БОЛНИТЕ ЛУЃЕ (3)
За еден инцидент од животот на Конески за кој малку се знае.
Како дошло до тоа? Како воопшто можело да дојде?
Очигледно, тука не се работи само за дивјачки удар врз достоинството на „постанат старец,“ како што вели Конески во поемата „Одземање на силата.“ Тука се работи, пред сè и над сè, за удар врз живиот симбол на идентитетот Македонци и Македонија. Еден симбол кој (какво чудо, каква дрскост!) уште и чекори, на две нозе, дише и, дури, зема збор на јавна трибина на која вели дека македонскиот јазик не бил „ни српски, ни бугарски,“ како што сведочи мојот извор.Тој мисли дека таа анонимна банда „мизерни мршојади“ го сторила тоа по налог на една политичка партија (тој ја именува), што е веројатно. Зошто? Затоа што таа слепо следи „мисла“ на шеф на политичка партија (Љ. Георгиевски) која е, за неа, повик на молневита, безмилосна акција.
Токму во тоа време тој шеф грми: „Ние сме го прифатиле речиси во целост српското писмо и голем број српски зборови.“; „Тоа го направи […] акадeмикот Блаже Конески, експонент на српската политика во Македонија. Но, ете, го славиме човекот што го продаде македонското писмо и јазик.“ („Старт“ од 19 август 1990). Дури и да немало налог од политичка партија, отровната духовна атмосфера, чедо на некрофилскиот аманет на главорезот В. Михајлов кој сега зборува низ устата на Љубчо Георгиевски е тој што турнала банда „мизерни мршојади“ кон нејзиниот срамен подвиг – да му дотера ум на тој што го продал „македнското писмо и јазик.“ А таа и го прави тоа. За да се прослави? За да му се допадне на „војвода“ кој, со својот михајловистички ум и слово вели дека од „предавник“ бил „создаден еден од најголемите македонски култови?“ Таа банда си зема на себе да го урне и згази тој „култ“ кој сè уште чекори и дише. Неопходно е тука, со оглед на тоа што досега се рече, да се оцртат барем контурите на таа отровна атмосфера, а потоа и профилот на тие болни „од самите себеси“ луѓе, како што ги опишува големиот филозоф на витализмот Ф. Ниче.
Во текот на целата 1990 година беснееше гнасна, хистерична кампања. против Конески како човек и лингвист кој, наводно, го „србизирал“ македонскиот јазик. Таа теорија со брада ја лансира Политбирото на БРП(к) во далечната 1948., а подизведувач на работите беше никој друг туку организациониот секретар на БРП(к) Героги Чанков. Веќе кон крајот на таа иста, по многу нешта драматична и опасна 1948, Конески ја разобличи таа ѓоа-теорија со брада на воскреснатиот „велкобугарски шовинизам“ со примеси на „расисизам, „како што кажа во својата систематска и богато документирана полемичка расправа „По повод најновиот напад на нашиот јазик.“ Конески не се стеснуваше, на самиот почеток од својот вехементен полемички одговор, да каже дека тоа било „прилог повеќе во редот на невоздржаните напади против нашата земја и нашето водство што уследија“, како што рече, „од различни страни по донесувањето на резолуцијата на Информбирото.“
Нашите уникални и манијакални (А. Спасов) првоборци за слобода на окованиот дух на македонскиот јазик во српски демир-пранги абер си немаа дека воскреснуваат одамна покојна великобугарска доктрина, што и не е чудо кога се во прашање аналфабети од прв ред, а за кои некои прашање, одамна општи места на теоријата за јазикот, се tera incognita. Сите тие „страхотно“ уникални и манијакални првоборци беа под команда на не помалку уникалниот филозоф Димитар Димитров кој, во тоа време, беше шеф на Центарот за комуникација на ВМРО-ДПМНЕ. Во тоа својство тој филозоф секако учествувал во „креацијата“ на програмата на таа политичка партија која се заложи за „целосна реформа на македонскиот литературен јазик.“ Има смисла тука да кажам дека, зад таа идеја за „целосна реформа,“ стојат (за жал!) и некои видни луѓе до кои особено држам, кои ги ценам и за кои сум пишувал и напишал многу.
Располагам дури и со документи. Се работи за фотокопии од писма на еден од тие видни луѓе. Тој предлага, во нив, ни помалку ни повеќе, свој нацрт за нова, „реформирана азбука.“ За победата на таа кауза во јавноста требало да се „впрегне Вангелов,“ небаре тој Вангелов е бесловесно живинче. Токму така стои во едно од тие писма кои ги добив на увид од нивниот сопственик. При овој повод ќе кажам само толку: како вие, кога имате в рака такви документи, да не помислите дека токму тој човек, од длабока сенка, ги влече конците на тие што дивјачки плукаат по импозантно дело на човек кому му појде од рака да вклучи мала, периферна земја и нација, во светот на светската култура? А јастребите-реформисти Димитров, Георгиевски, Димовска, Милошоски? Тие се мизерни марионетки чии конци ги држи раката на мајстор во сенка. Сега ми паѓаат на ум стихови од песната „Претеча“ на Конески: „Јас говорам општо за состојбите.“; „Тој што ќе дојде по мене ќе кастри со сор.“ Не знам дали јас сум еден од тие што кастрат “со сор“. Но дека би сакал да бидам, тоа добро го знам.
Човекот во кого со години сум имал доверба, не се колеба да ја употреби формулата „да се впрегне Вангелов.“ Тој очекува таа формула да дојде до мене? Кога ќе дојде (ако дојде!), нема да се колеба да рече: тој само „тестирал“ лик на кој му – пишува! Тој, исто така, добро знае дека формулата „да се впрегне Вангелов“ е манипулативна на најдолен можен начин! Згора на тоа, таа е уште и неподносливо понижувачка! Ако му го кажеш тоа, како што сум постапил при други поводи, тој ќе го повика својот „демон тажна и нагла иронија“ (Достоевски) и, на тој начин, ќе те понижи уште еднаш. А можеби се одмаздува за моите студии за делата на Конески? Од нив се гледа дека повеќе ги ценам од неговите за кои, исто така, сум пишувал многу. Тоа е „човечки, премногу човечки“, како што вели големиот филозоф на иморализмот Ф. Ниче. Така мислев тогаш, така мислам и сега!