Македонските граѓани имаат најнизок стандард, но и привилегија да плаќаат најевтина струја и да возат на најевтин дизел во Европа. Глобалниот раст на цените создава притисок на домашниот пазар, но без посериозни потреси
Македонските граѓани постојано се жалат дека плаќаат високи цени за нафтените деривати и електричната енергија, иако статистиката вели дека тие се меѓу најевтините во Европа и регионот. Реакциите се гласни, но колку и оправдани?
Ако се суди според компаративните податоци тие реакции немаат многу оправдување. Но, ако се суѕди според стандардот забелешѓките имаат основ.. Надлежните кои го регулираат и мониторираат овој бизнис кој годишно во Македонија врти околу 2,5 милијарди евра, тврдат дека државата прави сѐ за да обезбеди баланс помеѓу потребите на производителите и трговците од една страна и потрошувачите од друга.
Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, во интервју за Дојче веле нагласува дека паралелно интензивно се вршат подготовки и анализи за ефикасно справување и со претстојните предизвици околу целосната либерализација на пазарот на електрична енергија по Нова година, односно промената на методологијата на пресметка на цените на нафтените деривати неколку месеци подоцна.
Регулаторната комисија за енергетика е присутна во јавноста како никогаш досега. На што се должи ваквата ваша отвореност?
– Регулаторната комисија за енергетика регулира, контролира и мониторира бизнис од приближно 2,5 милијарди евра годишно. Целта ни е да ја отвориме нашата институција кон јавноста и граѓаните за тие да бидат свесни дека ништо не правиме тајно. Ниту на крај на памет не ни е да се помисли дека институција што регулира ваков сериозен бизнис работи нешто тајно и се договара само со компаниите. Сакаме граѓаните да добијат информации за сѐ што работиме и во наредниот период ќе ги убедиме и граѓаните, но и потрошувачите и компаниите дека сите наши одлуки кои ги носиме се базирани на факти и на аргументи.
Она што ги интересира и тангира граѓаните се цените, посебно на нафтените деривати. Врз основа на што ги одредувате цените кои по неколкукратно зголемување, еве сме сведоци дека како последно и се намалија?
амалувањето на цените на бензините и дизелот се должи на намалувањето на цената на нафтата на светските берзи,како и поволниот курс на доларот во последните две недели. РКЕ применува методологија која што е дел од купопродажниот договор за ОКТА помеѓу Владата на Македонија и Хеленик Петролеум, според која најголемо учество во цената има курсот на американскиот долар со 60 отсто а нормално и од цената на светските берзи. Таа методологија, според договорот со Хеленик Петролеум, сме обврзани да ја спроведуваме до наредната година.
Што потоа, ќе се менуваат нештата, или сепак сметате дека ова решение е добро?
– Република Македонија е зависна од увоз на нафта и деривати и по завршувањето на обврската за примена на оваа методологија ние како регулаторно тело ќе пристапиме кон креирање на нова методологија, во која ќе ја земеме во предвид новата фактичка состојба. А тоа е дека Рафинеријата ОКТА во последниве години не работи, но исто така и другите трошоци кои што ги имаат трговците со нафта и нафтени деривати. Ќе формираме поголема работна група со цел да направиме методологија која може да се спореди со актуелната состојба, каде имаме курс на доларот во однос на денарот од 53 денари. Неспоредливо е и несериозно да се прават такви компарации.
Значи ли ова дека треба да бидеме задоволни, дека Македонија има квалитетна нафта и со најниска цена?
– Сигурно дека во земјите од ЕУ квалитетот на нафтата е на нешто повисоко ниво од она што го имаме кај нас, но кога ќе ја споредиме цената со квалитетот, тогаш сигурно дека сме на соодветно ниво.
Сведоци сме дека дизелот поскапува подинамично за сметка на другите деривати. На што се должи ваквиот тренд?
– Тоа е европски тренд и претпоставувам дека пред сѐ е резултат на еколошките карактеристики, односно подобрите еколошки перформанси на бензинот во однос на дизелот.
Значи ли ова дека дизелот во Македонија полека, но сигурно ќе стане неисплатлив за возење?
– Она што е карактеристично во сегашната методологија е што ние ги земаме предвид и цените на берзата и за бензините и за дизелот. Сакаме или не, мораме да ги следиме трендовите, така што и во Македонија ќе доаѓа период кога ќе почнат да се приближуваат цените на дизелот и другите бензини. Но сега е премногу рано за тоа, имајќи предвид дека акцизата на дизелот е пониска од онаа за бензините. Но, од она што се случува на берзите, на што ние како држава не можеме да влијаеме, трендот е јасен и очигледен, дека цените на бензините се приближуваат до цените на дизелот.
Наредната година пазарот на електрична енергија во Македонија целосно ќе се либерализира. Во тек е тендер за избор на т.н. универзален снабдувач. Очекувате ли голем интерес, со оглед дека станува збор за вносен бизнис?
