Групата на домаќинства, која ја сочинуваат најбогатите, годишно располага со 16 587 евра, односно 1 382 евра месечно, приближно колку што изнесуваат расположливеите средства на годишно ниво на најсиромашните
АНЕТА ДОДЕВСКА
Годишно, на просечно ниво, едно семејство во земјава располага со 6. 473 евра вкупен приход, или со 539 евра месечно. Но, овој показател ги зема предвид приходите по сите основи, како плати, социјална помош, еднократна парична помош, стипендии, закупнини, примања од странство. Состојбата со реалните финансии со кои располага едно домаќинство од една страна, и задоволување на потребите за достоинствен живот, од друга страна, и натаму не е “розова“. И во новообјавената публикација на Заводот за статистика „Потрошувачка на домаќинствата во Македонија, 2017“, податоците упатуваат на длабоки социјално-економски разлики врз основа на висината на приходите со кои располагаат домаќинствата во земјава.
Само 0,5 отсто од домаќинствата живеат многу подобро на годишно ниво. Од вкупниот расположлив приход на домаќинствата во земјава, 63,1отсто отпаѓаат на приходи по основ на плати, или годишниот просек на примања по основ на плата во едно семејство изнесува 4 150 евра, односно 345 евра месечно. Следен приход по учество се пензиите со 18,9% а на трето место со 2,2 отсто се примањата од странство.
Првата група на семејства, која ги опфаќа најсиромашните домаќинства, годишно располага со 1 602 евра, или 133 евра месечно. Десетта група на домаќинства, која ја сочинуваат најбогатите, годишно располага со 16 587 евра, односно 1 382 евра, приближно колку што изнесуваат расположливеите средства на годишно ниво на најсиромашните. Токму овие бројки го покажуваат длабокиот економски јаз, раположливите приходи на богатите се за цели десет пати повисоки од оние на најсиромашните. Меѓу овие две групи на домаќинства, се наоѓаат уште осум, Првата, втората и третата група живеат со годишн приход од 2 472 евра до 4 299 евра. Петтата и шестата група на домаќинства годишно има располжливи средства од 5 200 до 6 000 евра, а седмата, осмата и деветтата група на домаќинства се со повисок стандард, од 7 130 евра до 10 250 евра.
„За жал, сите овие извори на податоци за животниот стандард покажуваат многу бавен напредок во смисла на подобрување на животниот стандард, особено кај ранливите групи на население. Имено, и покрај напредокот на пазарот на труд (во смисла на зголемување на вработеноста и пораст на платите), податоците за расположивите средства и потрошувачката сигнализираат дека одредени групи на граѓани (домаќинства) остануваат на маргините на општеството. Тоа се главно домаќинства со многу членови (просечниот број на членови кај најсиромашните домаќинства е околу 5), мал дел од сите членови на домаќинството се во работен однос (пример, 0.36 членови кај најсиромашните се во работен однос наспроти 1.49 кај најбогатите), немаат ресурси (на пример, земјоделско земјиште), добиваат мошне мали трансфери од странство и тн. Кај оваа група на домаќинства, приходите од работа учествуваат само со 11 отсто во вкупните приходи, додека главен извор на приходи се пензиите (со 51,5 отсто), приходи од нередовен работен однос (15,5 отсто) и социјалната помош (8,8 отсто)“ – вели професорката Никица Мојсовска Блежевски.
Висината на приходите се клучен фактор за квалитетот на живот, особено во делот на подмирување на основните животни потреби. Така, истражувањето покажува дека на пример најсиромашните, годишно за да се прехранат, трошат 890 евра, најбогатите пак за храна трошат 4 044 евра, потоа најсиромашната категорија на семејства годишно за здравје троши 45 евра а најбогатите 558 евра.
Сумирано, само 5,5 проценти од анкетрираните домаќинства изјавиле дека со месечните приходи успаеваат целосно да ги задоволат месечните потреби, од анкетираните 38 отсто главно ги задоволуваат месечните потреби, 34,6 птстп главно не ги задоволуваат а 22 проценти од домаќинствата со месечните приходи изјавиле дека не ги задоволуваат месечните потреби за живеачка.
“Проблемите на овие ранливи или маргинализирани домаќинства се многуслојни и не можат да се надминат едноставно со повисок економски раст. Потребна е голема координација на владините политики, од политика на вработување, социјална помош, образование, и тн. Истовремено, постои големо ограничување за јавните политики, а тоа се ограничените буџетски средства во услови на ниски даноци, висока неформална економија и големи потреби за инвестиции во многу сфери. Во социјалната политика, податоците за структура на приходи покажуваат голем простор за натамошно подобрување на таргетирањето на помошта. На пример, домаќинствата со високи приходи прикажале високо ниво на средства од социјално осигурување. Исто така, во неколку истражувања се покажува дека ефективноста на системот на социјална помош е ниска и дека со истите расходи може да се постигнат многу повисоки ефекти. На пазарот на труд, треба да се направат дополнителни напори за поголемо вклучување на ранливите групи на граѓани (пример, од многучлени домаќинства, домаќинства со невработени членови и тн.). Досега се правеа напори да се обезбеди поголема вработеност на примателите на социјална парична помош, но ефектите беа доста ниски (од различни причини)“ – вели професорката Мојсовска.
Истражувањето покажува дека 0,5 отсто од домаќинствата во земјава субјективно оцениле дека во 2017 година во споредба со 2016 година нивната финансиска состојба многу се подобрила а 7,9 отсто дека малку е подобра. Најголем број од домаќинствата, или 58,2 отсто изјавиле дека финансиската состојба во споредбениот останала непроменета. Од друга страна, 21,7 отсто од домаќинствата оцениле дека состојбата малку им се влошила а 11,7 отсто изјавиле дека живеат финансиски многу полошо во споредба со 2016 година.
Најголем декл од домаќинствата во земјава или 21,8 отсто сметаат дека би можело да се живее нормално со месечни примања од 25 001 до 35 000 денари, додека 5,4 отсто изјавиле дека можат да живеат дури и со примања до 15 000 денари. Сепак, за 16,3 отсто за норамлен живот се потребни од 35 001 до 45 000 денари, за 11,9 отсто потребни се од 45 001 до 55 000 денари, повисок процент, или 15,9 отсто сметаат дека месечно се потребни од 55 001 до 65 000 денари а има и такви, или 14,3 отсто изјавиле дека месечно, за нормална живеачка се потребни повеќе од 65 000 денари.
Новообјавената публикација на Заводот за статистика открива дека, според финансиската кондиција 31,3отсто од домаќинствата можат да си дозволат еднонеделен одмор а само 9,8 отсто замена на стариот мебел. Адекватно затоплување на домот е достижно за 67,3 отсто од домаќинствата а 52,8 отсто според финансиската моќ, можат да си дозволат риба или месо секој втор ден. Само 28,4 отсто од анкетираните изјавиле дека можат да отплаќаат кредит или да враќаат позајмици.