Како и во Македонија, така и во Атина се откриени големи коруптивни скандали пред се во самото МИнистерство за земјоделие. На фармерите им прелеа чашата. Само во Атина откривањето беше резултат на енергична акција на европскиот обвинител!

Земјоделците од Грција од денеска 8 декември ги засилија своите активности со дополнителни блокади откако веќе една седмица со трактори на различни локации низ земјата го стопираат сообраќајот.
Во понеделникто наутро имаше над 20 локации со блокади, а меѓу нив се и граничните премини како кон Северна Македонија, така и кон Бугарија и Турција. Со стотици трактори, изминатите денови тие повремено ги затвораат граничните премини, секој ден во различен период.
Блокадата на најфреквентниот граничен премин кон Северна Македонија, „Евзони“ („Богородица од македонска страна, кај Гевгелија) ја спроведуваат земјоделци од областа Пеонија и градот Јаница со повеќе од 300 трактори. Тие се наоѓаат таму од минатиот понеделник, а граничниот премин периодично се затвора на неколку часа еднаш во попладневните часови по 12 часот, и потоа уште еднаш во вечерните часови по 18 часот по локално време.
Како што јави дописничката на МИА од Грција, се очекува оваа пракса да продолжи и понатаму, иако одлуките, земјоделците ги носат на дневна база, по состаноци на надлежните комисии.
Протестите на земјоделците започнаа на 30 ноември поради зголемените трошоци за производство и ниските цени за продажба на нивните производи. Едно од нивните барања е исплата и на заостанатите субвенции со кои се им се помага да ги покријат производствените трошоци.
На повеќе локации каде што се одвиваат блокадите, земјоделците поставија и новогодишни елки, што во Грција се толкува како порака дека нема да отстапат и ако треба на улица ќе останат и за време на празниците.
Премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, на 7 декември го повтори повикот за дијалог кон земјоделците порачувајќи дека вратата на Министерството за земјоделство е и секогаш ќе биде отворена за дискусија. Тој посочи дека „радикалните форми на протест, како што се блокадите, може да изразуваат притисок, но на крајот од денот го отежнуваат секојдневието на сите“.
Главната блокада што ја спроведуваат земјоделците е во централна Грција, кај Никеа односно во близина на Лариза на автопатот Солун – Атина. Таму сообраќајот досега се одвиваше по споредни патишта, но за 8 декември земјоделците најавија дека ќе ги блокираат и споредните премини од 17 до 19 часот со цел да извршат дополнителен притисок врз власта.
Во Солун, исто така, активни се уште неколку блокади – на патот кон аеродромот и кон Халкидики, но и на патарините на излез од градот.
Во обид да ги зголемат блокадите, за среда е најавено дека земјоделци од областа Тесалија, ќе се упатат кон градот Волос и ќе го блокираат тамошното пристаниште.
Блокади има и на автопатот Е65 што ги поврзува градовите Ламиа, Кардица и Трикала со автопатот „Егнатија“. Протестите се проширија и на Пелопонез и островот Крит.
Бугарските медиумите пишуваат дека има проблеми и за нивната земја. Преминувањето на граничниот премин Кулата е речиси постојано невозможно. Која е причината за протестот и колку долго ќе трае – се прашуваат и во ова земја? Огромен број тешки камиони се блокирани пред граничниот премин, а редицата на бугарската страна утрово е долга над 12 км. Многу тешки камиони се заглавени на патот. Покрај автопатот, камионите ги наполнуваат сите паркинзи до Благоевград, пренесува БГНЕС.
Сообраќајот на граничниот премин беше прв пат забележен на 3 декември, инаку петтиот ден од протестите на грчките земјоделци против доцнењето на исплатата на субвенциите од ЕУ. Грчките земјоделци изјавија за медиумите дека ќе протестираат до божиќните празници, но доколку е потребно, ќе продолжат со протестите и за време на Божиќ и Нова Година – сè додека владата не даде конкретни ветувања. Претставниците на протестното движење зборуваат за „борба за егзистенција на фармите“. Грчкиот министер за јавен ред изјави оваа недела дека владата е сè уште подготвена да преговара со водачите на протестот. Сепак, нема да толерира блокирање на важни транспортни центри.
Веќе имаше судири меѓу земјоделците и полицијата во неколку региони. Во обид да се спречи поставувањето нови барикади, полицијата употреби солзавец. Имаше апсења и неколку повредени.
Блокадите предизвикуваат значителни доцнења во меѓународниот патен транспорт. Протестите се резултат на ескалирачкиот протест против доцнењето на исплатата на субвенциите од ЕУ во врска со истрагите за корупциски скандал. Откриени се случаи на погрешно побарани и исплатени средства од ЕУ во Грција.
Скандалот доведе до оставка на пет високи владини функционери во јуни и постепено затворање на државна служба одговорна за земјоделски субвенции. Десетици лица осомничени за поврзаност со скандалот беа уапсени во последните недели. Апсењата беа извршени како дел од истрагата на Канцеларијата на европскиот јавен обвинител. Кон крајот на октомври, независната канцеларија за финансиски криминал на ЕУ соопшти дека истрагата вклучувала систематска измама со субвенции во голем обем и перење пари.
Во услови на заостанати неплатени земјоделски субвенции од ЕУ, многу грчки земјоделци се жалат на доцнење на плаќањата. Тие исто така бараат дополнителна поддршка со оглед на драматичното зголемување на трошоците за производство. Фер цени за нивните производи што ги покриваат нивните трошоци се исто така дел од листата на барања на земјоделците.




