Буџетот за догодина е конципиран врз основа на „златното правило“ во јавните финансии, капиталните инвестиции да се на повисоко ниво во однос на фискалниот дефицит
Буџетот за 2024 година, што се носи во услови на продолжена неизвесност и забавување на глобалната економија, е дел од поширока стратегија за заздравување, а понатаму и за забрзување на растот, истакнува министерот за финансии, Фатмир Бесими во интервју за „Фактор“, во кое посочува дека стратегијата се заснова на поттикнување на развојот преку силен инвестициски циклус и обезбедување фискална одржливост.
Министерот за финансии истакнува дека буџетот за догодина е конципиран врз основа на „златното правило“ во јавните финансии, капиталните инвестиции да се на повисоко ниво во однос на фискалниот дефицит. Истовремено, буџетот останува на зацртаниот пат на фискална консолидација, односно намалување на буџетскиот дефицит, а притоа да не се влијае негативно врз економскиот раст.
„Структурата на буџетот се менува. Од минатата година нивото на капитални расходи е поставено на два пати повисоко ниво во однос на 2020 година, додека оваа тендеција продолжува и со Буџетот за 2024 година. Буџетскиот дефицит е намален за речиси една третина во однос на проектираното ниво за годинава, на 3,4 отсто од БДП, од што само половина е примарниот дефицит, односно 1,7 отсто од БДП, додека другата половина од дефицитот оди за плаќање на каматите за долгот акумулиран од минатото до сега. Ова ниво соодветствува со среднорочните проекции опфатени во Фискалната стратегија до 2028 година, односно буџетскиот дефицит во 2025 и 2026 година да се сведе на 3 отсто или во согласност со Мастришките критериуми, додека во 2027 и 2028 година да падне и под 3 отсто, односно на 2,8 отсто и 2,5 отсто, респективно. Што се однесува за економската одржливост, во рамки на средствата издвоени за капитални расходи предвидена е поддршка во оваа насока. Преку носењето на новиот Закон за буџети, зајакната е и контролата за обезбедување на фискалната одржливост преку воведување Фискален совет, како и фискални правила“, наведува министерот.
Министерот за финансии, во интервјуто говори и за деветиот пакет на антикризни мерки, со која ќе се поддржат 120.000 млади лица, околу 74.000 социјално ранливи категории на граѓани, 187.000 пензионери, 40.000 земјоделци, 540.000 корисници на апликацијата Мој ДДВ, 600.000 домаќинства, како и 70.000 компании, додека, ако се земат предвид и системските мерки, станува збор за 338.000 пензионери и 106.000 вработени во јавниот сектор.
„Деветтиот пакет на антикризни мерки беше најавен со Буџетот за 2023 година, кој беше усвоен минатата година. Оттаму тезите дека е предизборен, ненадеен, веднаш се побиваат. Фискалната политика и овој пакет антикризни мерки го насочивме кон поддршка на економскиот развој и поддршка на ранливите категории граѓани. Ќе се поддржат студентите, учениците од семејствата со ниски примања, пензионерите со ниски пензии преку додаток, компаниите, главно мали и средни компании, со ликвидносни инјекции“, вели Бесими и додава дека станува збор за 9-ти пакет, поддршка која се дава кон граѓаните и стопанството во континуитет од пандемијата наваму, која се проценува на 2,66 милијарди евра.