Волфганг Менингер од Арчелор Митал и потпретседател на Советот на странски инвеститори во Македонија посочи дека сите од регионот сакаат да се поврзат со Европа, но нема да успее никој сам. Истотака, тој рече дека за посеопфатен економски раст потребно е да се развиваат примарните индустрии
ЗОРАН ЈОВАНОВСКИ
Во јуни годинава во хотелот Хилтон во Белград се одржа еднодневен Бизнис форум организиран од Македонија 2025 во партнерство со КЕНСИ (CANSEE), Канадско-српската бизнис асоцијација.
На отварањето се обратија Џон Битове џуниор, со-основач и член на бордот на Македонија 2025, Мирјана Дончиќ Битон, извршен директор на КЕНСИ, нејзината екселенција Кати Чаба, амбасадор на Канада за Србија, Македонија и Црна Гора и Светозар Јанески како признат регионален бизнис лидер. Притоа беше истакната потребата од продлабочување на економската соработка во регионот, како предуслов за зголемен економски раст на целиот регион. Притоа, исклучително важна беше пораката на Јанески кој посочи дека во услови кога како регион сите нé поддржуваат, но никој не нé прашува што мислиме ние, не смееме само да чекаме некој да ни помогне туку мораме сами како регион да преземеме чекори. Тој истакна дека е потребна промена на локалниот менталитет, а тоа бара темелна реформа на образованието којашто започнува уште од градинка.
На форумот имаше низа квалитетни дискусии организирани во четири панели на дискутанти.Притоа, Михаил Матески од Green Tech истакна дека е речиси невозможно да се најде странски инвеститор за било кој голем проект, ако тој проект не е регионален. Радош Вукичевиќ од Тиквеш рече дека постои потреба од владина поддршка за промовирање на македонските вина во светот. Антони Наумоф од Cosmic Development посочи дека ИТ секторот во Македонија е веќе на одреден начин заситен и дека проширувањето на нивниот бизнис со канцеларија во Србија се покажало како добар потез. Митко Андонов од компанијата Kolid Internationalги нагласи правната сигурност и добрата инфраструктура како многу важни за успешно функционирање на бизнис секторот во Македонија и пошироко. Волфганг Менингер од Арчелор Митал и потпретседател на Советот на странски инвеститори во Македонија посочи дека сите од регионот сакаат да се поврзат со Европа, но нема да успее никој сам. Истотака, тој рече дека за посеопфатен економски раст потребно е да се развиваат примарните индустрии.
За искуствата на бизнисмените лоцирани во Србија слушнавме од Јелена Булатовиќ од Српската асоцијација на менаџери, Стефан Вранеш од Адриатик Империал Тобако, Оливие Си Тахар од Холидеј Ин Експрес Белград, Тијана Копривица од Делта Холдинг, Тања Душаниќ од Апатинска Пивара и Филип Лунески, Претседател на Македонската бизнис асоцијација во Србија.
На крајот на форумот мошне инспиративно беше обраќањето на Ана Коешал од Фондацијата на Ана и Владе Дивац, истакнувајќи дека за 10 години им помогнале на 700 илјади луѓе со помош во вредност од 16,7 милиони американски долари.
За учесниците на форумот беше организиран и прием во канадската амбасада во Белград.
– Еден од приоритетите на канадската Влада е промиварање на трговијата и инвестициите меѓу Канада и земјите во регионот и нивно интензивирање. Нудиме низа услуги во Канадската амбасада и ги подржуваме канадските бизнисмени заинтересирани за регионот. Затоа соработуваме и со Македонија 2025 и КАНСЕЕ и оваа соработка е добра за сите во регионот, бидејќи на овој начин имаме подобар животен стандард, поголем економски раст и мир и стабилност, изјави канадската амбасадорка Кети Чаба.
Посебен акцент на Бизнис форумот „Македонија 2025“ беше ставен на споделување на најдобрите практики во регионот преку говорите на претставници од врвни корпорации.
– Можностите на успешното инвестирање на компаниите во регионот може да доведе до одредени успеси и резултати кои се значајни за земјите кои инвестирале и ние тоа овде успешно го преставуваме, изјави Мирјана Дончиќ Беатон менаџер директор на КАНСЕЕ.
На Бизнис Форумот говореа и претставници од врвни корпорации, како Nevsun Resources Ltd., Delta Holding и Apatinska Brewer, Тивеш и други, како и Филип Лунески претседател на Македонската бизнис асоцијација во Србија, кој ги преставуваше македонските фирми во Србија.