За театарот „Златен Елец“ од Скопје може слободно да се каже дека настана во време на пандемија. Неговата прва премиера од почетокот на пандемијата се случи на „Скопско лето“
ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА
Маски на лице, мерење на температура, физичка дистанца, редуцирана публиика, а за актерите, режисерите и останатата екипа посебни мерки пред секоја претстава и публика без лица која реагира на секоја изведба. Така започна театарската сезона 2020/20021.
Некаде овие правила строго се почитуваат, а некаде пак има и помалку импровизации.
За театрите, новонаметнатите правила на однесување и примена на антиепидемиските мерки не се само техничко и организациско прашање, туку и проблем кој треба да се вклопи во уметничкиот израз и слобода и евентуално осмислување на нови концепти без физички контакт. Поради почитувањето на здравствените протоколи некои пак жанрови се позагрозени како операта и мјузиклот, додека пак за некои од приватните театри ова тешко време беше вистински предизвик. Некои од нив посегнаа по нови облици на театарската уметност, некои пак неуморно работеа и за време на карантен и полициски час и први излегоа со премиери.
Таков пример е театарот „Златен Елец“ од Скопје за кој може слободно да се каже дека настана во време на пандемија. Неговата прва премиера од почетокот на пандемијата се случи на „Скопско лето“ со комедијата „Не ми го чепкај пивото“, иако првично беше планирано да се изведе монодрамата „Дневникот на лудиот 2 Човекојадство“, но поради специфичноста на изведбата на оваа претстава која бара посебен простор, во последен момент се направи измена, за подоцна да биде изведена во просториите на социјалниот центар „Дуња“ пред ограничен број на публика и според сите протоколи и прописи. Театарот „Златен Елец“ на 21ви ноември ќе заокружи вкупрно 20 одиграни претстави во време на пандемија, каде што во Социјалниот центар „Дуња“ ќе биде одигран монодрамски маратон на двата поставени текстови од Николај Гогољ и Лу Син во режија на Ѓорѓи Ризески, а во изведба на актерот Бобан Алексоски. Во оваа прилика разговараме со актерот Бобан Алексоски.
Бобан Алексоски е роден 1993 година во Прилеп, основно и гимназиско образование стекнува во родниот град, а високо образование на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА во Скопје. Како невработен актер во 2020 година станува основач и член на независното здружение за уметност ТЕАТАР ЗЛАТЕН ЕЛЕЦ, а од август годинава се вработува како актер во Алфа ТВ. Неговото актерско искуство го остварува на независната театарска сцена каде е ангажиран во повеќе проекти.
Нашето познанство започна минатата година на Фестивалот на монодрама во Битола, каде што го изведе првиот дел на монодрамата „Дневникот на лудиот“ по текст на Николај Гогољ, оттогаш па до денес со голем интерес ја следам неговата работа. Добитник е на повеќе награди за најдобар актер и интерпретација на „Дневникот на лудиот“, награда за колективна игра и иновативен пристап на фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица за претставата „Контрола“, претстава во автобус, во режија на Теа Беговска и награда за колективна игра и и современа престава за текстот за претставата „Совршена анализа на еден папагал“ од Тенеси Вилијамс, во режија на Ѓорѓи Ризески на фестивалот Актерот на Европа во Ресен.
Во многу европски земји интересот за незавсната театарска сцена и приватните театри е голем и оваа сцена успешно опстојува во својата борба, додека кај нас интересот е помал, се создаваат приватни театри но набргу згаснуваат, или не се доволно активни или не се трудат доволно за да опстанат. Но има и такви кои се успешни во својата работа, а театар „Златен Елец“ со голем ризик продолжи да работи под новонаметнатите околности. Како дојде до оформување на „Златен Елец“?
– Главната идеја за оформување на „Златен Елец“ беше да имаме можност да живееме театар постојано и на тој начин да сме активни во нашата професија. Го оформивме заедно со Надица Петрова и правно како уметничко здружение датираме од 2. февруари годинава. Претходно во декември 2019 година ја направивме детската претстава „Семејна бајка“ и ја игравме низ цела Македонија. По претходни 12 аудиции, откако пред 6 години дипломирав, не успеав да се вработам во професионален театар. Секако дека се појави гнев и револт, но никогаш не ја изгубив желбата за работа.
Можете ли да ни објасните нешто повеќе за името на театарот „Златен Елец“?
