Кога се ќе се среди во емотивните настапи во Скопје околу посетата на претседателката Давкова Силјановска на Софија се отвора прашањето –дали некој сакал да добие алиби за одложување на прашањето со промена на Уставот, особено пред коалиционите партнери во власта? Еве дел од реакциите во нашата јавност
По средбата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев на 13 септември, кога беа објавени фотографии без македонското знаме, се крена вистинска бура од реакции. Вистински политички ОК Корал, што во целост ја оправдува истоимената рубрика во Цивил Медиа.
„Со оваа посета на Софија, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ ја загрозија македонската самобитност и македонски идентитет. За прв пат еден македонски државник се сретнал со друг државник без никакви државни обележја и ова е скандал без преседан. Ова е навреда и омаловажување на државата и нејзините граѓани“, изјави за јавноста портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според СДСМ, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ иницираа дипломатски скандал со кој допуштија Бугарија да ја понижи и да избрише под со државата и македонските граѓани.
„Ако ова е тоа што го може македонската дипломатија под водство на Мицкоски и Сиљановска, како тоа ќе преговараат подобри позиции во меѓусебните разговори? Сиљановска ли е таа која ќе ги води овие разговори или пак Муцунски кој остана нем и без реакција на дипломатскиот скандал кој ни се случи?“, се вели во соопштението на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ изгледа како да не се снаоѓа најдобро во оваа ситуација, наспроти агресивниот пропаганден апаратус со кој располага. Можеби затоа, во денешната реакција, на помош ја повикаа и Халеевата комета.
Шегата настрана, ВМРО-ДПМНЕ не покажува намера да прифати било каква одговорност за скандалот, туку возвраќа со обвинувања за „предавствата на СДС“, како што го нарекуваат СДСМ.
„Не е изненадување што СДС повторно се обидува да ја манипулира јавноста со лаги и полувистини. Веќе станува повеќе од јасно дека освен Халеевата комета константни се единствено предавствата на СДС. Кога се на власт оваа корумпирана клика ја продава државата, а кога се во опозиција, прават сѐ за да ги опструираат институциите и да ја кочат Македонија“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ објавена на партиската веб страница.
Меѓу другото, ВМРО-ДПМНЕ за себе тврди дека „стои цврсто зад националните интереси на Македонија и продолжува да ја води државата кон патот на достоинството и гордоста“, за на крајот да заклучи дека „ние ќе продолжиме да се бориме за Македонија, за нашето знаме, за нашиот народ и за нашата гордост – нешто што СДСМ очигледно одамна го заборави“.
Во краткото соопштение на партијата на власт, освен наводите дека СДСМ се предавници, а дека тие се борат за државата, знамето и гордоста – немаше објаснување за ситуацијата во која претседателката на Северна Македонија стои со својот бугарски домаќин пред две бугарски, а ниту едно македонско знаме.
Но има време, соопштенијата се редат, можеби ќе дојде и некое објаснување. Некогаш. Заедно со Халеевата комета или некое друго небеско тело – заклучува авторот Џабир Дерала
За овој настан викендот зад нас пишуваше и екс-министерот за надворешни работи – Денко Малески . Тој потсети дека идејатата за „отворање“кон Бугарија преку театарска претстава не е нова. Пред 33 години претседателот Киро Глигоров, уште на почетокот на војните во Југославија и пред дефинитивниот распад на федерацијата, повлече еден ризичен потег. На покана од бугарскиот претседател Жељу Желев отпатува на театарска претстава во Софија. Посетата, иако полу-тајна, беше своевидна сензација во политиката и првичен обид за пробивање на дебелиот мраз во односите помеѓу Бугарите и Македонците. Такви државнички потези беа очекувани на крајот од Студената војна и почетокот на европското обединување на новите демократии од Источна Европа. Денес, истиот тој политички потег е само уште еден доказ колку е дебел мразот меѓу РС Македонија и Р Бугарија. Во тие тешки моменти на процесот на нашето мирољубиво осамостојување Бугарија ни беше поддршка. Во услови на грчко ембарго пристаништето во Бургас ги полнеше нашите цистерни со толку потребната нафта за да ја прегрмиме зимата. Постоеше ризик школите, градинките, домовите, канцелариите да останат мраз ладни. Кон Бугарија, Македонија секогаш ќе има отворен прозорец, ми вели претседателот Желев при посетата на Софија на покана од нивниот министер за надворешни работи Стојан Ганев. Реалистите во меѓународната политика би имале една поинаква приказна, базирана на интереси и без трошка емоции: на Бугарија и беше во интерес осамостојувањето на Македонја како важен чекор во намалувањето на српското влијание кое би можело да се замени со она бугарското во иднина. Ние сме за „еквидистанца“ во однос на сите наши соседи ќе побрза да каже Глигоров, повеќе симболично отколку што е тоа можно во реалниот живот на државите. Имено, она што се обидувавме да го афирмираме како редефинирање на односите помеѓу југословенските народи визави центарот во Белград во замислената идна асоцијација на суверени држави, „еквидистанца“,не можеше да се преслика во меѓународните односи. Но, пораката беше испратена: одлуките за Македонија се носат во Скопје а не кај соседите.
