БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
Извршниот декрет на американскиот претседател Џо Бајден е токму тоа- да се закова и последната шајка на пријателството, со барање за ставање на крај на корупцијата
И што може да се очекува од најголемиот пријател на Македонија, а тоа секако била отсекогаш Америка, секако не удари, никако најболните точки да се разрануваат и потоа растргнуваат, за да се отстрани она диво месо, од кое одамна воздух се нема.
Потоа, да се расфрлаат парчиња, за да се означат патоказите, криви, раштркани насекаде, за да се заврши право во бездната, од каде нема враќање. Така само може да се види вистината до гола коска, да се види до крај гнилоста која нѐ разјадува премногу долго за да се проговори за неа.
Извршниот декрет на американскиот претседател Џо Бајден е токму тоа- да се закова и последната шајка на пријателството, со барање за ставање на крај на корупцијата.
Но, животот носи неверојатни пресврти и заплети, особено од оние кои најмногу ви помагале и ве поддржувале, како што е Америка, особено значајно кога ни било исклучително тешко и неизвесно, до крајна точка на целосен распад.
Единствено што може силно да се поддржи е барањето на Бајден за почитување на Преспанскиот и Охридскиот договор, како мировни и стабилизирачки фактори, за целиот регион, не само на оваа земја, како цивилизациски придобивки, пред сѐ во име на демократијата.
Сепак, најголемиот удар е нешто сосема друго- неговото инсистирање, нула толеранција за корупција за која тој говори, што и не е некаков опасен преседан, кој, најдобро е да не се сетиме, трае со децении, но, од кој секогаш излегувала како победник токму таа- гнилата до самата срж- корупцијата.
Таа, погледнете ја само неа, нејзиното величество- корупцијата- таа е мајката на сите владеења, нашата татковина и дедовина, нашиот исконски патриотизам заради кој се удираме во гради, додека не попукаат сите коски за да се стигне до црвјосаните, зафатени и најмали клетки од неа.
Велам, таа ни е сѐ што сакаме и посакуваме од секое отворање на очите, како да е последно. Таа е нашето, со срма ситно, филигрански извезено знаме, нашата утринска и вечерна химна пред која се поклонуваме, заради која се крстиме низ црквите и со солзи ги бакнуваме иконите, со кои заедно пееме молитви за спас на мафијата, за спас на вечната корупција.
Навлезена и вбризгана и во најмалата пора, како опасна по живот дрога, но без која не се може, без која не вреди ниедно легнување и станување, ниедно отворање очи и склопување, за да помине некако денот, нашата адреналинска приспивна песна, нашата крајна причина за постоење.
Она што сите нѐ плаши е дека иконите на груевизмот не се само на удар во тој проглас на Бајден за истребување на корупцијата – не е само Груевски, ниту пак само Мијалков. Нема да помине долго време, за Заев да сфати- дека ударите на старите пријатели болат до солзи и соголуваат до коска, но тоа е единствениот пат, тогаш кога сте го избрале само ќорсокакот.