– Инспирацијата за нашето име доаѓа од „Галеб“ на А.П.Чехов. Елец е град во Русија, а Чехов во својот „Галеб“ го споменува како последната професионална дестинација на Нина Заречна. Ние ја зедовме таа метафора и се решивме да го „позлатиме” нашиот Елец, а со тоа нашиот театар да стане театар отворен за сите млади уметници кои што немаат простор или поддршка за да творат уметност.
Како изгледа работата на еден актер според новите здравствени мерки и протоколи и каква беше посетеноста од страна на публиката на изведбите на Вашите претстави на отворен и затворен простор?
– Од 26 јули до месец ноември имавме две премиери. На Ристо Шишков настапивме со „Дневникот на лудиот“, потоа на Фестивалот за хумор и сатира „ In Vinica Veritas“ во Виница со претставата „ Не ми го чепкај пивото. На сите овие изведби се играше според сите протоколи и заштитни мерки, од лично мое искуство можам да кажам дека има заинтересираност за театар и во вакво невреме. Се соочив со публика која што сака театар и има трпение и желба да гледа претстава под заштитни протоколи и маски.
Постои ли одреден концепт по кој ќе се движи работата на „Златен Елец“?
– Сакаме алтернативни решенија кои ги нема во класичниот театар, жанровски и концептуално да сме различни за поширока публика, да имаме монодрами, дуо драми, претстави за деца, како здружение може да организираме и фестивали. Ние всушност сакаме да работиме и сериски театар. Со независниот театар да развиеме сериски театар, што ретко постои, како на пример со „Дневникот на лудиот 2 Човекојадство“, исто така и со „ Не ми го чепкај пивото“, имаме оставено таков крај за да има двојка. Текстот за оваа претстава е авторски, а како скелет ни послужи текстот „ Не е тоа што мислите“ на босанскиот автор Бериша Бели. Претставата ја работевме со работен наслов „Еротика“ но потоа се решивме за името „Не ми го чепкај пивото“, а тоа не инспирираше и за потрага по спонзорства. Во новата претстава што ја подготвуваме „Чикашки перверзии“ во режија на Сибел Абдиу во копродукција со Машина Продакшн – тоа е поинтимна претстава, имаме голотија, критика на карактери, повеќето од сцените се случуваат во диско, за да се види како партнерите од почеток до крај одат, како сето тоа се менува. Концептот во оваа претстава е дека целиот живот ни го расипаа Браќата Грим, дека не е Среќно си живееле до крај на животот. Во реалноста тоа не постои.
На 21ви ноември во Социјален центар „Дуња“ ќе биде одигран монодрамски маратон на „Дневникот на лудиот 1“ и Дневникот на лудиот 2 Човекојадство“, по текстови на Николај Гогољ и Лу Син. Колку овие две претстави се поврзани?
– Ова е еден вид на сериски театар што значи дека претставите се поврзани, се работи за истиот лик Аксентие, но двете претстави можат да функционираат и одделно. Дејствието на втората претстава се случува после две години од првата претстава. Аксентие повторно бега од лудница, но овојпат неговиот гнев го води кон влошување на неговата психофизичка состојба. Тука се зборува за човекојадство, но и во една метафорична смисла односно она дека човек на човека му е волк. И во двете претстави Аксентие повторно ги собира луѓето на едно место за да ја раскаже приказната што се случува понатаму, повторно му ја дава идејата да се соединат, повторно на некој начин бара поддршка од публиката. Во првиот дел проблемот се општеството и љубовта и непочитувањето од општеството. Неговите идеи не се слушнати. Тој работи во канцеларија, но има капацитет за нешто повисоко. Неговата глава се трансформира во крал, но на крај се кршат сите тие ликови, затоа што нема поткрепа ниту од луѓето кои го слушаат во публиката. Во вториот дел пак во моментот кога се убива човекот, што самиот е гледател на претставата, публиката е стаписана и нема никаква реакција. Во театарот не се очекува некој да стане и да зборува и да ја смени претставата.
Колку треба да се биде строг со театарот за време на пандемија?
– Театарот во едно вакво време треба да мотивира и да бара начини за да твори. Треба да сме строги кон почитување на здравствени протоколи, но не треба да сме строги кон театарот, туку напротив треба да се бориме за тој да живее.
Можете ли да ни откриете нешто за Вашите идни проекти?
Во моментов работиме на процесот за претставата „Чикашки перверзии“ со Сибел Абдиу во копродукција со Машина Продакшн, а за следната година се планира соработка со уште едно независно театарско здружение од Република Бугарија и соработки со млади режисери од нашата држава.