БИЛЈАНА СЕКУЛОВСКА
Блерим Река, кандидатот за претседател на Беса и на Алијансата на Албанците, вели дека не може да се чека уште 20 години за Албанец да стане претседател на Македонија.
Изјава која заболува. Изјава во која читате дека Река, дека Албанците, дека луѓето кои имаат поинаква етничка припадност од македонската, луѓето во оваа земја кои не се Македонци, се чувствуваат како граѓани од втор ред.
Изјава во која се подразбира дека претседателската функција и изборот не зависи воопшто од квалитетите на Блерим Река, или пак, од неговите слабости, несоодветност за кандидат, од квалификуваноста за избор на достоен претседател.
Зависи само од нечија поделеност. Од левата и десната хемисфера во мозокот, од нечие прифаќање или одбивање, на се што не е македонско, од едниот дел кој останал закоравен, закржлавен, неупотреблив. И така го зафатил и целиот мозок, кој не служи за ништо, никому, освен на оние кои само го носат како наш товар.
Зависи од историските хендикепи и старата балканска болка, да се мразиме, да не се поднесуваме, да си објавуваме големи или секојдневни ситни, подли војни, да испишуваме читанки за историските походи во кои уште живееме и го славиме, кутрите ние.
Да вееме со знамињата дури и по домовите, да палиме туѓи, на соседот, на довчерашиот побратим ако треба, но, којзнае како не учеле низ вековите, дека тоа така мора да изгледа на овие простори.
Ние знаеме само да се пресметуваме меѓуебно, да се кошкаме, да се подбуцнуваме, да ни вријат градите, носејќи туѓи глави на копјата, оние кои не го зборуваат нашиот јазик и кои замислуваме дека физички не ни наликуваат, па велиме со подбив дека нам ни се непознати tтие племенски остатоци, кои евентуално можт да завршат како музејски експонати.
Зависиме од националистичкиот порив, запишаната супериорност во ДНК материјалот, во вечното и античко потекло, во се останато да се гледа со омаловажување, понижување, инфериорност, грубост и дрскост, во очигледен фашизам.
Токму затоа, очекувам борбата на Блерим Река, мојата, на сите нас, да продолжи во заедничка држава, во која сите подеднакво, од првото одделение ќе се учат два задолжителни јазика- македонски и албански, а за некоја година подоцна, и задолжителни странски јазици по избор. Самот така, тие 20 години кои Река ги споменува а сите ги носиме како товар ќе ги пречекориме, само тогаш кога ќе имаме храбри лидери, но и ние сите ќе станеме храбро општество, еднакво, праведно, вистинско.години, за Албанец да стане претседател на Македонија.