Новата влада со ребалансот на буџетот за 2024 година, наместо да го продолжи трендот на растечка поддршка, која во 2023 година достигна ниво од речиси 37 милиони евра, одлучи да ги скрати средствата на само 17,8 милиони евра. Ова не беше само техничка одлука – тоа беше порака дека поддршката за домашното стопанство не е нивен приоритет
Собраниската комисија за финансирање и буџет го отфрли амандманот, предложен од пратеници од СДСМ за дополнителни 307 милиони денари за поддршка на компаниите преку законот за финансиска поддршка на инвестиции, со што упати јасна порака дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не се грижи за економскиот напредок и ги занемарува домашните компании, кои ја носат економијата на своите плеќи.
Пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи претходно во образложение на амандманот истакна дека во време на најголеми економски предизвици, приоритетите на оваа влада се насочени кон се друго, како мебел, автомобили, договорни услуги и тајни кредити, додека реалните потреби на стопанството се занемаруваат.
Преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите (ЗФПИ), СДСМ воспостави систем кој конечно ги изедначи условите за домашните и странските инвеститори. Наместо да склучуваме тајни договори „по кафеани“ или зад затворени врати на владини седници, ние воведовме транспарентен и фер систем. Благодарение на овој систем, 919 компании имаа можност да инвестираат околу 500 милиони евра, за што беа поддржани од државата со речиси 100 милиони евра. А тоа резултираше со отворање на 5.000 нови работни места, со достоинствени плати за нашите сограѓани, нагласи Битиќи.
Тој истакна дека новата влада со ребалансот на буџетот за 2024 година, наместо да го продолжи трендот на растечка поддршка, која во 2023 година достигна ниво од речиси 37 милиони евра, одлучи да ги скрати средствата на само 17,8 милиони евра.
Ова не беше само техничка одлука – тоа беше порака дека поддршката за домашното стопанство не е нивен приоритет. Каде се приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ? Сега, со буџетот за 2025 година, ВМРО-ДПМНЕ предвидува 38,6 милиони евра за ЗФПИ – бројка која, иако е подобра од минатогодишната, сепак не го достигнува нивото кое го поставивме ние. И тука се поставуваат прашања: што ги предомисли? Дали тоа е несигурноста околу унгарскиот кредит, кој се чини дека е голема непознаница и за нив? Или можеби тоа е резултат на неуспешните обиди за притисок врз банкарскиот сектор да ги сноси трошоците за овој кредит? А можеби ова е само маневар за создавање „резервоар“ на пари кои ќе бидат пренасочени на првиот ребаланс кон непродуктивни удобности?, рече пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи.
Просечната плата во земјата бележи загрижувачки пад – констатира поранешниот заменик премиер за економски прашања. Во јуни, просечна плата изнесуваше 41.939 денари, веќе досега просечната плата е намалена за цели 1000 денари што е далеку од доволно за да ги покрие основните потреби на граѓаните. СДСМ поднесе амандман со кој бара зголемување на платите. Односно, 3,5 милијарди денари или 57 милиони евра за зголемување на платите на граѓаните, што не е само барање на финансии, туку барање на одговорност и социјална правда, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на комисијата за финансирање на буџет.
– Најпрвин, без розовите очила на власта да погледнеме реално во економските бројки кои ја нагласуваат потреба од зголемување на платите на граѓаните. Просечната плата бележи загрижувачки пад, а во меѓувреме, потрошувачката кошничка достигна 61.306 денари во септември. Ова е јасен показател дека платите се далеку од доволни за да обезбедат достоинствен живот“, рече Битиќи.
Тој потенцираше дека со растечкиот јаз меѓу платите и трошоците, не може да се очекува да издржат наставници, здравствени работници, администрација и сите други кои вршат дејност од јавен интерес и кои треба да го движат општеството напред.
– Зад овие бројки стојат вистински луѓе, семејства, деца. Погледнете ги своите домови. Замислете го вашето дете како ви бара нешто основно – книга, облека, можност за екскурзија, а не можете да му го обезбедите тоа. Токму тоа е реалноста со која се соочуваат илјадници семејства на вработените во јавниот сектор.“, рече Битиќи.