Оттогаш до денес протече многу вода под мостовите на Вардар. Имаше многу обиди за отопување на мразот. Претходниот обид на владата на СДСМ и ДУИ пропадна зради неговата дискредитација од страна на тогашната опозиција, односно на сегашната власт. Обидот пропадна но проблемот остана. Повторно ли ќе се вртиме во круг како со Грција? Да. Така е тоа во услови на демократски плурализам кој е еден процес на заедничко зреење на политиката и на народот. Партијата на власт го диктира и темпото и темите, па во интерес на државата е да има сериозна координација меѓу претседателката и премиерот за темата, а државата да зборува со еден глас во меѓународните односи. Игри од типот „добар полицаец/лош полицаец“ се толку прозирни што не вреди ни да се играат.Една политика за надвор а друга за внатре.
Дома,на бугарската тема, потезите на премиерот кон двајцата членови на историската комисија ќе произведат мраз и страв. Надвор, се разбира дека секој дијалог на претседателката е добродојден, па и по повод изведбата на „Набуко“, чии солисти, патем кажано, никој не ги удостои со име и презиме. Меѓутоа она што научивме изминативе 33 години, а особено последниве 5, е дека решенијата не се „на дофат на раката“, заклучува Малески.
На критиките на посетата се придружува и градоначалникот на Карпош – Стевчо Јакимовски., кој официјално е дел од владината коалиција „Наместо ќар испаднаа зијан, по рејтингот се разбира! Ова го мислам на власта, а преку нив зијанот е и народен.
Кој Цацко ги натера да прават туризам во Бугарија, зарем не знаат со кого си имаат работа?“ – започнува тој во текстот „Дупло голо“.
На Бугарите им се намести пенал и да им вратат во нивни стил за целата реторика што ја имаше ВМРО ДПМНЕ додека беа опозиција, а и за време на изборната кампања – продолжува тој.
Има ли поголемо понижување да отидеш во посета како Претседател со претставници на Владата и да не го истакнат твоето државно знаме?Жал ми е што морам да констатирам дека во овие 100 дена ВМРО ДПМНЕ се однесува како грогиран боксер.Кога видоа дека го нема знамето и дека е направен гаф без преседан барем требаше да дадат некоја изјава со која ќе ги разгореа нивните страсти и наместо нашата во наредниве 20 дена да се занимава нивната јавност.
Преседател, Министер за надворешни и Министер за култура сите од истиот хор кој се викаше „РЕ-РЕ-РЕ-ПРЕГОВАРАЊЕ“, овој колосален изум не смееа ни да го изустат во Софија. Нормално тој не се употребува кај бугарската интелегенција, тој беше забава само за наши простаци. Да резимираме: Знамето не ни го истакнаа, репреговарање не ни помислија да кажат ама затоа во целост ја разбараа операта! Еве како за ништо се фрлени народни пари!
Очевидно дека целата посета беше бламажа, вклучувајќи го и напорот на министерот за надворешни работи да ја сопре претседателката да даде изјава (!) за новинарите среде Софија. Токму неговото присуство покажа што значи кога некој сам се поканува да оди на „билатерални разговори“ – тој немаше со кого и да се види. Другите членови на делегацијата го направија тоа „на туркање“. Впрочем така беше и при посетата на Хрватска каде домаќинот – условно – ги поздрави гостите на доаѓањето ама потоа Пленковиќ едноставно ги препушти на пониските ешалони. А нашата екиопа не беше малубројна. Уф, понекогаш е тешко да си домаќин.
А тешко беше и да се најде и оправдување за овој дебакл. Зошто дебакл? Еве еден од одговорите – „секојдневно ДПМНЕ ги поткопува стабилните меѓународни позиции што ги изгради СДСМ. После посетата на Сиљановска и министрите на Мицкоски во Софија, сите граѓани без разлика на партиска припадност се понижени и засрамени.
Вчерашната реакција на кабинетот на Сиљановкса само потврдува дека Владата и претседателот на оваа држава ги лажат граѓаните. Како тоа биле тие измамени и непланирано се сликале на официјална фотографија? Како ако биле измамени да се фотографираат сите без македонското знаме, одма побрзаа да ги објават фотографиите на своите профили. Зошто објавиле фотографии ако целата ситуација била подметната?“ – врлат од опозицијата, поточно од СДСМ и додаваат –
ДПМНЕ и Сиљановска ја вреѓаат интелигенцијата на граѓаните. Тие свесно се сликале, свесно објавиле и се пофалиле со скандалозната посета.