Тезата за еднаквост на одговорноста за сите е наратив кој одговара на културата за бегство

Односите во партијата, вклучително и оние меѓу раководството и пратеничката група, не треба да се сведуваат на симпатии или антипатии. Тоа е прашање на капацитет за соработка, политичка зрелост и одговорност пред јавноста. Без таа функционалност нема ни резултати.
Во однос на поразот на СДСМ, видовме обид за колективизација на одговорноста, каде што сите, наводно, беа еднакво виновни. Тоа не е точно, и уште помалку е здраво. Таков наратив одговара на политичка култура на бегство, не на една прогресивна и одговорна опција.
Јас верувам во лична одговорност. Без храброст да се застане и зад сопствените одлуки, но и зад сопствените грешки, нема вистинска промена. Без транспарентност и искрена самокритика нема враќање на довербата. А токму довербата денес е најдефицитарната, но и најпотребнатавредност во политиката.
Затоа, мене не ме интересираат внатрепартиските пресметки. Ме интересираат граѓаните. Ме интересира иднината.
Партијата што сака да биде релевантна мора да покаже, но и да верува, во она што го тврди: еднаквост, правда и солидарност. Овие вредности не се само традиција, тие се можност за нов почеток. И јас верувам дека ако постои храброст за искрен пресврт, има шанса и за обнова. Не поради имиња, туку поради вредности. Не заради минатото, туку заради иднината, вели екс вицепремиерот и актуелен пратеник Фатмир Битиќи во интервју за НОВА.мк што порталот интегрално ќе го објави денеска напладне.