БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Ова со премиерот Албанец не е односно не би требало да биде спорно само по себе. Но, како ултиматум и како израз и можен извор на триумфализам и неприкосновена доминација на ДУИ и лично на Ахмети, би можело да има негативни импликации и меѓу Македонците и меѓу Албанците
Профитерите кои се занимаваат со македонските работи како со фабрика за пари немаат капацитети да сфатат дека таа фабрика повеќе не може да ја арчи ефтината струја на старите системи, на старите заблуди, на старите позитивности, на тие, значи, носталгии и дека ќе мора да се премине или на ново погонско гориво или на нова цена. Ние можеме како глинени гулаби да ги растураме проектите на Фровик, на Џафери, Имери и Ахмети, но би било попаметно да се зафатиме со историските проекти за нова уставна реформација, за нова политичка легитимација, за нова граѓанска ориентација на Македонија. Ѓунер Исмаил прв се сети и напиша: Втора Република. Јас велам: Да, време е Македонија да ја роди Втората Република.
Вака пишуваше мојата маленкост во екот на воениот конфликт во 2001 година.
И таа втора република беше родена во Охрид, само два ипол месеци покасно.
Во Рамковниот договор, во уставните промени и во политичката пракса што следуваше.
Но, тоа очигледно не го исцрпи конфликтот кој го генерираа албанските аспирации и македонската рестриктивност. Албанските претензии за промени и македонските одбрани од промени. Албанската модерност и македонската конзервативност. Јас дури мислам дека злосторничката инсталација на Груевски беше толерирана за да го спушти отпорот на македонската заедница, да ја подрастури малку или малку повеќе за да ја обезбеди нејзината кооперативност.
Се разбира дека тоа беше лоша проценка затоа што во меѓувреме не добивме кооперативна заедница туку атомизирана, дезориентирана и во голем процент заглупавена маса.
Остварени се значајни резултати во приближувањето на двете заедници во однос на државата, на статусите во однос на државата и во односот кон општите ресурси. Но, очигледно дека се уште не се исцрпени сите основи за судири.
Македонците располагаат само со тоа што имаат да го дадат.
Како позиција и како визија.
Во внатрешните конфликти немаат ништо друго.
Бројчаниот однос не им овозможува контрола и доминација која може да црта црвени линии пред аспирациите на Албанците.
Во одбраната на националното портфолио.
Немаат славна и длабока државна и културна историја околу чие евентуално загрозување можат да ја побараат светската солидарност.
Тие не мислат така, но, така е.
Геополитиката им дава одредени предности, но не како на етникум туку како на држава и мултиетничка структура, па по таа линија им се испорачуваат барања да бидат разумни во решенијата односно да попуштаат.
Тоа за нив беше и е добро, а не лошо, како што смета простата маса на шовинистичката булумента.
Употребата на сила во решавањето на конфликтите им е особено глупава опција и тие се помалку или повеќе свесни за тоа, а освен тоа имаат и многу лоши иксуства.
Нивниот биопотенцијал не само во бројноста туку и во енергичноста, во ритамот и претприемништвото, во жилавоста и издржливоста, значи нивниот менталитет и карактер, се прилично проблематични за пошироки и подлабоки судири, всушност, се губитнички.
Нивниот политички и маневарски простор се строго стеснети, а појавата на вмро-дпмне направи од нив политички фудбалери со по една нога и пола глава.
Македонците мора да водат сметка да го држат високо интересот на Албанците за Македонија, а за да го држат мора да се ослободуваат од вишокот ексклузивности. Затоа што друго, како што рековме, немаат, а од друга страна, без реално покритие во државните, институционални и материјални ресурси, тие нема да го имаат тој интерес, односно постојано ќе вршат притисок од кој Македонците нема да имаат одбрана.
Во таква ситуација многу добар знак е кога некој нешто од нив бара.
Тоа значи дека се уште имаат вишоци.
Дека се богати.
Задоволувањето на интересите на Албанците не претставува задоволување на некои странски интереси, туку на интересите на дел од македонските граѓани.
Таа борба ќе заврши кога ќе исчезнат и последните елементи на уставната, институционална или наследена нерамноправност.
Идејата да се мајоризираат е особено глупава и самоубиствена. Со таа идеја Милошевиќ ја урна Југославија.
Од друга страна мобилизирањето на Албанците може да ја урне доминацијата на Македонците.
Таа доминација е алиби и реаална цел.
Разликата е битна.
Се разбира дека со тоа не се исцрпуваат сите можности за распад на Македонија.
При волку многу внатрешни таленти.
Но, мислам дека со удирањето на сидрата на нато и еу, тие се сведени на нивото на лудост.
Се разбира дека темпото и модалитетите и техниките на тоа уравнитежување се многу важни. Тие мора да водат сметка за политичката и културана кондиција како и за меѓународните констелации.
Ова со премиерот Албанец не е односно не би требало да биде спорно само по себе. Но, како ултиматум и како израз и можен извор на триумфализам и неприкосновена доминација на ДУИ и лично на Ахмети, би можело да има негативни импликации и меѓу Македонците и меѓу Албанците. Ако се разбираме. И што е најважно, тоа во овој формат може да биде преседан со потенцијал да ги урне самите принципи на повеќепартиската изборна демократија во едно мултиетничко општество. Затоа мислам дека треба да се пројави поголема внимателност. Али Ахмети постојано истакнува дека негов главен интерес е просперитетот на државата. Јас верувам дека нема да се обиде да ја руши. Од принципиелни причини, како израз на државничко и одговорно однесување. А и затоа што тој не може да смета на друг амбиент во кој би бил поважна фигура.
Принципот 3+1 или обратно може да ја одзатне политичката река, бандата на злото ја фаворизира оваа опција не за ЖМицко, затоа што знае дека таа работа со вмро во власта не ја бива, туку за Заев, за да можат во наредниот период да ја понудат дополнителната програма за него како предавник и да лаат четири години на месечина, но, ако е тоа единствена брана пред враќањето на злото, молам, подобро Зибери да биде претседател отколку Жмицко потпретседател на владата. Јас сепак, мислам дека подобро би било тој фронт да се пробие со мнозинско гласање на идниот претседател во Собранието, со соодветни уставни промени. Темата за премиерот е поставена и никој повеќе нема да може да ја симне. Тоа не е мало остварување за Ахмети. Модалитетите, не само технички, туку и институционални, треба да се договорат. Како, меѓутоа, ќе се избегнат вакви уцени по други прашања, без да се чепне во уставот, јас не знам. А не знам како ќе се избегнат и ако се чепне во уставот. Таа ситуација се вика благо ослободување од суверенитетот. Кога мнозинската воља не е со полн капацитет. Тоа не мора да се негативни тенденции. Очигледно е дека ќе мораме да се прешалтаме во саморазбирањето. Да ќаруваме време и контексти (Европа). И спремност да се реализираме во тие нови околности.
Конечно, идејата на сдсм за ослободување од сите национализми може да се оствари само ако сите национални заедници се доведат во статус на рамноправност односно ако не им се даваат реални причини да бидат незадоволни по кое било прашање.