Треба да бидеме внимателни и да кажеме што е наш национален интерес за разлика од нечиј друг интерес. Тоа е тоа што сакаме да го покажеме и мислиме дека, особено од аспект на критична инфраструктура, треба да бидеме прилично внимателни

Прашањата за Битиќи биле за американско-европската трговска војна и дали таа ќе се одрази на Македонија, дали државата е подготвена на тие удари или само ќе бидеме неми посматрачи и дали последиците ќе се одразат и на растот на економијата којшто актуелната влада го проценува на 3,7%.
Битиќи и понатаму е на ставот дека останаа многу нејаснотии околу унгарскиот кредит и дека останува да се види дали зад него стои политички договор со Унгарија кој, според него е договорен вининституционално.
Соговорникот на Рацин.мк смета дека е неприродно Владата да стои зад бојкотот на маркетите, наместо да ги решава ценовните шкови за кои извршната власт ги има сите механизми, но очигледно е, според Битиќи, дека таа нема визија како да го направи тоа.
Пратеникот Фатмир Битиќи смета дека минималната плата од 30.000 денари треба да биде реалност по што таа треба да го поттикне растот и на просечната плата во државата.
Во интервјуто за Рацин.мк пратеникот Фатмир Битиќи оценува дека целосно потфрли создавањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, бидејќи и после 8 месеци не се гледаат никакви резултати, а енергетската криза во земјата само се продлабочува.
Рацин.мк: Како американско-европската трговска војна ќе се одрази на Македонија? Дали сме подготвени на тие удари или само ќе бидеме неми посматрачи?
Битиќи: Сметам дека, независно што сме мала земја, нашата севкупна економија е таква да не можеме да останеме на страна и ќе видиме што ќе се случи, што ќе прават они, па после ние ќе реагираме.
Сметам дека Владата би требало после најавите дека се особено блиски со сегашната администрација да знаат кои се слидните чекори и да кажат на стопанството, на пратениците, па и на сите други чинители што се следните чекори што ќе ги преземе македонската влада во насока на поелсно елиминирање на можните негативни влијанија.
Мојата проценка е дека ако се случи (САД) да воспостават одредени царини кон ЕУ, тоа директно ќе влијае врз нашата економија. Ние сме длабоко извозно ориентирани и поврзани со економијата на ЕУ.
Еве само еден податок, скоро 47% од нашиот извоз е поврзан со германската економија и од тоа скоро 80% од целиот тој извоз во Германија е поврзан со еден сектор, а тоа е автомобилскиот сектор и, најверојатно, тоа ќе биде еден од секторите коишто најмногу ќе биде погоден во таа војна, во таа тивка војна којашто Америка ја води со другите земји.
Затоа сметам дека Владата треба да биде многу попроактивна и да има многу појасна стратегија како, во евентуално нови констелации но новата светска економија, ние како мала земја поставиме.
Има начини. Ние како претходна влада и јас бев еден од чинителите, имавме доста работено за да ја поставиме нашата земја во мапата на земји во која така наречениот near shore или friend shore би можело да се одвива, а тоа е да влеземе во сегментот на синџирот на набаваки во одредени сектори како алтернатива за одредени подалечни земји за индустриите коишто се битни за нас.
Тоа реално даде резултати после војната со Украина. Друго е дали тоа помпезно го најавувавме, го зборувавме, го промовиравме, но реално резултатите се видиливи и ефектите од нив се видоа на крајот од 2024 година, кога, во суштина, ја надминавме кризата, инфлацијата, справувањето со инфлацијата, но и резултатите од странските директни инвестиции за кои што оваа влада сака да ги промовира дека достигнале највисок раст.
Треба да сфатиме дека и странските инвестиции, справувањето со инфлацијата и спарвувањето со кризите не е „магичен стап“ па денеска само ќе замавнеш и ќе ги сузбиеш. Тоа е процес којшто трае и ако претходно не си се справил соодветно со причините, последиците ќе бидат полоши. Од друга страна, ако претходно доволно добро е поставена основата последиците ќе бидат такви какви што беа на крајот од 2024, со скоро една милијарда странски инвестиции, а инфлацијата, од некаде 19% да ја оставиме некаде на ниво на 3%, тоа се последиците на претходните политики коишто беа добро осмислени.
Ќе видиме што оваа влада реално ќе понуди во насока на справување со последиците од трговската војна.
Една од последиците може да биде намалување на интензитетот на растот на економијата. Дали е можно такво нешто? Дали тоа ќе се судри со проекците кои велеа, од наша страна, од страна на Владата, дека растот на економијата оваа година ќе биде над 3%?
– Мојата проценка е дека растот од 3,7% е многу висок. Тоа не го кажувам само јас. И Народна банка и другите меѓународни институции укажуваат и ниту еден не прооектира раст поголем од 3,3%, а тие што ни го оценуваат кредитниот рејтинг, велат 2.9%.
