Полицијата секогаш до сега ги идентификувало сторителите, но Обвинителството не преземало ништо! Странците во БиХ најостро го осудија уништувањето на партизанските гробишта во Мостар. Од 18.000 луѓе за кои се верува дека живееле во Мостар за време на воените години, третина активно учествувале во партизанскиот отпор.
ДЕЈАНА ВУКАДИНОВИЌ
Во мугрите на 14 јуни, гробиштата на партизанските борци во Мостар осамнаа повеќе како сцена на нова битка отколку како споменик на ослободителите од нацистите во Втората светска војна. Непознати сторители урнале речиси 700 спомен-плочи на партизанските борци, во чии редови Србите, Хрватите и Бошњаците се бореле во Втората светска војна.
Министерството за внатрешни работи на херцеговско-неретванскиот кантон го осуди вандализмот и соопшти дека ќе отвори истрага.
Ова е втор пат за шест месеци овие гробишта да бидат мета на вандали. Во јануари 2022 година се појавија навредливи графити, фашистички пораки и буквата У, симбол на усташкото движење. (За оние кои не знаат – фашистичкиот усташки режим и марионетската влада контролирана од нацистичка Германија, чиј соработник бил и Ванчо Михајлов од ВМРО, владееле со Хрватска и делови од Босна и Хрватска од 1941 до 1945 година – н.з.).
Здружението на антифашистичките борци од Народноослободителната војна Мостар (УАБНОР) организираше протест ден по инцидентот, а претседателот Сеад Ѓулиќ вели дека секое претходно уништување било пријавено до надлежните институции, но одговорот е секогаш ист – „истрага е во тек, се работи за малолетни деликвенти“.
„Министерот за внатрешни работи мината среда ни рече дека секој пат тие ги идентификуваат сторителите, но дека Обвинителството не презема ништо“, изјави Ѓулиќ за Би-Би-Си.
Што вели локалната власт, а што е со странците? Марио Кондиќ, градоначалникот на Мостар и член на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), го осуди рушењето на споменикот и ги повика надлежните институции да реагираат и да најдат одговорни луѓе. „Градот Мостар нема јурисдикција над полицијата или националните споменици.
За жал, ваквите настани често се злоупотребуваат со цел да се криминализираат поединци или градски служби, затоа ги повикувам сите да придонесат за да не се повторат вакви немили настани“, напиша Кондиќ.
Националните споменици се одговорност на Комисијата за заштита на националните споменици на Босна и Херцеговина.
Уривањето на овој споменик го осуди и Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина.
„Најостро го осудуваме уништувањето на партизанските гробишта во Мостар. Овој национален споменик на БиХ е симбол на единството и победата над заостанатите фашистички идеи. Ја поздравуваме брзата реакција на градските власти и ги повикуваме властите да го истражат ова и да ги изведат одговорните пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на официјалниот Твитер профил.
Во Мостар пред Втората светска војна беа организирани бројни конференции на Комунистичката партија на Југославија.
За време на војната, тој исто така беше силен поддржувач на антифашистичкиот отпор во борбата против нацистичките сили на Оската и нејзините соработници – Германија, Италија и Независната држава Хрватска.
Тоа му го донесе епитетот „Црвен град“. Од 18.000 луѓе за кои се верува дека живееле во Мостар за време на воените години, третина активно учествувале во партизанскиот отпор. Градот бил ослободен на 14 февруари 1945 година, а според достапните информации, во последната борба за ослободување на градот биле убиени повеќе од 500 партизани.
Во шеесетите, општина Мостар и тогашната југословенска влада сметале дека треба да им се подигне споменик. Така се роди идејата за Партизански Спомен гробишта. Тим експерти, предводени од Богдан Богдановиќ, архитект од Белград, започнаа со проект за изградба на комплекс во западниот дел на Мостар. Гробиштата се со површина од 5.000 квадратни метри и имаат шест неправилни тераси, а денес се симбол на градот и национален споменик на Босна и Херцеговина.
Сеад Ѓулиќ, претседател на Здружението на антифашистичките борци од Народноослободителната војна Мостар (УАБНОР), тврди дека хулиганите трипати годишно ги уништуваат гробиштата.
„Гробиштата по војната се реновираа неколку пати, се инвестираше голема сума пари, но никогаш не беше соодветно заштитена, како градскиот парк под постојан видео надзор, каде ни куче не може да влезе“, вели Ќулиќ.
Роко Румора, хрватски историчар на уметност, објаснува за Би-Би-Си дека најновиот вандалски чин се разликува од претходните.
„Напаѓачите педантно ја осквернавија секоја надгробна плоча и не случајно тоа се случи токму сега, кога односите меѓу Хрватите и Бошњаците во Федерацијата БиХ се полоши отколку што се сеќавам“, тврди тој.
Според пописот од 2013 година, градот Мостар има население од нешто повеќе од 105.000 жители, главно Бошњаци и Хрвати. Триесет години по војната, градот на реката Неретва е одделен со истата линија што ги делеше Хрватите и Бошњаците во претходната војна. Источниот дел е претежно населен со Бошњаци, додека на западниот брег на Неретва има претежно хрватско население.
Роко Румора, историчар на уметност, тврди дека уништувањето „е најновиот пример на балканските националисти кои уништуваат некои од меѓународно најпознатите аспекти на изграденото наследство на поранешната држава Југославија“.
Дека овие гробишта се значајни како дел од уметничкото наследство на градот, говори и фактот што беше дел од изложбата Towards a Concrete Utopia, Музејот на модерна уметност во Њујорк (MoMA) 2018 година, посветена на југословенската архитектура, додава Румора.
Војната во Босна и Херцеговина избувна во пролетта 1992 година, откако Словенија и Хрватска претходно прогласија независност и најавија повлекување од југословенската федерација.
Во Мостар избувна конфликт меѓу хрватските сили – ХВО и Армијата на БиХ од една страна и Југословенската народна армија (ЈНА) од друга, под команда на Момчило Перишиќ. Генералот Перишиќ подоцна беше ослободен во Хаг, но беше осуден на четири години затвор во Србија за откривање државни тајни на САД. Повлекувањето на српските сили дојде по операцијата на хрватските сили „Чагаљ“ предводени од генералот Јанко Бобетко во јуни 1992 година. Тогаш голем број Срби избегаа, а при акцијата беше минирана и катедралата Света Троица во Мостар.
Мирот во градот на Неретва траеше помалку од една година, пред ХВО и Армијата на БиХ да војуваат меѓу себе во мај 1993 година.
Сега Мостар е поделен на западен – хрватски, и источен – бошњачки.
По главниот булевар се движеше линијата на раздвојување, по која и денес, речиси три децении подоцна, се гледаат остатоците од војната, пред се разурнатите згради. Конфликтот меѓу Бошњаците и Хрватите заврши во март 1994 година со потпишувањето на Вашингтонскиот договор, со кој беше создадена и Федерацијата БиХ. Војната во Босна и Херцеговина дефинитивно заврши со Дејтонскиот договор во 1995 година, кој ја подели земјата на два ентитета – Република Српска и Федерацијата БиХ, како и округот Брчко.