Со концерти во неколку градови од земјата, пијанистката Билјана Петровска неодамна ги започна промотивните активности за своето првенче – „Здивот на вечната љубов“. Албумот е инспириран од мелодии и мотиви на македонски фолклорни песни
Велат дека убавите нешта најмногу радуваат кога едноставно не ги очекуваш. Кога одеднаш ќе се појават и ќе ви ја погалат душата. Ќе ве натераат да се чувствувате барем и за миг дека сте се одвоиле од земјата и сте се збогувале од суровата реалност. Сте отпатувале некаде за да се вратите посилен во уверувањето дека уште посилна ви станала врската со сопствената традиција, со автентичната звучност, со својот музички јазик. Со кодот кој така ритмично удира во крвта.
Е, токму таков е и првиот албум на пијанистката Билјана Петровска и нејзините музички собеседници, колегите од Академија, од современата македонска сцена. Врвни инструменталисти како Марија Јакимовска, Влатко Крстев, Петар Колевски и Благојче Трајковски, чии имиња можат да се сретнат на еден куп носачи на звук. И, згора на тоа звуковност која локалноста ја надвишува со потребата да биде облечена во податливо руво, да го има оној специфичен медитативен шмек на кој без многу инсистирање се лепи сечиј отворен и со ништо неусловен интерес. Од овде до крајот и назад кон почетокот на глобалниот свет. Значи за публика која сака да сонува, да мечтае, да си се враќа себе си во времево на измешани вредности и исправање ѕидови наместо градење мостови на пријателство и разбирање.
Билјана Петровска е магистер по пијано. Музичар-изведувач. Аранжер. Автор. Таа е и уметничка од која, здравје, во иднина чекаме и нови објави кои наново ќе не радуваат.
А, разговорот со неа го имаше ваквиот тек.
Работен во изминативе две години, неодамна се појави вашиот албум „Здивот на вечната љубов“. Од каде потребата кај пијанистката Билјана Петровска за оваа објава. Колку долго во себе ја носеше идејата за неа и конечно значи ли сево ова заокружување на еден од нејзините творечки соништа?
– Албумот „Здивот на вечната љубов“ е албум инспириран од љубовта. Создавањето на овие композиции кај мене се јави како потреба да ја искажам и пренесам пред се мојата големо почитт,и секако наклонетоста кон македонскиот фолклор,
Јас повеќе од 15 години се занимавам со аранжирање и оркестрација на композиции од разни стилови и жанрови.Конкретно идејата за создавање на авторски композиции инспирирани од македонскиот фолклор ја добив пред 5-6 години.Таа тлееше како убава мисла, желба која би сакала да се обидам да ја исполнам, но тогаш сеуште не се чуствував подготвена за тој чекор.Во 2018 година желбата надвладеа и ја создадов композицијата Самовила (Македонско девојче),која ми се допадна и ги задоволи моите критериуми и таа е единствена композиција на албумот од тој период.
Моето вистинско созревање за ваков вид на музичко творење се случи во 2021 година кога се создадени сите останати композиции. Во тој турбулентен период на владеење на короната, како и на сите други луѓе и мене ми се случија многу неубави, вознемирувачки ситуации , но и убави емоционални моменти.Тогаш успеав да допрам и да ги ослободам длабоко скриените чувства, среќата, радоста, тагата, болката и да ги пренесам како музички мисли и креации во композициите од овој албум.
Секако дека креирањето и создавањето на албумот „Здивот на вечната љубов“ е остварување на една творечка мисла која созреваше во мене подолг период, и која успеавме да ја реализираме и преточиме во една една музичка приказна и претставува заокружување на еден сон кој сеуште го живеам.
Музиката на албумот е инспирирана од мелодии и мотиви од македонски народни песни, од она за кое се претпоставува сите го имаме запишано во нашиот код. Колку беше благородно, но едновремено опасно да се слегува до изворот на традицијата и да се креира звучна слика која ќе му приличи на авторот, но и на времето во кое е настаната?
– Креирањето и создавањето на своја музичка содржина можеби е еден од најголемите предизвици за секој музичар.Тоа е креативен, мисловен процес кој неминовно е поврзан со одредени правила, но и естетски критериуми кои мора да бидат основа при создавањето на композициите.
Креирањето на композициите од овој албум за мене навистина беше благороден процес, кој ме исполнуваше, додека мојот постојан контакт, слушањето на македонските фолклорни песни кај мене предизвикуваше бура од нови идеи и инспирација како да пристапам и како да ги обработам мелодиите и мотивите.