Оттаму, сметам дека тоа што се навестува од администрацијата на САД во тивката војна со ЕУ, особено во автомобилскиот сектор, ќе влијае негативно и можеме за некој месец да знаеме дали тоа што вообичаено го имаме како нарачки од домашните и странските инвеститори во нашата земја, ќе падне на одредено ниво и дали ќе треба Владата кој е одговорот на тоа.
Јас, искрено, знам што би требало да се направи во овој момент, особено во доменот на односите со стратешкиот партнер како што е САД и во оваа војна колатерала не би требало да биде нашата земја. Но, за тоа треба проактивност, а не седење на страна со став дека тоа е нешто што они го прават и дека ние не би требало да бидеме вмешани.
Сметам дека конечно е дојдено времето, независно што сме мала земја, но нашата геополитичка ни дозволува, дури бара да бидеме многу проактивни во севкупните економски движења во светот, а особено во однос на стратешките партнери како што се САД и ЕУ. Ние немаме друга алтернатива. И со едните и со другите треба отворено да се прашаме затоа што ни на едните ни да другите не им треба слаба македонска економија и слаба држава севкупно. Им треба јак партнер, особено затоа што сме сојузници во најголемата воена алијанса. Тоа значи дека ако како претенденти коишто сакаме да бидеме земја членка на ЕУ, подобро е да бидеме поспремни отколку да бидете сиромашни и од аспект на економија и од аспект на функционирање на институциите.
Уште не ја знаеме политичката цена на унгарскиот кредит.
Кога зборуваме за стратешките партнери и во контекст на оваа ситуација за којашто зборуваме досега, трговската војна и неизните влијанија, Владата за свој стратешки партнер ја прогласи Унгарија кога зборуваше за унгарскиот кредит кога го најавија. Конечно овој месец започна постапката за доделување на кредити, преку комерцијалните банки со посредство на Развојната банка на Северна Македонија. Дали во овој контекст е од помош, во оваа ситуација унгарскиот кредит и колку тоа нас ќе не чини во целата оваа ситуација? Затоа што имаше многу контроверзи околу тоа колку навистина ќе чини унгарскиот кредит?
– Јас сум бил еден од тие што јавно сум говорел за унгарскиот кредит, сѐ уште има, и останаа многу нејаснотии. Прво, тој е преговаран вонинституционално. Тоа не треба да го заборавиме. Испреговаран е пред воопшто да имаме влада. Сметам дека никој нема толкава политичка моќ да преговара за кредитирање на државата хипотетички дека ќе дојде на власт, освен ако нема договор за одредена политичка соработка. Второ, остана необјаснето дали се тоа навистина унгарски пари или нивното потекло е дека се кинески пари.
Ние мора да сфатиме, дека Македонија, каква што е денеска, не е иста каква што беше пред осум години. Ние сме земја членка на НАТО и знаеме јасно кои се нашите стратешки партнери. Ние имаме и треба да имаме соработка со Кина, но и со сите други земји коишто не се составен дел од НАТО алијансата. Можеби не се и во Европа, но при тоа треба да знаеме дека позициите ни се јасни. Играњето на ниво на овозможување на влегување на корозивен капитал, којшто освен финансиска помош има и политичко влијание треба да биде минато. Ако тоа не е јасно имаме сериозен проблем. Затоа, да, и јас ја нарекувам Унгарија како стратешка земја затоа што е дел од ЕУ. Но, при тоа, ако не се објасни што е позадината на сето тоа и која е цената што треба да ја платиме, не само финансиска туку и политичка, сметам дека како јавност не сме на чисто.
Јас како граѓанин не се чувствувам лагодно ако, освен финансиската цена што треба да ја платам преку моите даноци, треба да платам и политичка цена. Гледаме дека таков договор има, но тој не е обзнанет никогаш.
Многу е лесно за препознавање. Како одеднаш третиот телеком оператор влегува и сосема случајно е од Унгарија. Што е следно? Дали влегувањето на други компании од таа земја во нашата земја е можеби договорот којшто е направен, а којшто ние не го знаеме.
Затоа сметам дека владеењето, освен што се црпи од легитимитетот којшто се добива на избори, има одредени правила. Транспарентноста и отечтноста треба да бидат вредности коишто секоја влада, секоја демократска влада, во земја аспирант за да стане земја членка на ЕУ, каде што овие вредности се на највисоко место, треба да ги има.
Јас, како пратеник, сметам дека тоа оваа Влада го нема и тоа го докажува веќе во првите осум месеци. Не за вредностите на ЕУ да ги кажуваме само јавно, туку да се видат на начинот како се поставени и како реално секој треба да ги практикува, сме далеку од тоа што би требало да бидат тие позитивни вредности.
На кратко кажано, ако ми дозволите така да го резимирам ова, политичкиот профит што од унгарскиот кредит го добива актуелната влада, е практично на сметка на граѓаните?