Само минатиот месец трошоците за живот се зголемиле за 3,5% додека платите се намалија за 1.000 денари и тоа е економска и социјална неправда.
– Да се осврнеме на изборот на Владата, каде и се приоритетите за трошење. За нови возила ќе се потрошат 7,5 милиони евра. За мебел – 1,5 милиони евра, за договорни услуги зголемени за 80 милиони евра. Сумите се апсурдни. Како можете да оправдате купување луксузни автомобили, мебел и зголемување на договорни услуги додека илјадници семејства се прашуваат како ќе го преживеат месецот? Овие непродуктивни трошења се срамни и покажуваат дека приоритетите на Владата не се во интерес на граѓаните. Само ставката стоки и услуги е 1,2 милијарди евра. Проверете кога таа ставка била 20% од буџетот“, рече Битиќи.
Неприфаќањето амандманот за зголемување на платите ќе значи прекршување на Општиот колективен договор и продолжување на праксата на системско непочитување на законите. Оваа Влада, со својот Предлог-буџет за 2025 година, веќе го прекрши Законот за буџети со проектираниот дефицит над 3%. Сега сакаат да ги прекршат и колективните договори, на штета на граѓаните. Отфрлањето на овој амандман ќе значи порака дека оваа Влада не ги почитува ниту трудот, ниту правата на работниците.
Додека болниците се распаѓаат, а училиштата имаат потреба од основни ресурси, оваа власт предвидува да потроши неверојатни 106.970.000 денари за нов мебел, што е речиси петпати повеќе од тоа што е потрошено годинава. Се поставува прашањето – за кого е овој мебел? За новите партиски административци кои се оддалечени од реалните потреби на граѓаните? Ова не е буџет за граѓаните, ова е буџет за комфорната зона на партиската бирократија! И не се застанува овде. Кога ќе видиме колку се планира да се потроши за нови возила, јасно е дека фокусот на Владата е удобноста на нејзините функционери. Со нови задолжувања се предвидуваат дополнителни 10 милиони денари, и уште милиони од донации за луксузни возила. Вкупно, над 7,5 милиони евра се предвидени за нови возила. Ова значи повеќе возила и мебел за владините функционери, а помалку пари за здравјето, образованието и квалитетот на живот на граѓаните“, рече Битиќи.
Битиќи потенцира дека доколку овој предлог буџет ја добие поддршката од мнозинството пратеници, тогаш тоа е одлука со која земјата ќе се запечати како единствена од регионот која е фискално неконсолидирана со дефицит над 3% од БДП. Оваа Влада нема намера за финансиска консолидација, па место тоа, го затвора фискалниот простор.
– Во овој буџет нема план за зголемување на продуктивноста и конкурентноста на македонската индустрија, нема предвидени средства за технолошка модернизација и иновации. Ова не е буџет кој поддржува напредок, ова е буџет кој го стагнира македонското стопанство и ни го одзема правото на економски раст и развој. Недомаќинското однесување уште повеќе загрижува што се случува во услови на високо ниво на јавниот долг кој ќе ја надмине границата од историски највисоко ниво на јавен долг од 70,8%., вели Битиќи.
Во однос на оптимистички планираниот раст на БДП од 3,7%, имаме неусогласеност со реалните економски текови, за кои, на пример Светската банка оценува дека ќе резултираат со раст од 2,5%, а Народната банка очекува 3,3% раст на БДП.
-Ова значи дека ќе имаме отстапување од она што Владата го скицирале како економски резултат кој треба да го испорача предлог буџетот. Имавме еден предизборно „надуван балон“, кој брзо ќе пукне и ќе остави само долгови и разочарувања. Ова е буџет без амбиција да создаде одржлива додадена вредност за македонската економија и загрижувачкото зголемување на буџетскиот дефицит до 4% од БДП, што Владата го избра како пат, неводејќи грижа дека со оваа буџетска дупка од 672,3 милиони евра ќе се создава товар кој ќе го сносат идните генерации, рече на собраниска седница пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи.