Политички земјотрес за враќање во минатото или нова надеж?
Гласачите во Северна Македонија го променија политичкото лице на сопствената земја за само еден ден, а партијата која беше соборена пред седум години под притисок на уличните протести се враќа на власт, пренесе Би-Би-Си на српски.
Гордана Сиљановска Давкова, кандидатката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во вториот круг од претседателските избори го победи актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој беше поддржан од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
ВМРО-ДПМНЕ убедливо славеше и на парламентарните избори освојувајќи 43 отсто од гласовите, а СДСМ го постигна најлошиот резултат во историјата со 15 отсто.
„Има ли поголема промена од тоа жена да стане претседател за прв пат, има ли поголема инспирација? Нема“, рече Сиљановска Давкова во првото обраќање.
Таа додаде дека ќе биде претседателка на сите граѓани и дека „нејзината врата е отворена за сите“.
Победниците добија честитки од ривалите, но и предупредувања.
„Многу граѓани чувствуваат страв од ваквиот резултат затоа што огромна моќ заврши во рацете на партија позната по злоупотреба на власта“, потсети досегашниот премиер Димитар Ковачевски на периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ кога ја водеше Никола Груевски, денеска во бегство во Унгарија.
Политичкиот земјотрес не ги заобиколи ниту албанските партии кои на овие избори првпат се собраа во две силни коалиции, а чиј резултат беше речиси изедначен.
Коалицијата околу Демократската унија за интеграција (ДУИ), која е на власт во Северна Македонија речиси 20 години во коалиција со двете водечки македонски партии, доби поддршка од 14 отсто од гласачите, додека новоформираната група Влен освои 11 проценти од гласовите.
„Најверојатната коалиција на ВМРО и Влен ќе има стабилно мнозинство за да работи на борбата против корупцијата и европската интеграција, кои се двата столба на нивниот договор“, вели политичкиот аналитичар Џелал Незири за Би-Би-Си на српски.
„Сепак, не верувам дека нешто суштински ќе се смени кога станува збор за животите на луѓето во Македонија, иако може да има некои добри работи“.
Додека изборната ноќ беше уште млада, исходот стана извесен, а пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје одекнаа скандирања, тапани и песни за Македонија.
На централниот градски плоштад, и покрај слабиот дожд, беше поставена бина на која партиски функционери, а потоа и поддржувачи заиграа на мини концерт.
Меѓу нив беше и 27-годишниот Мартин, кој смета дека „за време на владеењето на СДСМ не се случиле внатрешни промени“, туку дека се сменило само името на државата.
СДСМ на чело со Зоран Заев дојде на власт во 2017 година и набрзо постигна низа важни договори: го реши долгогодишниот спор со Грција за името, потоа префиксот „Поранешна Југословенска Република“ го смени со Северна и тргна во преговори со Европската Унија.
Меѓутоа, наместо најавениот брз влез во ЕУ, тој пат денеска е блокиран од Бугарија поради спорови околу јазикот и историјата.
Во меѓувреме, земјата во 2020 година стана членка на НАТО.
Во последните години земјата ја тресат корупциски афери, политички превирања и бавен економски раст, иако во 2023 година просечната плата достигна околу 800 евра.
Таа е на 78 место од 150 земји во светот на листата на перцепција за корупција за 2023 година, објавена од невладината организација Транспаренси Интернешнл, додека во извештаите на Фридом хаус се опишува како многу корумпирана земја.
Трајко Славески, поранешен министер за финансии од редовите на ВМРО, смета дека Северна Македонија ќе биде значително поразлична во наредниот период.
„Пред се ќе се концентрираме на закрепнување на економијата и рехабилитација на институциите“, изјави Славески за Би-Би-Си на српски за време на прославата.
Христијан Мицкоски, наследникот на Груевски на чело на ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека оние што извршиле корупција „ќе одговараат до последен“ и дека „мора да има одговорност заснована на правда и закони“.
