Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН

July 1, 2025 Filed Under: Ревија

Современиот танц, според мене, треба да добие поголема, континуирана поддршка – постојана компанија, стабилен простор, и сериозно вклучување во културната политика. Затоа што танцот е невербална уметност – разбирлива за сите, насекаде. Тоа е најмоќниот негов потенцијал

ОХРАБРУВАЊЕ ЗА МЛАДИТЕ Рисимкин со своите проекти секогаш внимава да отвори нови хоризонти за новите генерации танчери

ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА

Во овој втор дел од интервјуто, костимографот и сценограф Благој Мицевски говори за својата долга и плодна соработка со кореографката Рисима Рисимкин, за значењето на визуелниот идентитет во современиот танц, како и за предизвиците и перспективите на македонската танцова сцена.

Како го осмисливте костимографското решение за претставата „Идентитети – Будење“ и како се развива вашата соработка со Рисима Рисимкин?

Нашата соработка со Рисима е веќе долга. Мислам дека само во првите две претстави на почетокот на деведесеттите не сум работел, а останатото до ден-денес сме некако тандем. Со Рисима соработувавме на многу претстави и, на некој начин, констатиравме дека во последните години толку добро се познаваме што подготовките ни течат прилично лесно – особено кога станува збор за костимографските решенија и поддршката на идејата на кореографот. Тоа е огромна олеснителна околност.

Рисима последниве години работи интензивно на неколку трилогии – како што е „Идентитети“ и циклусот на женските ликови од Шекспир. Прво беше „Лејди Магбет“, сега „Д (како Дездемона)“, а следниот проект ќе биде за Офелија, што ќе ја комплетира трилогијата. „Лејди Магбет“ беше поканета во Верона, и Рисима повторно ќе настапи со „Дездемона“ таму во септември. Сакам да истакнам дека сите овие нејзини претстави имаат премиера на нејзиниот фестивал „Танц фест“ во Скопје, кој го организира веќе повеќе од дваесет години. Потоа, тие добиваат меѓународни настапи – како „Holland Dance Festival“, или настапот во престижниот Шајо театар во Париз, а сега и повторно во Верона.

„Идентитети – Будење“ беше предизвик за двајцата, бидејќи работевме со исклучително млада и свежа енергија – десет студенти на Рисима, десет ученици од средното балетско училиште и пет постојани членови на Скопје Танцовиот театар. Таа комбинација на 25 луѓе на сцена беше многу моќна.

Костимите, иако редуцирани, беа дизајнирани така што и самите станаа дел од сценографијата. Пренесуваа атмосфера, чувство на затвореност, но и копнеж за промена. Светлото во новиот театар на МНТ исто така имаше огромно значење – го потенцираше визуелниот ефект и го одразуваше интензитетот на движењата.

За младите танчери тоа беше и ново искуство – првпат настапуваат во костими кои не се класични, туку современи танцови. Тоа бара поинаков начин на движење, а тие се снајдоа одлично. Атмосферата што ја создадовме со костимите имаше и социјална симболика – чувство на клаустрофобија, ограниченост, но и енергија за надминување.

Претставата „Д (како Дездемона)“ беше дел од Неделата на македонски кореографи во Скопје, а јас ја видов подоцна, на фестивалот на монодрама во Битола.

ВАЖНОСТА НА КОСТИМОГРАФИЈАТА Овој сегмент од претставите е секако негов фах – може со часови да говори на оваа тема

Колку е важен визуелниот идентитет на сцената и симболиката во костимите, особено во претставите на Рисима Рисимкин?

– Исклучително е важен. Најголем дел од мојата кариера е поврзан со театар, неколку опери и два филма, а балетот е присутен нешто помалку. Минатата година, со Рисима се вративме во Националниот балет со претставата „Сага“ – со околу 80 нови костими направени во нивната работилница. Тоа беше вистински предизвик и реткост што може да се реализира само таму.

Претставите на Рисима во Скопје Танцовиот театар се дел од независната сцена – со ограничени буџети, но секогаш со амбиција да изгледаат европски. Танцот дозволува редукција – сè треба да биде лесно, флексибилно, еластично, за телото да се движи непречено. Материјалите се специфични, но важна е и симболиката.

Со годините развивме препознатлива естетика – некои би ја нарекле „ноар“, со минимална употреба на боја. Често доминира црната, а се додаваат и акценти во бело, златно или црвено, според ликот или атмосферата што сакаме да ја создадеме. Секогаш се стремам да донесам нешто ново, да избегнам повторување. Формата ми е особено важна – таа ги издвојува претставите една од друга. Во „Идентитети – Будење“, на пример, светлото имаше огромна улога – ги нагласуваше силуетите на телата и костимите, а понекогаш токму формата стануваше носител на сценскиот израз.

Какви се вашите впечатоци за современата танцова сцена во Македонија, особено во контекст на фестивалот Танц Фест Скопје и меѓународните претстави што имавме можност да ги видиме? Дали сметате дека современиот танц добива доволно поддршка и внимание?

Мислам дека секогаш може повеќе. Има ресурси, има таленти, има иницијативи – но не се обрнува доволно внимание на современиот танц. Недостига постојан танцов театар – каде што креаторите би можеле редовно да работат и настапуваат.

Во таа смисла, иницијативата на Националната опера и балет за оживување на Малата сцена е вредна за поздравување. Таму пред многу години сме правеле претстави, и мислам дека таа публика што ќе дојде да гледа современ танц, е поинаква – но со тек на време, може да се измеша со онаа од класичниот балет. Тоа ќе биде добивка за сите.

„Танц Фест“ прави многу – одржува континуитет, гради интерес. Работевме со Рисима и во „Код Артс“ академијата во Ротердам, а она што мене особено ме воодушевува е холандската и белгиската сцена. Компаниите како „Holland Dance Theatre“, „Rosas“ или театарот на Јан Фабр кои ги гледав во доцните осумдесетти на „Еуроказ“ во Загреб, беа големо влијание. Танцот влијаеше на театарот, театарот се внесуваше во танцот. Се создадоа хибридни форми – кореодрами, движење со текст, телесна експресија со симболика.

Современиот танц, според мене, треба да добие поголема, континуирана поддршка – постојана компанија, стабилен простор, и сериозно вклучување во културната политика. Затоа што танцот е невербална уметност – разбирлива за сите, насекаде. Тоа е најмоќниот негов потенцијал.

 

Filed Under: Ревија

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet