Без почитување на оние кој создавале, без негување на основите ќе немаме вредности за гордеење. Споменикот настрада. Претходно имаше и други уништувања. А што со името на центарот-Заре Лазаревски
„Сведоци сме на уништување на дел од нашето заедничко културно наследство, споменикот создаден од академик Чемерски и архитектот Раѓеновиќ. Ишаран е постаментот на вредниот споменик со маркетиншка комерцијална порака „Вдиши го Маврово“ . Идеата веројатно била да се промовира Маврово, но авторите заборавиле дека со газење на минато и вредните дела и споменици од нашите дејци, газиме на нашето минато, на потеклото. Уништувањето на споменикот е само едно од низата преземени дејствија со кои се отуѓи Маврово од мавровчани и сиот народ, се презема за комерцијален и чисто профитабилен интерес се што е создадено.
Без почитување на оние кој создавале, без негување на основите ќе немаме вредности за гордеење.
Споменикот настрада. Претходно имаше и други уништувања.
А што со името на центарот-Заре Лазаревски
Во 2019 година управата на скијачкиот центар, во име на на наводен напредок и просперитет,како што ветуваше ,изврши преименување на центарот од Скијачки Центар “Заре Лазаревски” во “Ski Resort Mavrovo”.
Скијачкиот центар името “Заре Лазаревски” го доби 1989 година со одлука на општина Гостивар,непосредно по неговата смрт, во негова чест и поради особени заслуги во изградбата на овој центар.
Не смее да се заборави! Скијачкиот центар е исклучива заслуга на Заре Лазаревски кој со својата идеја и визија во далечните 60 ти години, започна со изградба на центарот, почнувајќи од стазата и скијачкиот дом преку жичарата едносед, па се до она што во моментот постои таму. Тој со својата идеја и визија успеа да мотивира многу поединци, органи, организации од тоа време, да дадат свој придонес, гледајќи дека нивната помош се отелотворува во грандиозно дело од општа корист. Центарот го создаде, како основа не само во спортот и туризмот, туку и за егзистенција на населението во Маврово, кој патем се цени како пасивен.
Скијачкиот Центар во тоа време се викаше “Смучарски центар Маврово”. Беше прогласен за најдобар центар на просторот на тогашна Југославија. Имаше прва осветлена стаза за ноќно скијање, прва машина за тапкање снег и многу содржини кои го чинеа уникатен, за да во два наврати го освои признанието – најдобар центар од “Илустрована Политика” .
Заре Лазаревски го создаваше, но и унапредуваше центарот континуирано. Така, во периодот од 60-те до 80-те години, во негова организација, се одржаа повеќе меѓународни натпревари во алпско скијање и тоа Европско првенство за жени, “Балкански Шампионат”,Југословенско првенство како и многу натпревари од републички карактер помеѓу кои и “Ноќна Снегулка”.
Ова придонесе за меѓународна афирмација на Македонија, а за Мавровскиот крај и населението можност за добра егзистенција.
На сето ова Заре Лазаревски ,волонтерски, го посвети поголемиот дел од својот творечки живот, од љубов кон својот роден крај од каде во 1941 година замина во партизани. По ослободувањето целото свое битие го посвети на развојот на Мавровскиот крај.
Споменикот, кој е сега уништен, е исто така една од идеите на Заре Лазаревски. Изграден е по негова иницијатива и обезбедени средства, за да се одбележи формирањето на Мавровскиот партизански одред во кој и самиот учествуваше.
Богатството на идеи на Заре се огледа и во иновациите кои ги имаше центарот како и во естетиката на објектите кои се изградени а проектирани од тогаш најпознатите архитекти во Македонија.
Покрај многубројните државни признанија кои ги имаше добиено за својата работа ,на Заре особено му беше драго признанието од г-дин Artur Doppelmayer,сопственикот на најпознатата фирма во светот за жичари, со кој беше личен пријател. За успехот и пожртвуваноста на Заре сведочи и признанието од г. Допелмајер, кој по пуштање во употреба на двоседата жичара ја симна капата од главата (капа на скијачки сојуз на Австрија чиј преседател беше) и му ја даде во знак на почит за трудот и заложбите да на Македонија и Маврово им остави модерен и успешен скијачки центар.
