Во академската 2013/2014 година имало 488 бруцоши од Битола и 328 од Прилеп, а годинава 296 запишани битолчани, а 181 прилепчанец. Да се студира дома е сигурна инвестиција во несигурни времиња, велат студентите
Како штокажува поднсловот на оваа вест, да не се прилепчаните Битола тешко дека ќе го одржи статусот на академински град! Со ова се зголемува дилемата кај жителите на некои пелагониски села, како Тополчани, на оример (од каде се моие сега починати колеги Шуплиновци) како да се претставуваат кога одат подалеку од своеот место, како прилепчани или битолчани. Особено сега, откако Битола губи некои свои обележја.
Како уредник во Студенстки звбор учествував во објаснување на потребата Битола да стане втор универзитетскиград во аземјата. Кампањата, ако тоа може така да се нарече ја водеше Веселинка Малинска, тогашен претседател на Универзитетскиот совет на КИМ. Имено, притисокот за студирање беше преголем, особено откако се воведе слободниот упис, немаше никогаш доволно студентски домови, јавниот превоз беше многу лош, семејствата на студентите беа изложени на сериозен притисок заради трошоците на школувањето… Со отворање на некои факултети во Битола ето тоа одеше кон подобро, особено што за разлика од манијата на отворање на приватни факултњети постоеше веќе солидна професорска поддршка за таа дисперзија. Ова беше ситуација во средината на 70-тите.
Ама актуелните податоци покажуваат дека во Битола, која е универзитетски град речиси четири и пол децении, во последните осум академски години бројот на битолчани што се запишале да студираат на Универзитетот „Св Климент Охридски“ е преполовен! Ова може да се најде на саjтот fakulteti.mk. Истото се однесува и на соседната општина Прилеп, која е опфатена со факултети во рамките на истиот универзитет. Статистиката со која располага оваа високообразовна установа покажува дека во академската 2013/2014 година имало 488 бруцоши од Битола и 328 од Прилеп, а годинава 296 бруцоши битолчани, а 181 прилепчанец. Ако се земе предвид фактот дека Битола има во просек 960 матуранти, може грубо да се пресмета дека само една третина од нив остануваат да студираат дома. Другите заминуваат во Скопје и во странство.
– Да, бројот е намален, а тоа се гледа од податоците, за што секако придонесува големиот број на универзитети на национално ниво, дури 30, намалениот наталитет и намалениот број на матуранти, кој годинава е околу 15.000 матуранти на државно ниво во споредба со пред осум години кога сме имале околу 24.000 матуранти. Секако, фактор за намалување на бројот на бруцоши се и внатрешната и надворешна миграција, фактот дека во изминатиот период имаме интензивен одлив на студенти во странство поради атрактивните студиски програми, високиот стандард и условите за живеење во странство – вели ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски за fakulteti.mk.
Битолчани што одлучиле да останат да студираат во родниот град велат дека имаат квалитетна понуда од студиски програми на Универзитетот, не треба да плаќаат за сместување, а се блиску до пријателите и семејството.
– Како битолчанец, одлучив да останам на Битолскиот универзитет најпрво поради различните факултети што ги нуди, сите се со добра репутација и добро познати професори. Најголем бенефит е тоа што не треба да одам во нов град или држава и да учам нови места, култура, јазик. Исто така, во прашање е и сместувањето, за кое треба да се плаќа, а тие финансиски средства можат да се зачуваат и да се вложат во нешто друго. Тука спаѓаат и пријателствата, иако многу од моите пријатели веќе заминаа надвор од Битола, а и од државата, сепак, има некои што останаа, па се дружиме. Причина да останам дома е и мојата фамилија. Тие ми помагаат, но и јас сакам да им помогнам, а не да не бидам во можност бидејќи сум во друг град или држава – вели Кристијан Велјановски, студент во трета година на Факултетот за биотехнички науки во Битола.
За други студенти, да се студира дома значи сигурна инвестиција во несигурни времиња на здравствени, економски и енергетски кризи.
– Периодот кога јас требаше да донесам одлука каде да се запишам на факултет беше доста турбулентен и непредвидлив, односно 2020 година на некој начин беше врвот на целата корона-конфузија. Имајќи слушнато искуства од повеќе пријатели за Економскиот факултет во Прилеп, одлучив дека тоа е правилниот избор за мене. Одлука која донесе стабилност и сигурност во несигурни времиња. Факултетот е надвор од мојот роден град, но не е премногу далеку. Би рекол дека тој ми даде можност да се подобрам себеси, да доживеам професионален раст и стручно знаење – вели битолчанецот Душан Стевановски, битолчанец, студент на Економскиот факултет во Прилеп и претседател на Универзитетското студентско собрание при УКЛО.
УКЛО воведува платено практикантство, нов модел на уписнини, стипендии, награди и други поволности
Од УКЛО велат дека преземаат многу мерки за да ги мотивираат студентите да останат да студираат на матичните факултети во нивниот роден град. Во преден план е остварената соработка со бизнис-секторот и локалната самоуправа за платено практикантство. Понатаму, се применува нов модел на уписнини, а обезбедени се стипендии, контакти со работодавци, награди за студентите учесници во различни студентски активности и натпреварувања, студентски картички за попуст низ голем број локали институции во Битола, Прилеп и Охрид, можности за учество во проекти и волонтирање…
– Со новиот модел на доделување уписнини кои УКЛО ги обезбедува во соработка со бизнис-секторот, модел кој подразбира идентификација, предлог и избор на ученици кои ќе студираат на УКЛО од страна на директорот и наставничките совети на средните училишта, веруваме дека правиме многу за учениците да останат да студираат во своите градови – вели ректорот, проф. д-р Игор Неделковски.
Тој додава дека се посветени на проекти кои вклучуваат добро организирани, структурирани, разновидни и последователни наставни, воннаставни, културни и спортски активности за студентите. Новиот студентски информативен центар е катче со многу можности за литература, дружење, учење, истражување на студентските задачи и проекти, но и можност да се поврзуваат со студентите од единиците, бидејќи УКЛО дејствува во шест града, да се вмрежуваат со студенти од другите универзитети во државата и регионот.
– Континуирано ги поттикнуваме студентите за мобилност, а започнавме и неколку проекти, од кои дел се однесуваат на подобрување на личните бихевиорални карактеристики на студентите, кои ќе им помогнат за нивната идна вработливост и кариера. Со проектот „Средба со талентите на УКЛО“ ги мотивираме најдобрите студенти да останат и да дејствуваат во рамките на универзитетот. Вложуваме во спортот, па во рамките на новиот спортски центар и во соработка со спортските клубови и здруженија започнавме и ќе ги продолжиме многубројните спортски активности – додава ректорот.
И Општина Битола се залага да ги задржи младите да студираат и да работат дома. Од оваа година таа заедно со универзитетот започна со реализација на универзитетска летна пракса, преку која 40 студенти од универзитетот имаат можност во летниот период да извршуваат летна пракса во општината и јавните претпријатија. Тенденција е во иднина ваквата можност да се прошири и во приватниот сектор, со цел младите да стекнат што е можно повеќе практични искуства.
(Љ.К.)