Боговите се прилично разлутени, овојпат. Велат огорчено- зошто да се даваат шанси на млади, успешни, конечно на жени, кои само за осум години успеале да создадат империја како никој досега во земјава, зошто да ечи името на една Нина Ангеловска како министер за финансии низ славните холови на вечноста?
Боговите станаа гневни, тие сега посегнуваат по неколку врвни имиња, на кои грбот им станал превиткан од знаење и искуство, ги изговараат со стравопочит, еден Џевдет Хајредини, еден Абдулменаф Беџети, еден Петар Гошев, еден Никола Поповски, еден Таки Фити, еден Трајко Славевски, а зошто не и една Анета Ангеловска- Бежоска, еден, еден, доволно е само еден, една, не ги имаме многумина.
Боговите се разбеснија, никој не може да ги смири, бараат докази, бараат светлина низ биографиите на овие луѓе погоре, копеат по еден мал блесок за зачеток на успешни фирми, докажан бизнис ум, иноваторство, знаење и вештини, идеи, господа, идеи пред сè .
Тоа се тие бездни во кои пропаѓаат нашиве богови, главите се наведнуваат кога нашиве акaдемици, научници и професори со тоа премногу знаење, со тие предолги години искуство ништо не монетизирале, не ги направиле вносни децениите поминати низ книгите и томовите, ништо тие не знаеле да капитализираат во опиплив материјален доказ, како што е една успешна фирма, добога.
Тоа е нивниот пад, нивното конечно проклетство на кои тие се сопнуваат и треснуваат на теме, како што и треба да завршат самопрогласени богови, наведнати само врз науката, наместо да ја сфатат вистинската вредност на профитот добиен во сопствена фирма – тој профит само може да биде единствено мерило за успех и вредност на еден чесен човек, жеден за општествено признание.
Да, боговиве разулавени бараат барем невидлив траг на младоста кај овие средовечни мажи и таа не така веќе млада и по малку и свената од умор- гувернерка. Но тие кутрите се веќе пред портите на пропаѓање, не можат ниту тоа да го понудат, ја немаат свежината, сјајот, еланот кој го носи младоста, јуришот низ ѕидовите кога храброста ја води таа росна младост.
Ако сакате богови, можеме да говориме и за бистрото око, кое само може да го има младостс, кое ги препознава цифрите, ги селектира и меморизира, ги подредува по колони, ги издвојува како предности, ги сече и пакува, којзнае што се не може да се направи во неразбирливите поими на една прогресивна фискална политика, о, богови, замолчете.
Боговите ги бараат изгубените девојки
Конечно бараат да видат барем доказ дека и жените се еднакви човечки суштества кои имаат право да ја отфрлат злата судбина за создавање на баланс на Земјава, сепак за тоа и се создадени дамите, простете богови, простете ветришта кои ја разнесуваат надежта. Но, господа, таков доказ не постои, во ништавилото не можете да барате еволутивен развој на првобитна материја каде што застанал и никогаш не се помрднал всушност женскиот свет, зарем не?
Сето тоа ги докрајчува и ги сопнува боговиве, затоа што ништо од ова не поседуваат академициве, професориве, поранешниве министри за финансии, дури ни гувернеркава, која е именувана само заради проклетиот родов баланс а не заради некоја бизнис успешност во сопствена фирма, ако бидеме докрај чесни и одговорни пред бесот на боговите.
Боговите се сепнаа кога ги слушнаа одеците кои доаѓаат од сите страни: ова е земја во која уморните и очајните бараат правда веќе втора деценија по груевизмот, и зарем во сета таа збрка и викотници, името на една млада, успешна девојка навистина ли би ги потемнило страниците на историјата, кои стануваат сè повеќе замачкани, извалкани и искинати, па нека се докрајчат, и онака веќе не е ни важно, ајде, не замолчувајте сега богови, вие непрокопосани богови.
Но ако навистина сакате бесот да го негувате и понатаму, вие богови, вперете го во луѓето кои ја именувале и ја втурнале во земјата на чудата во што ја претворија оваа земја.
Сега сите наеднаш почнаа да се прашуваат за изгубените девојки кои го добиле на послужавник патот кој на секој не му се дава шанса да го проодува, наместо да го постават вистинското прашање- каде се луѓето кои навистина треба да ги барате и да им наплатите за сите наши изгубени соништа, и по некоја дамнешна младост за која никој навистина и не жали.