што навидум животот во селото се враќа во нормала“, вели Бектеши.
Режисерот појаснува дека сценариото допира многу аспекти и многу теми. Дека секој гледач во него може да препознае дел од нашата реалност. Сепак за Бектеши, кој како што вели, ниту во театарските претстави ниту во филмот сака да прати некоја одредена порака, овде најсилниот момент е „револуцијата на жените“. Моментот кога тие сфаќаат дека имаат моќ да ги променат работите. Дека имаат потенцијал и одговорност да ја земат судбината во свои раце. Тој и со дополна дека целата приказна е доведена до гротеска сè заради жанровската одредница „Незаборавна пролет во заборавеното село“ да биде комедија.
„Така се создадени и ликовите и ситуациите. Во филмот нема стереотипи на насилство. Тој не ги осудува ниту девојките кои се веројатно принудени да се бават со најстариот занает на светот – проституцијата. Едноставно „Незаборавна пролет во заборавеното село“ покажува една состојба на селани кои реагираат комично на една ситуација која никогаш претходно им се нема случено во животот“, истакнува Куштрим.
Филмот е копродукција помеѓу македонската Манифактура продукција, Медија и филм продукција од Косово, албанската Скандал продукција и нашиот Скупи фестивал. Делото е финансиски поддржано од Агенцијата за филм на Македонија, косовскиот Центар за кинематографија, Националниот центар за кинематографија на Албанија, Радио и телевизија Косово, МРТВ и Радио телевизија Албанија.
Во него играат голем број на глумци од трите земји и од соседна Бугарија, актери како Шкумбин Истрефи, Осман Ахмети, Ндричим Џепа, Луан Јаха, Салаетин Билал, Музбајдин Ќамили, Вјолца Бектеши Хамити, Адриана Матоши, Дијана Спасова, Хисмет Рамадани, Муса Исуфи, Ервин Бејлери, Ромир Зала, Адриан Азири, Бујар Ахмети, Шенгил Исмаили, Доника Ахмети, Тауланта Јупи, Мона Мустафа, Сокол Хајрулаи, Илире Винца, Веби Ќерими, Адем Карага и други.
„Незаборавна пролет во заборавеното село“ е сниман во селото Ѓономаљ во општина Корча, Албанија. Директор на фотографија е Алмир Џиколи, композитор Тримор Доми, монтажер Радован Петровиќ, сценограф Дурим Незири, костимографка Жаклина Крстевска, а дизајнер на звук Дарко Спасовски.
Согласно делото и составот на бројната екипа која исправено застанала зад филмот сценаристот и режисер Куштрим Бектеши со право очекува негова гледаност. Тој забележува дека секогаш кога започнува со работа на одреден проект, претстава или филм, има огромна желба тоа да биде видено од пошироката публика. Вели дека филмот не е локализиран, дека е случува некаде во некое фиктивно село и токму поради тоа може да биде податлив за било кој дел од светот, а посебно во балканските држави.
Инаку, „Незаборавна пролет во заборавеното село“ на Куштрим Бектеши влезе и во официјалната конкуренција на претстојниот Московски филмски фестивал, а сценаристот и режисер вели дека, и без лажна скромност, тоа е голем успех за целата екипа, продуцентите и воопшто за македонската кинематографија затоа што станува збор за еден престижен фестивал од „А“ категорија.
„Веста ја примив со голема радост затоа што кога го снимив филмот не очекував дека со првиот долгометражен проект ќе можам да стигнам до ваков престижен фестивал како овој во Москва. Ваквиот след на настаните ни дава надеж дека „Незаборавна пролет во заборавеното село“ после ќе има успешно патување и по другите фестивали. Една голема врата е отворена и останува да веруваме дека со филмот ќе не примат и на други значајни манифестации по светот и дека тој ќе има и долг живот во кината во регионов и во Европа“, признава авторот.
Од друга страна, Бектеши инсистира дека тој е театарски режисер и дека тоа е неговата професија. Вели дека ова е неговиот прв долгометражен филм кој доаѓа по два кратки што ги снимил претходно. Дека магистрирал сценарио за филм и телевизија и дека ова сценарио за „Незаборавна пролет во заборавеното село“ е нешто што одамна го носи во себе. Најнапред го развил како краток филм, за да потем oткако магистрирал го сними како свое прво долгометражно остварување.