„Го паметам секое ветување, ќе го дадам последниот атом сила да го исполнам и да не го разочарам народот“, рече Мицкоски, често прекинуван со скандирањата на неговото име.
Ана Чупевска, професорка по политички науки на Правниот факултет во Скопје, смета дека најважно е Северна Македонија да остане на патот кон ЕУ, иако во текот на кампањата била видена „етнопопулистичка пропагандна машинерија“.
И ВМРО и Влен, вели, промовирале „многу радикални ставови“.
„Но, кога ќе се соочат со сопствената одговорност, со фактот дека треба да ја водат земјата и да одговорат на предизвиците што ги има народот, да ја осигураат безбедноста на земјата, верувам дека овие ставови малку ќе се смират“, рече таа за Би-Би-Си на српски.
На прашањето дали е можно во земјата да се врати периодот пред 2016 година, таа одговара дека тоа ќе се види од однесувањето на победниците на изборите.
„Доколку не се договорат со Влен, може да дојде до авторитарен пресврт и мало отстапување од евроинтеграциите, што го споменаа во неколку наврати во кампањата.
„Сепак, неколку функционери на ВМРО најавија дека е потребен национален консензус за клучните реформски прашања, дерадикализацијата на реториката можеше да се почувствува дури и во изборната ноќ, па можно е да не го остварат она за што зборуваа во текот на кампањата“.
А Трајко Славески од ВМРО вели дека евроатлантските интеграции се патот на Северна Македонија уште од осамостојувањето, исто како и добрите односи со соседите.
„Меѓутоа, корупцијата и криминалот до сега цветаа, а на економски план не беа постигнати никакви резултати“.
„Кога ќе напредува решавањето на тие проблеми, ќе се регулира владеењето на правото, а економијата ќе се придвижи, тоа нема да остане незабележано од нашите партнери во Брисел.
Потсетен на тешкото бреме на наследството на Никола Груевски, Славески тврди дека партијата се променила.
„Партијата го искористи периодот во опозицијата за средување на сопствените редови, прочистување на кадрите со нарушен углед и интегритет.
„Новото партиско раководство знае да учи од грешките и има капацитет“.
Аналитичарот Џелал Незири смета дека сега ВМРО-ДМПНЕ, претходно обвинета дека е блиска со Русија, ќе негува партнерски однос со Западот.
„Без реформи, борба против корупцијата и евроинтеграциите, ВМРО-ДПМНЕ не може да успее како партија.
Стево Пендаровски по поразот на претседателските избори им честиташе на победниците и им посака успешна работа.
„Мојот концепт за мултиетничка Македонија, која е целосно интегрирана во ЕУ и НАТО, за жал не доби поддршка, но сепак верувам дека само таква Македонија може да биде успешна“, рече тој.
И Димитар Ковачевски, лидерот на СДСМ и досегашен премиер, им честиташе на ривалите и во мрачна атмосфера во тивкото партиско седиште, резултатот го оцени како разочарувачки.
Како што вели, системот не чинел „ниту по длабочина, ниту на површината“.
„Поради нерешени проблеми, многумина одлучија да се иселат, многумина се чувствуваат несигурни, обесправени и без верба во сопствената држава.
„Корупцијата постои на сите нивоа, личниот интерес, предолгата европска интеграција, низок економски раст во последните три децении, непотизам, етнички поделби – тоа се само дел од проблемите кои ја уништуваат државата и кои мора да се сменат.
Тој ја прифати одговорноста за историски лошиот резултат на партијата и најави избори за сите функции со цел партијата да се консолидира по тешкиот удар.
Чупевска наведува дека повеќе фактори влијаеле на историскиот пад на СДСМ, како што се трите големи светски кризи: пандемијата на Ковид-19, војната во Украина и енергетската криза.
„Се разбира, тука се и персоналните решенија и кадровските политики кои исто така беа проблематични“, наведува таа.
„Во намерата да не бидат популисти, тие не ги прикажаа добро ни реалните успеси што ги имаа, како што се членството во НАТО, растот на платите и добрите социјалдемократски политики за време на пандемијата.