Историјата на човештвото и напредокот е сочинет од идеите и придонесот на успешни поединци. Споменот и чествувањето на тие луге значи дека сме ја разбрале нивната идеја и спремни сме да продолжиме и да ја надградиме. Спротивното значи враќање на прапочетоците со крајна неизвесност за тоа дека можеме да го достигнеме успехот и големината на тоа што било веќе постигнато.
Од овие причини јас како син на Заре Лазаревски и сведок на тоа како изгледаше изградбата на овој центар сум разочаран од одлуката на управата да изврши преименување на центарот и особената негрижа за споменот на Заре Лазаревски како и од раководството на општината Маврово-Ростуше на чија територија спаѓа центарот. Ова особено што сите објекти и инфрастуктура која е изградена потекнува од Заре.
Веројатно раководството разбира која е тежината да создадеш и освоиш нов терен за скијање,со оглед на тоа што за овие 20 години,колку се сопственици, не успеаја да освојат ниту еден нов терен. Од 70 те години постои проект и макета за развој на скијачкиот центар, изработен од швајцарски експерти кој ќе ги опфати планините над Ниќифорово како правец на натамошно ширење. Тоа беше последната идеа на Заре – да го реализира овој проект, но за жал беше спречен од прераната смрт.
Како семејство на Заре Лазаревски единствена желба ни беше и е делото на нашиот родител, за кое даде голема жртва, да продолжи и да се надоградува, а со тоа и неговата заслуга да живее.Од тие причини во 2000 година дадовме подршка на новиот сопственик, не барајќи ништо за возврат, освен да се негува споменот на Заре.
Сведоци сме дека се вршат само козметички промени со цел да се избрише историјата и заслугата. За жал, тоа укажува на безидејност и нема да придонесе за враќање на стариот сјај на Маврово.
П.С. Последна информација за направеното и за иднината од Заре Лазарески 21.12 1988 година.
Од ресорт Маврово пак реагираа и рекоа дека ќе ги преземат неопходните мерки за постаментот на Чемерски да го вратат во првобитната состојба.
Ресорт Маврово како одговорна компанија која се грижи за природните и културните убавини на Маврово ќе ги преземе сите неопходни дејствија за да го врати бетонскиот постамент на мозаикот на Глигор Чемерски во првобитна состојба.
Фонтаната заедно со постаментот на мозаикот беа во многу лоша и запуштена состојба. На самиот постамент имаше испишано недолични пораки чие место не е до уметничкото дело на Глигор Чемерски за кој имаме огромна почит како автор и уметник.
Како компанија ја исчистивме фонтаната и просторот околу постаментот кои беа оставени без никаква соодветна грижа. Фонтаната ја ставивме во функција за која што првично била намената. Со интервенција на постаментот која не го оштетува мозаикот, сметавме дека не само што ќе ги отстраниме недоличните пораки, туку и ќе ги привлечеме посетителите на Маврово да дојдат на оваа локација и да го видат преубавиот мозаик на Глигор Чемерски кој неоправдано е оставен без соодветна грижа.
После реакциите и критиките за нашата интервенција, стоиме позади нашите акции и доколку постои некоја грешка ќе биде исправена. Ресорт Маврово која е општествено одговорна компанија секогаш ги слуша препораките и критиките за нашето работење и затоа ќе го врати постаментот во првобитната состојба.
Ги повикуваме сите оние кои сакаат да го видат ова уметничко дело да го посетат и заедно да работиме на негова популаризација. Но, најбитно од се е неговата заштита, да не остане без соодветна грижа и да не се доведе повторно во состојбата во која што беше, прекриен со недолични пораки и нефункционална фонтана исполнета со смет.