Свесна за фактот дека секој од нас го носи кодот на фоклорот во себе, но и свесна за тежината традиционалната музика да се донесе на сосема поинаков и современ начин, многу внимателно пристапував кон секоја нова идеја трудејќи се да ја задржам што повеќе оргиналноста на традицијата, но да биде природно вклопена во мојата музичка слика.
Сметате ли дека притоа е најважен искрениот однос кон македонскиот музички јазик? Конечно, во ова време на измешани вредности, зарем мнозина неуки не влегоа во „играта“ да го поганат и лесно да профитираат од него?
– Искрениот однос кон македонскиот музички јазик како и кон самата себе е тој што ми помогна да ги надминам стапиците кои се појавуваат кога започнувате со креација која за вас е ново искуство. Иако живееме во време на измешани вредности,идејата и мотивот за создавање на овој албум како една музичка целина е љубовта кон традицијата. Тој не е креиран како комерцијален производ за додворување и профитирање.
Како класично образован музичар, солист, се премислувавте ли околу формата што треба да ја има објавата? Каде таа да зачекори? Да ги раскине веќе дадените рамки и огради и да донесе „звуковност“ која ќе се најде на крстопат на стиловите и нема исклучиво да биде именувана како уште една „пијанистичка“ плоча?
– Иако сум класично образуван музичар во моето долгогодишно сценско (интерпретаторско) искуство изведував дела со различни стилови и жанрови,со што се запознавав со различни композиции кои излегуваат од рамките на одреден стил и жанр,носат нови прогресивни идеи и начини на творење.Тоа искуство ми помогна воопшто да не се двоумам во реализацијата на овој музички материјал. Мојата замисла за овој албум од самиот почеток беше овие композиции да бидат донесени како нешто ново, нешто што ќе излезе од рамките на класичниот начин на творење. Во овие композиции јас сакав да ја прераскажам убавината на фолклорните теми користејќи чисти и едноставни хармонии за спокојна хармонска обоеност, ненаметливо звучење, со многу мали отстапувања во рамките на оргиналниот ритам. Секоја композиција со својата атмосфера ја раскажува приказната, музички го раскажува текстот од оргиналната песна и во нив се чуствува спокојно и по малку медитативно расположение.
Ако кажеме и тоа дека вие и не така срамежливо влегувате во авантурата да направите еден речиси „амбиентален“ албум кој е приказна сам за себе, нешто на кое разбирливо му кумувал и вашиот продуцент Никола Стојковски, тогаш може ли да се смета „Здивот на вечната љубов“ чисто само како навестување за дури посмел обид за експеримент? Од што бевте посебно инспирирани при пишувањето, креирањето на оваа музика? Имавте ли слика пред себе како сето тоа ќе излезе на крајот?
– Сметам дека со мојот продуцент Никола Стојковски успеавме да ја реализираме идејата која од самиот почеток беше овој албум да донесе спокојна и по малку амбиентална атмосфера, која всушност ќе биде негова карактеристика .
Оваа авантура ја започнавме заедно со Никола и неговата улога (неговото кумување како што велите Вие), во креирањето на овој албум е неминовна и непроценлива.
Неговите насоки и совети на патот по кој одевме додека се создаваа композициите и нивната реализација (снимањето),многу често ми ја даваа вистинската насока на движење, ми помогнаа да ги решам дилемите или да изберам помеѓу повеќе варијанти,особено кога ке ме заплиснеше бранот на идеи.
При создавањето на композициите освен убавината на звучењето на македонскиот фолклор ме инспирираа и композициите од современиот пијанистички стил New Age. Вистински предизвик за мене беше да се обликуваат македонските изворни песни и да се приближи креацијата до звуковната атмосферата на овој стил .
„Здивот на вечната љубов“ е мое прво чедо кое ги исполни моите очекувања и ми дава надеж и уште поголема желба за понатамошни нови креации. И се разбира обиди за нови експерименти. Сликата која ја имав на почетокот на создавањето на албумот, во текот на неговата реализација се менуваше, или подобро кажано се прошируваше. Првичната идеја за албумот беше тој да содржи само композиции за соло пијано. Но пред се поради мојата љубов кон камерното музицирање и долгогодишното керирање на аранжмани за камерни состави, решив да се обидам да создадам и таков вид на музички творби кои сега се составен дел од албумот. (остатокот може да го прочитате на хttps://www.slobodnaevropa.mk/a/31939706.html)