Вицепремиерот за економија вели дека ќе се сменат пет-шест министри
На големо се коментира дека оставката на Заев практично ја започнала иницијативата за смена на Владата. За ова и за прашања поврзани за буџетот, економијата и кризите со кои се соочуваме и ние како и цела Европа, во Утрински брифинг разговаравме со потпретседателот на СДСМ и вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи.
– Како Влада ние не функционираме нормално веќе три месеци поради локалните избори. Работата на сите институции е сведена на минимум што ме изненади бидејќи сум нов во политиката. Ние овој период требаше да го донесеме Буџетот, ни претстои криза со пандемијата, имаме економска криза, а енергетската криза е нов момент, така што сега не е моментот да не се работи со полна пареа, вели Битиќи за Утрински брифинг.
Јавноста ја интересира до каде е процедурата за оставката на претседателот на СДСМ Зоран Заев.
-Централниот одбор само побара да се одложи одлуката за оставката. Оставката е висок демократски чин и во нормални земји тоа би го сфатиле како начин да се преиспита зошто не оделе работи. Кај нас тоа се сфаќа предраматично. Ја ценам неговата одлука за оставка, но и ставот да се одложи, информира Битиќи.
Кај нас се поврзуваат позициите на претседател на партијата со претседател на Владата.
-Во нашето општество скоро е невозможно да имате премиер различен од претседател на носечката партија освен ако нема техничка или експертска влада. Сега следува консолидација на партијата и понатаму нов мандатар за нова влада. Сметам дека наскоро ќе добиеме „Заев 3“ влада, повторно влада предводена од Заев со тоа што ќе се сменат шест-седум министри. Мислам дека тој ни треба за да продолжат некои процеси, вели Битиќи.
Нова влада или реконструкција на Владата подразбира преговори меѓу коалиционите партнери кои може да бидат комплицирани за распределба на нови ресори.
-Реконструкцијата на владата е добра и сметам дека ќе треба да има одредена промена на кадрите. Јас сум целосно ослободен од тоа дали ќе бидам на новата листа. Сметам дека резултатите го дефинираат тоа кој ќе остане, а кој ќе замине, вели Битиќи.
ДУИ на изборите оствари релативно добар резултат, не доживеа катастрофа како СДСМ.
– Сите треба да преиспитаме зошто сме изгубиле. Сите во владеачкото мнозинство изгубија. Пораката од народот беше јасна – овој курс на локално ниво не е доволен. Секој разумен политичар ќе се преиспита после ова. Одлуката на ДУИ е нивна одлука, но не е штета за владеењето ако има нови кадри оти тие носат нови решенија, вели вицепремиерот за економија.