Чудно е како актуелниот гувернер дал согласност за нова кандидатура, иако морал да биде свесен за ситуацијата и за својата неомиленост кај поголем дел од големите партии! Впрочем, ако не знаел што прави со своето стоење пред огледалото на Иванов тој и не е за гувернер!
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Прашањето за изборот на идниот гувернер, функција која има рок на траење од импресивни седум години, ни малку не е наивна. Уште повеќе што гувернерот и претседателот на државата во овој миг се две институции кои се’ или можат да се изместат од вообичаените кохабитации со другите институции на системот. Гледаме дека претседателот Иванов се обидува преку актуелниот чувар на државните пари да тера инает со системот и да ја нагласува својата позиција на држач на прстот во бедемите кон кои оди вистинска поплава на аутсајдерството.
Без реални докази дека се обидел да прави усогласување со оние кои треба да гласаат за неговиот предлог (освен, се разбира, со оние на чии совети се навикнал), тој се истрча со предлогот Богов да си остане во фотелјата во која претходно седеше.
Иванов нема ниту еден доказ дека зад предлогот за Богов стои економско-стопанската јавност: до денес не се јавил ниту еден релевантен фактор – првата, втората, третата комора, потоа банкарите, берзата, професурата… Неодамна Македонската берза имаше дебата во Охрид каде, иако поканет, Богов не дојде, иако тоа беше можност за соочување на мислењата и негов евентуален промотивен настап, пред дел од лица кои му се против – кандидати. Затоа во петокот се појави пред многу помалку релевантна манифестација (за монетарната писменост) обраќајќи се на грст деца, кои беа обучувани како да бидат внимателни со парите. Децата не се опасност за неговата несигурност.
Дали тој беше внимателен со парите, како што им советува на малолетниците? Во некоја директна смисла можеби не толку, ама сите се сеќаваме на неговата одлука да се придружи на проектот „Скопје 2014“. Иако има голема зграда во која функционира, тој се реши да гради нов „барокен“ објект, со кој дефинитивно се затвора еден од модерните зданија по кои е познат градот – МОБ, кој сега целосно исчезнува од видикот. Јасно е дека профитот од тој градежен зафат ќе го однесат „неимарите“ од претходната владеечка врхушка. Богов само јавно покажа дека е „дел од филмот на Груевски“ во грдење на градот.
„Глобус“ пишуваше за повеќе од сомнителниот избор на дизајнот на новите банкноти, кога аутсајдер во занаетот доби прва награда во многу чудни околности и никаква транспарентност.Ова секако влијаеше банкнотите од конкурсот да чекаат со месеци потоа на објавување. За избраниот ова значат тантиеми какви што ретко кој може да замисли.
Имаше многу забелешки и на начинот на кој, пак нетранспаретно е изведена приватизацијата на Алфа банка (сега Силки роуд).
Впрочем, на адреса на гувернерот мнозинството во Парламентот упатува забелешки за партиски вработувања и негово кокетирање со претходната власт. Богов, пак, смета дека погрешил само еднаш
Како и да е кога предлогот на Иванов би бил ставен на дневен ред на пленарна седница на Парламентот (а не е ставен, иако мандатот му истекува околу 20 мај) Богов само би се црвенеел – ДУИ веќе си истакна свој кандидат (Бесими), СДСМ секако има свои фаворити. Се говори за неколку имиња, па и потези што би се влечеле и кои во кадровска смисла би бил некаков коњски гамбит. Јасно, предлогот ќе падне а претседателот ќе тактизира. Како да се реши кадровската енигма?
Се споменува дека една од варијантите е да се чека изборот на нов претседател (догодина) а до тогаш со некаков брз закон да се даде можност некој од вицегувернерите да биде вршител на должност. Впрочем и нивната титула укажува дека тие би требале да бидат кадарни за таа функција.
Дека мнозинството има забелешки, потврди и премиерот Заев, кој на негово барање се сретна со претседателот Ѓорге Иванов.
„Се трудам да изнајдеме решение. Сегашниот гувернер сериозно го почитувам и јас, и огромен дел од парламентарното мнозинство. Но, тие имаат забелешки, коишто ги истакнаа пред мене и јас ги пренесов кај претседателот Иванов. Не зборувам за деталите. Богов, кој 7 години беше гувернер и 4 години вицегувернер, има многу квалитети и капацитети и понатаму да ѝ служи на Македонија“, изјави Заев.
