АТАНАС ВАНГЕЛОВ
(ЗА ЕДЕН МАЛКУ ПОЗНАТ ИНЦИДЕНТ ОД ЖИВОТОТ НА КОНЕСКИ)
Конески бил нападнат од една група на самиот влез во неговиот дом. На моето прашање: зошто за тој срамен, дивјачки чин, не била известена јавноста, тој ми објасни дека таква била волјата на Конески: „Има раздор меѓу Македонците. Кој ќе го смири тој раздор?“
Додека сè уште работев над својата книга „Лирската биографија на Конески“, добив некои податоци за еден малку познат инцидент од живот на Конески. Податоците ги добив од човек (го изоставам неговото име) мошне близок до семејството на Конески. Тој изнесе дел од тие податоци во еден кус коментар кон еден мој ФБ-пост. Според тие податоци, Конески бил нападнат („натепан“) од неидентификувана група, пред самиот влез на неговиот дом. До тоа дошло ден по „некоја трибина“ на која зборувал тој, а на која рекол дека македонскиот јазик не бил „ни српски, ни бугарски“, туку еден засебен јазик со доволно разликувачки црти кои ја образуваат неговата посебност.
По тие, за мене, наполно непознати податоци од животот на тој sui generis, прв човек на нашата наука за јазикот, уметничка литература и модерна култура, побарав средба со неговиот роднина до која и дојде. Од разговорот со него дојдов и до некои дополнителни податоци. Дознав кога и како дошло до тој инцидент и, посебно, зошто за тоа малку (поточно, воопшто не се) зборувало во јавноста. Укажувам на тој важен детаљ затоа што ја исклучува можноста дека, до тој инцидент, би можело да дојде на патот од Филолошкиот факултат до МАНУ, како што помислив веднаш, кога чув нешто за него.
Според тоа што можев да го дознам од мојот извор, инцидентот се случил некаде во декември 1992. Значи, една година пред неговата смрт. Јас не се сеќавам за некоја „трибина“ од декември во таа година. Можам да потврдам, меѓутоа, дека, во тој декмври од 1992 се одржа еден симпозум во чест на проф. Кирил Пенушлиски, на кој зеде учество и Конески. На тој симпозиум Конески настапи со кратко, научно соопштение – „Сонце Бонце“ кое, следната година, го објави во својата книга „Светот на песната и легендата.“ (1993) Со оглед на тоа што тој, веќе, тешко се движеше, постојан придружник му беше писателот Венко Андоновски кој, откако заврши (околу пладне) првата сесија од тој симпозиум, го допрати до МАНУ. Се сеќавам добро дека, потоа, Андоновски со доста возбуда ми зборуваше дека Конески не му допуштил да го придржува кога требало да ги искачи скалите на МАНУ: „Сакам да си ги испробам силите,“ му рекол тој на својот млад придружник.
Јас го запознав својот извор со мојата претпоставка и тој се согласи дека тоа се случило тогаш, кон „половината на декември.“ Потсетив дека, со оглед на тоа што тешко се движеше, тој одеше од МАНУ до дома и обратно со возило, што исклучува можност да се случило тоа на потегот МАНУ – неговиот дом. Не можело да се случи ни на потегот Филолошки факултет – МАНУ, затоа што тогаш придружник му беше писателот Венко Андоновски. Тој рече дека до тоа дошло на самиот влез во неговиот дом. На моето прашање: зошто за тој срамен, дивјачки чин, не била известена јавноста, тој ми објасни дека таква била волјата на Конески: „Има раздор меѓу Македонците. Кој ќе го смири тој раздор?,“ му рекол нему, но и на сите оние што сакале да го пријават тој инцидент во МВР. Тоа се зборови кои многу личат на Конески.
И јас мислам дека, секој обид да се детализира тој срамен и гнасен чин, само би долеал масло врз огнот на тој „раздор“ кој пламна кон почетокот на 1990. Но не помалку сум уверен дека „молкот“ за такви, срамни дела само ги зајакнува дивјачките, анимални пориви не само кај оние што ги прават, туку и воопшто. Тие стануваат масовен стил на однесување затоа што „молкот“ им дава некој вид легитимитет. Логиката е: ако може да помине тоа „туку-така,“ зошто да не помине и следното? Уверен сум, исто толку, дека и најгорката, најнепријатна вистина е сепак подобра од слатката илузија која убива неусетно а сигурно, како бавен отров. А горка, непријатна вистина е: на дело е чин на автодеструкција (Е.Фром), верзија на некогашните политички убиства од 30-тите години на минатиот, 20-ти век. Од тие причини јас мислам дека, по толку години, сè уште има смисла да се стори сè што може за да се дојде до вистината за тој инцидент од 1992. И не само тоа. Сите ние, кој повеќе, кој помалку, имаме свој долг кон Конески. Со своето дело тој е веќе „во нас.“ А кога некој гази и фрла кал врз тоа дело, дали не фрла кал врз самите нас? Нема ли ама баш ништо да сториме кога некој фрла кал врз нас? Од тие побуди и во име на тоа ги пишувам овие редови.
(продолжува)