– Во Македонија 20 компании имаат лиценца за продажба на електрична енергија, од кои осум се активни на пазарот. Споредено со регионот, ние имаме најголем број на активни снабдувачи и процентот на реална либерализација на пазарот на електрична енергија е највисок, околу 50 отсто. Затоа очекувам дека на тендерот некои од овие осум ќе се пријават за да се стекнат со правото да бидат универзален снабдувач за малите потрошувачи и домаќинствата.
Кој е главниот услов за избор на универзален снабдувач и што ќе се случи доколку не тој не биде избран?
– Единствен услов за универзален снабдувач е најниската маржа која ќе биде понудена. Тој ќе има право да има бизнис во снабдувањето во следните 5 години. Во тој период ќе биде гарантирана таа маржа. Но и доколку не се избере универзален снабдувач, нема простор за загриженост, бидејќи до изборот ЕВН Македонија ќе биде таа која ќе ја врши дејноста на регулирано снабдување. Не може ништо да се случи.
Вие како регулатор ќе ја одредувате и крајната цена. Што ќе значи тоа за потрошувачите, пред сѐ за домаќинствата?
-Самиот закон за енергетика има заштитен механизам за малите потрошувачи и за домаќинствата. А.Д. ЕЛЕМ „Електрани на Македонија“ ќе биде обврзан во 2019 година да обезбедува најмалку 80 отсто од потребите на малите потрошувачи и домаќинствата, па 75 отсто и.т.н. во наредните седум, осум години, кога овој процент ќе се намалува. Во моментов производната цена на ЕЛЕМ е околу 39 евра за мегават час. Всушност преку цената на ЕЛЕМ ќе обезбедиме најдобар и најголем механизам за заштита на домаќинствата за да нема ценовни шокови.
Но што доколку се јави потреба од увоз на струја?
– Се разбира ако има таква потреба и ако цената на увозот расте, тој трошок ние ќе треба да му го признаеме на универзалниот снабдувач. Периодов имаме тренд на пораст на цената на електричната енергија на регионалните берзи. Но сметам дека ЕЛЕМ во најголем дел може да ги обезбеди потребите за домаќинствата.
Значи граѓаните треба да бидат мирни?
Да, генерално треба да бидат мирни, бидејќи како што кажав – го имаме ЕЛЕМ кој е гарант за таа заштитна цена за домаќинствата.
Како ќе знаат граѓаните што да прават кога ќе се случи либерализацијата? Ќе има ли насоки како и кога ќе треба да реагираат, се разбира доколку тоа го посакаат?
– Видете, цената на струјата кај домаќинствата кај нас е една од најниските во Европа и регионот, единствено Србија има нешто поевтина струја во овој сегмент. Во оној момент кога снабдувачите ќе водат малку поинтензивна кампања корисниците ќе бидат доволно запознаени дека можат да купат и на слободниот пазар. Но, според она што го знаеме, домаќинствата не се фокус на снабдувачите, бидејќи и маржите на слободниот пазар би биле пониски.
Стартот на грејната сезона го актуелизира и проблемот со исклучените од системот на топлинската мрежа. Здружението на граѓани инсистира на брзо решение, но дилемите се дали тоа воопшто е можно?
-Во овој момент има околу 12.000 корисници кои се исклучени од системот за греење во Скопје. Сите тие имаат обврска да плаќаат фиксен надомест. Според податоците, процентот на наплата е помеѓу 80 и 85 отто. Се обидуваме да излеземе во пресрет на здружението „Но пасаран”. Сега бараме начин да видиме каква е фактичката состојба. Приходите по овој основ се околу 70 милиони денари. Ќе се прави анализа какво влијание ќе има тоа врз цената на оние кои се приклучени и добиваат услуги од системот за греење. Верувам дека ќе најдеме прифатливо решение. Ќе ги земеме предвид искуствата од регионот, ќе вклучиме и експерти по термодинамика да ги расчистиме сите прашања и да донесеме правила кои ќе ги задоволат сите инволвирани страни. Ние сакаме секој да плаќа за услуга што ја добива. Јас претпоставувам дека дел од исклучените навистина не ја добивале таа услуга. Затоа што и тие велат дека би плаќале доколку добиваат квалитетна услуга. Станува збор за сериозна операција и се надевам дека до крајот на годинава ќе ја завршиме. Претседателската функција ја презедовте во нов објект кој се изгради како дел од проектот Скопје 2014. Задоволни ли сте од условите, одговараат ли на вашите потреби?
– Објектот е таков каков што е. Просторот сега засега ги задоволува потребите на РКЕ, иако имаме некои одредени забелешки за квалитетот на изведбата на објектот. Исто така и неколку нелогични ситуации. На пример, имаме неколку канцеларии без прозорци. Но, сега засега сме во сопствен простор. Претходно бевме во изнајмени простории, а сега со ова значително ни се намалени трошоците. Верувам дека во наредниот период со изведувачот „Бетон-Скопје“ ќе ги поправиме и тие забелешки во однос на квалитетот на просториите.