Со Иванов не се договориле за конкретен кадровски предлог, но се согласиле дека не е добро за имиџот на државата Народна банка да остане без гувернер и дека тој треба да се избере во законскиот рок. Но нема многу време – 20 -ти мај е на прагот.
Засега не е извесно дали шефот на државата ќе отстапи од својот предлог, за кој, како што соопшти Кабинетот на претседателот, Иванов го информирал Заев на средба на 26-ти март годинава. Тогаш на премиерот му ги образложил ставовите и аргументите зошто смета дека Димитар Богов најодговорно ќе ја извршува таа значајна функција. Чудно е како актуелниот гувернер дал согласност за нова кандидатура, иако морал да биде свесен за ситуацијата и за својата неомиленост кај поголем дел од големите партии! Уште повеќе што требал да биде свесен за конфликтот кој го прави во земјава во чувствителен миг. Освен, се разбира ако правењето конфликти како вмроовска стратегија посакала и негово „вјерују“. Впрочем, ако не знаел што прави со своето стоење пред огледалото на Иванов тој и не е за гувернер!
Иванов на 25-ти април остварил нова средба со Заев, на која го информирал за тоа. Според Кабинетот, Иванов пред да ја донесе одлуката за предлог на гувернер, во февруари и март извршил консултации со Сојузот на стопански комори, со Стопанската комора на Македонија, со Здружението на банкарството, со МАНУ и со други институции и поединци, и на сите средби било утврдено дека Богов е најдоброто решение за гувернер.
Дилема кои некои колеги ја ставаат во својата дневна мантра е дали на Богов ќе му пресуди кокетирањето со ВМРО-ДПМНЕ, а не макроекономските показатели? Тој уште по стапувањето на гувернерската функција, се потсетуваме, го предизвика незадоволството на тогаш опозициската СДСМ, кога за вицегувернер ја предложи 33-годишната Маја Кадиевска. Од СДСМ регаираа дека таа нема искуство и дека Богов ги прескокнал нејзините раководители кои се далеку поискусни и постручни. Од СДСМ тогаш прашаа – дали е тоа избор на Богов или на партијата, со оглед дека таа е ќерка на Душко Кадиевски, поранешен министер за убрбанизам во Владата на Љубчо Георгиевски. Богов и тогаш, и потоа, тврдеше дека Кадиевска ја оправдала неговата доверба. (Дојче веле). Од тогаш до денес, СДСМ реагираше и за голем број други вработувања со предзнак „партиски“, од кои најголемо внимание предизвика вработувањето во НРБМ на ќерката на тогаш актуелниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски. Од НБРМ го одмолчеа и не го коментираа тоа вработување, сѐ до неодамна, кога Богов во тв-интервју за првпат се изјасни за тој случај. Но, го претстави како единствена грешка во неговиот мандат.
„Погрешив. Сега кога би размислувал, не би го направил тоа. Но, знаете како е. Ако некој ви се јавува еднаш ќе му кажете, ќе се обидете некако културно да го одбиете. Но ако се јави втор пат, трет пат, а е претседател на Собрание, што да правиме… Но, тоа е еден случај. Знаете ли во Народна банка колку деца на функционери се примени во минатото?“, рече Богов, во намера да објасни дека не бил единствниот што погрешил.
Од Кабинетот на шефот на државата издадоа соопшрение, со кое го претставија својот предлог. „Водењето на монетарната политика и севкупното централнобанкарското работење во нашата држава, во континуитет е позитивно оценувано во извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија. Од 2015 година па наваму, Народната банка на Република Македонија, според оценките на ЕК бележи одличен напредок во остварувањето на своите цели и задачи, во согласност и со законодавството на ЕУ. Во тој контекст особено е нотирано постигнувањето и одржувањето на ценовната стабилност, одржувањето на девизните резерви, одржувањето на фиксен девизен курс на денарот во однос на еврото и користењето на операциите на отворениот пазар и задолжителната резерва. Позитивно се оценува и усогласувањето на правната рамка на монетарната политика со легислативата на ЕУ, и активностите за обезбедување на функционална и институционална независност на централната банка“, се вели во тој „пејпр“..
Тој, како што вообичаено се вели во земјава е „дете“ на Стопанска банка. Пред гувернерската функција, девет години бил на раководни позиции во јавниот сектор, една година во областа на деловните консултантски услуги и четири години на висока раководна функција во најголемата македонска банка.
Неговите опоненти велат дека тој бил само дете на партијата ВМРО ДПМНЕ.