– Да, затоа што остана неодговорено прашањето на третиот телеком оператор којшто би требало да влезе, се најави помпезно. Освен тоа, дали тие, со тоа што имаат склучено стратешко партнерство кинеската компанија Хуавеј, којашто би требало да влезе на нашиот пазар преку нив, ќе се случи или нема да се случи?!
Затоа што ние како држава имаме јасно дефинирано со кого ќе соработуваме во сегментот на 5Г. Дали тоа, можеби не е влез на кинеските компании во нашиот пазар, а тоа значи влегување, раководење и управување со податоците коишто постојат во нашата земја. Тоа е ранливоста и цената, којашто јас сметам дека треба јасно да биде кажана на граѓаните коишто го плаќаме унгарскиот кредит.
Но, симптоматично за мене како пратеник, тоа неколку пати на говорница сум го кажал, е зошто, кога се зборува за унгарскиот кредит никогаш најповиканиот не зборува за унгарскиот кредит. Најповикан во овој случај е министерката за финансии. Зошто она не зборува помпезно за унгарскиот кредит? Дали, можеби, затоа што сфаќа дека не е сѐ онака како што би требало.
Таа дури покажуваше и одредена резервираност…
Па да, кога сте во таа позиција и кога сте повикан да преговарате и да потпишете, знаете која е цената кога имате билатерален директен договор со одредена земја и знаете кога излегувате на европскиот пазар за еврообврзници. Самиот момент кога ќе успеете да добиете евробврзница, независно од каматата, покажува колку е спремна оваа земја да се носи со исполнување на сите критериуми на тој меѓународен финансиски пазар.
Договарањето само со една земја, билатерално, не се критериумите што постојат на финансискиот пазара клучни за да го добиете тој кредит. Можеби тоа е причина за малата нелагодност која што ја има институцијата Министерство за финансии, вклучувајќи ја и министерката, но тоа е прашање што тие треба да го одговорат.
Јас сум кажал и пак ќе повторам и ќе продолжам да повторувам дека за мене не би требало да има алтернатива дали е подобро земјата да се задолжува на меѓународниот финансиски пазар, особено преку еврообврзници или билатерално кога, можеби, ќе бидеме политички заложници на одредени години.
Од аспект на критична инфраструктура, треба да бидеме прилично внимателни со кого соработуваме
Да го истористам овој момент во контекст на она што го спомнавте за заштитата на податоците. Вие сте посебно активен на ова поле во една регионална иницијатива и постојано укажувате на опасноста од влезот на големите технолошки од Кина. Во случајот на унгарскиот кредит гледаме дека се крие влезот на Хуавеј, компанија којашто често е именувана како компанија која не се воздржува од тоа да ги собира податоците на граѓаните. Дали треба да бидеме загрижени по ова прашање?
– Па, да. Јас пред одредено време, заедно со неколку законодавци, пратеници од регионот, објавивме една статија во различни списанија на Западен Балкан, но и пошироко во којашто навестуваме дека на мала врата, кинеските компании, преку така наречени „сигурни градови“ и други иницијативи за надзор влегуваат во земјите од Западен Балкан. Тоа е исклучително опасно затоа што во одредени ситуации, служи како начин на прибирање на податоци.
Денеска знаеме, јавноста треба да знае, дека наредниот период војните нема да се водат на воените полиња, туку ќе се одвиваат преку тоа кој управува со податоците. Податоците можат да се управуваат со личните податоци на луѓето, но управувани и со податоци што ги има државата.
Замислете држава во којашто со системи за така наречените „сејф сити“, односно безбедни градови, управуваат земји коишто не се наши стратешки партнери, сѐ до податоците ќе одат. Од препознавање на лица, до влегување во информации коишто се поврзани со лични, приватни аспекти и затоа сметаме и кажуваме како законодавци дека треба да бидеме внимателни. Управувањето со податоците треба да го прави државата, а со кого ќе ги споделува ќе одлучи во насока на тоа кои се стратешките партнери со кои што треба да се споделуваат.
Денеска има низа на механизми нза прибирање на податоци. Сега е актуелна една платформа за купување којашто доста агресивно влегува на пазарот и за којашто клучот на нивната филозофија е прибирање на податоци па потоа користење на тие податоци за профит за бизнис, а понатаму, веројатно, и за друго. Затоа што ако влезете уште повнимателно да гледате кој стои зад тие компании и дека сѐ завршува во еден центар на управување со нив, а тоа е кинеската Влада.
Јас влегов во една таква алијанса којашто укажува на недемократските начини на влијание на сегашното раководство на Кина и кажуваме дека не дека треба да ги затвориме сите канали за комуникација, туку дека треба да бидеме внимателни и да кажеме што е наш национален интерес за разлика од нечиј друг интерес. Тоа е тоа што сакаме да го покажеме и мислиме дека, особено од аспект на критична инфраструктура, треба да бидеме прилично внимателни со кого соработуваме.
(продолжува во следниот број)