ТЕМЕЛКО РИСТЕСКИ
Насилството, на начин како што планираат да го прават нашите приватни јавни градски превозници, е забрането со неколку члена од Кривичниот законик. Ќе цитирам само еден од групата кривични дела против јавниот ред. Тоа е член 386. Според него (1) Тој којшто друг малтретира, грубо навредува, ја загрозува неговата сигурност или врз него врши грубо насилство и сто во јавноста предизвикува чувство на несигурност , загрозување или страв, ќе се казни со затвор од три месеци до три години
Приватните превозници во јавниот градски превоз на главниов ни град бараат од градските власти да им се исплати износот на неисплатената заработувачка. Тоа е нивно уставно право загарантирано со член 32, став 3 од Уставот.
Градските власти на чело со градската „мамичка“ не сакаат да постапат по нивното барање.
Приватните превозници одлучиле своето право да го остварат со вршење притисок врз градските власти и нивната шефица. Како средство за вршење притисок, покрај другите, го одбрале и собирањето и изразувањето на јавен протест. Тоа е во ред, ако е во границите на, со Уставот, загарантираното право на мирно собирање и изразување јавен протест.
Уставот, во член 21, став 1 е кристално јасен. „Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебно дозвола.“ Но, нашите приватни превозници одлучиле да се собираат, заедно со своите „средства за производство“ на раскрсниците на главниов град. Тоа веќе не е мирно собирање, туку насилство врз граѓаните. Насилство, по дефиниција е присилување, односно доведување некој друг, од страна на одреден субјект на општествените односи, во ситуација да постапува на одреден начин или да трпи постапување на одреден начин, спротивно на неговата волја.“
Ни еден од нас граѓаните не сака да се вози по, „претрпани“ со возила, заобиколни улици, со безбројни „тргни- застани“ интервали, за да стигне на своето работно место, со ризик да задоцни и да трпи последици за доцнењето. Да не им е човек во душата на болните кои, измачени и истоштени од болеста, сакаат, колку што е можно побрзо, да дојдат кај нивниот лекар и да бараат помош од него. Не дај боже човек да се најде во положба на акутно болен од срцев инфаркт, мозочен удар или смртоносна телесна повреда и сл., на кого минутите, па и секундите му значат живот или смрт. Нема потреба, драги пријатели да наведувам и други можни несакани ситуации во кои можат да се најдат недолжните граѓани (пожар, поплава во станот и сл.).
Пак ќе се навратам на Уставот. Тој, во член 51, став 2, вели: „Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.“ Според тоа, и нашите приватни „автобусџии“ се должни да ги почитуваат и да организираат мирни протести – мирно а не насилни. Никако не смеат да ги малтретираат граѓаните со блокади на крстосниците и улиците. Ќе цитирам уште една одредба од Уставот (член 8, став 2) која вели: „Во Република Северна Македонија слободно е се што со Уставот и закон не е забрането.“ Насилството, на начин како што планираат да го прават нашите приватни јавни градски превозници, е забрането со неколку члена од Кривичниот законик. Ќе цитирам само еден од групата кривични дела против јавниот ред. Тоа е член 386. Според него (1) Тој којшто друг малтретира, грубо навредува, ја загрозува неговата сигурност или врз него врши грубо насилство и сто во јавноста предизвикува чувство на несигурност , загрозување или страв, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.
(2) Ако делото е извршено во група од две или повеќе лица или насилството е извршено од повеќе граѓани или сторителот телесно повредил друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.
Ќе заклучам со апел до приватните јавни автобуски превозници „Драги пријатели! Имам разбирање за Вашето право да си го барате она што според Уставот и Законот Ви припаѓа – Вашата заработувачка, заработена со макотрпно возење по градските улици. Цврсто сум убеден дека за тоа имаат разбирање и сите мои сограѓани. Но, Ве молам, имајте разбирање и за нас граѓаните и немојте да не малтретирате со Вашите блокади на улиците. Уште нешто Ве молам. Немојте да ги слушате поттикнувачите од редовите на политичарите на кои им одговара секое нарушување на редот и поредокот во Републикава за да можат за тоа да ја обвинуваат централната власт лелекајќи за предвремени парламентарни избори. Борете се за вапшите права со средства и начини кои не се забранети со Уставот и законите на Републикава. Насилството врз граѓаните е забрането.
(Авторот е професор по уставно право)