Војните меѓу наркокартелите е резултат на влезот на тони најтешки дроги преку белгиското пристаниште Антверпен по што доаѓа до „првата распределба“

ТЕСА ВАЛТЕР
На почетокот на февруари оваа година, 20 куршуми беа испукани кон еден човек во бриселскиот кварт Андерлехт. Тој стана жртва на зголеменото насилство поврзано со трговијата со дрога во Белгија. Во последните месеци, нападите се зголемија.
Според Фабрис Кумбс, кој е градоначалник на Андерлехт пет години, ситуацијата драматично се влоши. „Продажбата на дрога на улиците значително се зголеми и сега е многу повидлива отколку порано“, коментираше градоначалникот. Според него, другиот сериозен проблем е поврзан со борбата за територија меѓу криминалните банди. „Сега сме во фаза на вонредно насилство и пукања“, коментираше Кумбс.
Во 2024 година во Брисел беа регистрирани повеќе од 90 вооружени престрелки. Девет лица загинаа, а 48 беа повредени. Ова е нагло зголемување во споредба со претходната година. На места како Андерлехт, локалното население е сè позагрижено. „Ужасно е да се живее тука, постојано се плашам“, вели еден жител. Млада жена која живее во Андерлехт додава дека дури и одењето по улиците доцна навечер е многу опасно. Според друга локална жена, оваа населба е едноставно запоставена од политичарите.
Дали постапките на властите имаат ефект?
Но, од каде доаѓаат дрогите што го поттикнуваат криминалот? Едно од европските пристаништа низ кои поминува најмногу кокаин е Антверпен, Белгија. Во 2024 година, властите во Белгија запленија 44 тони дрога таму.
Криминологот Стивен Дебо верува дека ова е само врвот на ледениот брег. „Во последната деценија, цената на еден грам кокаин на црниот пазар беше околу 50 евра. Не варира многу, што значи дека не сме во можност многу да ги намалиме испораките“, вели специјалистот.
Белгиските власти се обидуваат да се борат против организираниот криминал, но пукањата не стивнуваат. Експертите веруваат дека сериозна промена може да се постигне само ако се решат причините за насилството и ако се нападне пазарот на дрога што го поттикнува.